Номадот Ацо Шопов, 10

Во истражувањето „Негроафриканскиот свет во поезијата на Ацо Шопов“, Лилјана Тодорова наведува неколку африкански „содржини“ кон кои Шопов пројавил посебен емоционален однос:
– баобабот, дрвото на животот или џиновското свето дрво што со своите лисја, плодови и лековита кора ги заштитува луѓето од треските во тропските предели;
– фламбоајаните, тропско дрво (еден вид багрем) од Антилите што со своите црвени цветови оддалеку личи на пожар, го означува најтешкиот климатски период пред дождовите и пред пустинскиот ветер арматан. Фламбоајантен, во значење блескав, сјаен, се користи за луѓе што привлекуваат со својот особен стил на говорење и однесување;
– ивернажот, тропски пороен дожд;
– там-тамот;
– маската.

Мотивската свежост во „Песна за црната жена“, поттикната од засилената духовна и емотивна комуникација со изразито експанзивниот архетипски свет на Црниот Континент, потполно се вклопува во изградениот поетички систем на Шопов. Поетичката компактност е обично збогатена од африканските „содржини“ и во поглед на убедливоста на ритамот низ стиховите (иако кај неосимболистот Шопов музичкиот принцип во градењето на песната отсекогаш бил важен). Африка не донесува промени во постојното кредо на Шопов, но таа е инспиративен предизвик неговата поезија да се испроба во новата географија. Книжевниот облик кај Шопов веќе беше складно адаптиран, особено во „Небиднина“ и „Гледач во пепелта“, кон неговата подвижна сознајна страст по загадочното, недоиспитаното устројство на постоењето.

Во Африка Шопов ќе ги продлабочи духовно-космогониските увиди во сакралниот простор на песната, наметнати од големите води на океанот, од древните анимистички верувања, култови и приказни, од властодржната цикличност на природата и од моќната архетипска вкоренетост на женското начело во спектарната суптилност на доживувањето. Спонтано се прифаќаат како сродни на сопствената поетика забелешките на Шопов што го афирмираат творечкиот однос на неговиот собрат Леополд Седар Сенгор кон родната Африка: „Еден духовен свет, лоциран на мал географски простор како што е крајот на Серерите во Сенегал, израснува пред нашите очи во свет со универзални димензии и универзално значење.

Со магичноста на поетскиот збор, Сенгор го преобразува овој свет во исклучив поетски универзум, секому близок и достапен. Отфрлајќи ги сите надворешни, да не речеме туристички белези што го прават за многумина привлечен и атрактивен, стремејќи се да ги открие внатрешните својства и состојби, Сенгор успева да ни даде една своја поетска визија на духовните бранувања и вредности на Црниот Континент, растреперен од живи бои и светлини, необични шумови и крикови во шумите и саваните, длабоки и неуморни удари на срцето и крвта“.

Африка, поточно Сенегал како репрезентативен топос на мистичната, митска, но и сонувана Африка е пределот во кој Шопов ја обновува мистеријата на својата поетска мисија. Овој пат чудесниот поттик од јадровитата енергија на пределот ќе се совпадне низ преплетувањето на една силна, сродна геопоетика – онаа на Леополд Седар Сенгор. Совпаѓањата што претходеа и што на свој начин ја навестуваа средбата се видливи уште од насловите на дотогаш објавените стихозбирки.

Сенгоровите „Песни од темнината“ (1945), „Црни причесни“ (1948), „Ноктурно“ (1961) се инспирирани од мистичната, темна интерпретација на природата во контактите на опипливото, видливото со невидливото, сакралното. Предаден на древниот логос, поетот и самиот станува (со)учесник во иницијалниот чин, во кој ноќноста, анимата, интуицијата се подразбираат како иманентни. Поетовиот творечки и животен циклус е интегриран, монтажиран во космолошката цикличност – оттаму дуализам меѓу трошното, минливо тело и телото-космос. Крвта, здивот, сетилата се моќни спроводници на високата спиритуална енергија кога, елијадовски кажано, Господ станува телесен.

Жено гола, жено црна!
Пеам за твојата убавина што
поминува, за обликот
што го зацврстувам во вечноста
Пред љубоморната судбина да те
претвори во пепел
за да ги нарани корењата на животот.

Во средбата со црната жена, Сенгоровата femme noire, поетот Шопов од вџашен дојденец се преобразува во поклоник („неусетно паѓам и тонам во твојот сон/како афричко сонце во океанот“). Всушност, повеќе станува збор за препознавање отколку за преобразба. Црната жена го оличува примарниот, архетипски модел на суштествување на макро (оној во кој телото егзистира) и микро (оној што егзистира во/низ телото) космос.

(продолжува)