Номадот Ацо Шопов, 11

Паралелите меѓу поетиките на Сенгор и на Шопов се неизбежни, но и лесно согледливи дури кога станува збор за оддалечените, пошироки културолошки контрасти од кои потекнуваат. Како што пишува Тодорова: „И во обата поетски светови се трага по корените и полнотата на сопствениот идентитет, преполн со одречување и од другите и со векови асимилаторски традиции, во поднебја на испреплетени етнички, религиозни, цивилизациски корења: Македонија и Балканот на Шопов – Сенегал и Африка на Сенгор. И обајцата се запираат пред европоцентричното седиште, како можен излезен, но не и дефинитивен хоризонт. И обајцата се свесни дека пресудните битки за изразување на идентитетот се одвиваат во јазикот – а дека поезијата, уметноста – останува дефинитивна татковина“.

Како и секој приврзаник на една потолерантна варијанта за порозноста меѓу искуствениот и фикционалниот свет, се согласувам дека поетовиот универзум често е хранет од најконкретни доживувања, кои посредно влијаат и врз конституирањето на неговиот поетски израз. Кај Шопов овој степен на зависност со кој исечокот на интимната стварност се преобликува во стих е различен во одделни периоди – оттаму и поделбата на поетски фази (интимистичка, метафизичка…) во неговото творештво.

Свежоста на африканското искуство влијае врз одолжениот здив на неговиот здив во неговиот стих, што за разлика од концизноста на двете претходни збирки, во „Песна за црната жена“, како и во последната книга „Дрво на ридот“, се доближува до поетска проза. Поетскиот „случај“ Сенгор е уште поинтересен – произлезен и израснат среде вонредно жива и инспиративна долговековна народна традиција, тој создава на јазик од друг континент, на француски, на кој се обликувал како ученик и студент и чии можности за писмено изразување му се наметнале како супериорни. Сенгор се востоличува во хиерархијата на францускиот јазик и поезија (станувајќи член на Француската академија на бесмртниците), градејќи ја својата колипка од зборови во плодната почва на францускиот јазик.

Колку е голем светот!
Еден под Исарот,
друг на Океанот.
Два света, две борилишта,
две различни животни светилишта.
А минува карванот…
Колку е светот мал!

Жоал и Штип – зближени во првиот неизбежен, неопходен контакт со Азбуката, со Писмото, во почетничките наивни обиди, во првичниот порив духот на нештата да се дофати во јазикот, што години подоцна ќе се изроди во две импресивни геопоетички патувања. Можеби и со првиот отпор на идниот номад, роден од судирот со репресивниот Татко, сценарио не толку ретко (По, Бодлер, Кафка…), како што е и она со отсутниот Татко (Хелдерлин, Ниче, Достоевски…) кај опсесивните истражувачи на темниот човечки свет. Но градот под ридот Исар и оној другиот, илјадници километри оддалечен, на брегот на Атлантски Океан, се и делови од еден ист град на поетичката географска карта, зашто преку имагинативниот спој од ѕвездениот мост се симболизираат две можни сродни преживувања во големата поетска авантура, кога очајанието се премавнува со мистичен восхит, а небиднината воскреснува низ зборот.

Несомнено е дека Шопов „својата“ Африка ќе ја препознае во сублимираната Африка во поезијата на Сенгор. Читателот во песната на Сенгор го пронаоѓа гласот на дијали, народниот пејач, мудрец и врач, поетот пак – својот полиморфен собрат.
Главата му е корен во земјата на Црна Африка
што се храни со сокови и легенди и преданија.
Мислата му е разлистена како
Раскошна крошна
Над земјата наборена од суша и жед.

(продолжува)