Номадот Ацо Шопов, 1

… Поетот во песната е како во смрзната пештера, како во непрегледна шума, каде што, наместо дрвја, лежат огромни расфрлени и скаменети зборови. Тој е оној што треба да ги спаси од смртта, да ги разбуди од скаменетиот сон, да ја оживее шумата, за да почне дрвјето да оди…
„Поетот треба да ги разбуди зборовите“, Ацо Шопов
Во збирката „Слеј се со тишината“, која при етапното согледување на поетското творештво на Шопов се сместува во т.н. „интимистичка“ фаза, се издвојуваат неколку возбудливи и сублимни минијатури, кои содржат сликовита концизност, ретка и кај мајсторските кратки поетски форми, какво што е, на пример, јапонското хаику. Освен најпознатата „Слеј се со тишината“, меѓу овие едноставни според изведбата, раскошни по ефектот песни е и двопотезната „Лист“.

Се откина од гранката сам, полека и несетено и остана во воздухот да лебди така.
Мислејќи дека е жолта пеперуга, детено
Пружи по него рака.
И не се измени ни со прелив мал на есента божилото.
Само гранката задржа скриена жал, жал за зеленилото.

Сѐ е насочено, слично на класичната јапонска шема, кон единственоста на впечатокот: каде (место), што (објект), кога (време). Есента, пожолтениот лист што паѓа, човекот што себеси се гледа низ тоа паѓање. Заемното доживување што го преовладува судирот меѓу надворешниот и внатрешниот свет. И наивниот обид на детето да ја дофати жолтата пеперуга станува учество во бавното паѓање на листот. Двете строфи сплотени во согласјето меѓу видливото и невидливото, меѓу кои се премостува и паузата. Како и тишината, една од основните одлики во поетиката на Шопов е исчекувањето, паузата. „Во кратката песна, различноста е жртвувана на сметка на единството“, оцената на Октавио Паз важи и за минијатурите во „Слеј се со тишината“, но во никој случај, како и во севкупната поетика на Шопов, тоа не значи дистанца. Напротив, како што веќе забележал Ефтим Клетников, постојано е, во една поширока смисла, „присуството на автобиографското во целокупната поезија на Ацо Шопов… таа поетска (авто)биографија е скриена во формата, во строгиот ред на чиста поетска мисла…“.

(продолжува)