Концертот „Мелем песна“ на хорот и оркестарот на „Танец“, кој ќе се одржи на 16 јули, во 20 часот, во „Сули-ан“, во рамките на „Скопско лето“, е дел од новата сезона на ансамблот, симболично наречена „Враќање“, во чест на стогодишнината од раѓањето на Блаже Конески, но и во духот на почнувањето на новиот сценски живот по пандемискиот застој. Овој концерт во рамките на фестивалот „Скопско лето“ е петти во низата концерти на отворено од првата летна вокално-инструментална серија, кои се одржуваат во пет македонски града – Велес, Прилеп, Македонска Каменица, Кавадарци и Скопје. По нив, „Танец“ ќе ја започне и втората серија од три големи музичко-сценски концерти, наречена „Танец под ѕвездите“, на фестивалите во Струмица, Охрид и во Битола, на кои настапуваат оркестарот, хорот и солистите на ансамблот „Танец“.
„Танец“ е првиот професионален фолклорен ансамбл во Македонија, кој е формиран во 1949 година, за да ги собира и негува македонските традиционалните песни и игри, народните носии и инструменти, и преку соодветен уметнички израз, сценски да го поставува и претставува она што е највредно од богатата ризница на македонскиот народ. „Танец“, чие име го симболизира македонскиот народен танц (оро), е амбасадор на македонската народна уметност и култура каде и да се појави – без разлика дали е на најоддалечените континенти или меѓу неговите сонародници и во странство и дома. Како конзерватор на уметноста и жив и подвижен музеј на нашето културно богатство, „Танец“ ја шири низ светот убавината на македонските танци и песни, оставајќи свој белег на сцените во Азија, Америка, Австралија, Африка и секаде низ Европа. Во текот на 72-те години од своето постоење, „Танец“ има учествувано на повеќе од 5.000 концерти и фестивали, пред преполните концертни сали во Њујорк, Сиднеј, Мелбурн, Тел Авив, Рим, Париз, Лондон, Монтреал, Торонто, Аделаида, Мелбурн и многу други.

Ансамблот „Танец“ поседува уникатна збирка на оригинални традиционални носии, со исклучителна вредност и убавина, од различни региони во земјата (повеќе од 2.000 автентични носии), така што секој концерт ѝ нуди уникатно аудиовизуелно искуство на публиката низ светот. Репертоарот се состои од повеќе од деведесет кореографии и неколку стотици вокални, инструментални и вокално-инструментални творби, преку кои ансамблот ги претставува разновидните регионални музички и кореографски стилови на богатиот македонски фолклор. „Танец“ е ансамбл што е познат и почитуван во целиот свет, кој ужива посебен углед поради професионалниот пристап и автентичноста на репертоарот. Има 40 професионални танчери, 20 пејачи и 20 инструменталисти, кои лесно се комбинираат во различни формации.
„Танец“ за својата седумдецениска дејност има добиено голем број награди и признанија, меѓу кои гранд при на Интернационалниот фестивал во Ланголен, Велика Британија, потоа „11 Октомври“, „13 Ноември“ „Св. Климент Охридски“ и „Орден за заслуги за Македонија“.