Шиао Јанг, кинеска фотографка

Пред да дојдам во Македонија, веќе имав посетено многу земји од поранешна Југославија, за фотографирање споменици. Македонија се наоѓаше на мојата листа веќе долго време. Мојата оригинална цел на фотографирање беа споменици во Македонија. „Македониумот“ е најимпресивен од сите, одличен и оригинален дизајн, вели Јанг

Фотографиите на кои се прикажани споменици, напуштени локалитети и заборавени градби во Македонија, но во сосема ново и надреално светло, ја занемеа македонската публика. Изминативе неколку недели, фотографиите на кинеската фотографка Шиао Јанг ги преплавија социјалните мрежи, а луѓето не престануваат да зборуваат за девојката што направи нашите заборавени и напуштени локалитети да изгледаат прекрасно, како сцени од научнофантастичен филм. Јанг, по потекло од Пекинг, сега живее и работи во Шпанија, е дел од кинеската компанија „Киер.ком“, едно од најголемите кинески онлајн-здруженија за патувања. Досега таа посетила повеќе од 40 земји во светот, а нејзините фотографии се објавени во многу магазини, весници и книги: „Фотографик травел магазин“, „Н-фото“, „Травелерс“, „Бејџинг ривју“ и други. Во фокусот на нејзиниот интерес најчесто се бруталистички објекти, а по посетата на Македонија, таа специјално за „Нова Македонија“ открива повеќе за својата работа.

Деновиве сте многу популарна во Македонија. Вашите фотографии од Крушево, Гевгелија, Прилеп и од Отешево се раширија низ македонските социјални мрежи…
– Пред да дојдам во Македонија, веќе имав посетено многу земји од поранешна Југославија, за фотографирање споменици. Македонија се наоѓаше на мојата листа веќе долго време. Мојата оригинална цел на фотографирање беа споменици во Македонија. „Македониумот“ е најимпресивен од сите, одличен и оригинален дизајн. Исто така го посетивме и напуштениот хотел „Европа“ во Отешево, додека престојувавме во Охрид. Ми се допаѓа Охрид, езерото е убаво, а храната е неверојатна. Но имаше премногу метеж и беше премногу туристичко место за мене. Тогаш заминавме за Отешево и го посетивме хотелот „Европа“. Неговата структура е вистински бисер. Го истражувавме хотелот прекуден и останавме таму до доцна во ноќта. А споменикот на Преспанскиот совет е веднаш во близината. Една недела пред да пристигнам во Македонија, го открив мермерното езеро во Прилеп, Беловодица. Сум била во неколку рудници досега, но никогаш не сум видела толку голем рудник со кристално сино езеро. Ноќниот поглед е прекрасен и целиот Млечен Пат виси над езерото. За патувањата низ Македонија морам да ја споменам и да ѝ се заблагодарам на мојата пријателка Ди Жоу, која се појавува како модел во моите фотографии. Таа е прекрасна девојка, со одлична смисла за хумор, донесе многу смеа на тоа патување и го направи незаборавно.

Како започна вашата приказна, кога започнавте да патувате и дали вашата страст за патување и фотографијата отсекогаш биле испреплетени?
– Мојата прва ДСЛР-камера ја купив кога имав 24 години додека бев во Камбоџа. Тоа беше и моето прво соло-патувачко искуство, затоа мислам дека мојата страст за фотографија и патувањата отсекогаш биле испреплетени. Моето прво успешно искуство со сликање со светлина во напуштен локалитет беше за време на престојот во Бугарија, во 2012 година. Мојот план беше да го посетам напуштениот комунистички споменик „Бузлуджа“, место што денес е многу популарно, но тогаш не постоеја многу информации за него на интернет. Затоа контактирав со британскиот фотограф Марк О’Нил, кој претходно бил на тоа место, за да добијам повеќе информации. Марк е одличен фотограф, со големо искуство во сликање со светлина и урбано истражување. На крајот станавме пријатели и почнавме да патуваме заедно. Ова патување во Бугарија претставуваше отворање голема порта кон сосема нов свет. Оттогаш, со Марк патувавме во многу различни држави, особено во балканскиот регион, па многу од моите фотографии се соработка со него. Инаку, фотографијата што се користи со техниката на сликање со светлина користи долга експозитура, отворена бленда и извор на светлина, кој се манипулира рачно и со кој се „слика“ во простор.

Што е она што ве мотивира, што сакате да кажете преку надреалниот начин на кој ги претставувате нештата околу вас?
– Одредени тематики значително ме интересираат: напуштени локалитети, бруталистичка архитектура, или споменици од масивен бетон и многу други урбани структури, како кули, бункери, подземни тунели. За мене, овие локалитети и структури се како скриени светски чуда, уживам да ги ловам и собирам овие богатства и да го повторувам тоа искуство. Tие се како љубов на прв поглед, во срцепарателна но романтична форма. Создадени од човекот во минатото, а напуштени од човекот во денешнината. На нив гледам како на градби што во моментот кога биле издигнати престанале да му припаѓаат на човекот и имаат свој живот. Не сум ги видела овие локалитети во нивните добри години, ниту пак имам контрола врз нивната иднина, дали ќе бидат напуштени, реновирани или демолирани. Единствено нешто што можам да го сторам е да ги ценам во моментот кога ги посетувам и да го трансформирам тој конкретен момент во нешто што ни припаѓа нам. Вечноста е нешто кон кое сите луѓе целат, а никогаш не ја добиваат во вистинскиот живот. Честопати кога сум на овие места и ги фотографирам ноќе, чувствувам дека градам врска помеѓу себе и нив, чувствувам колку неважни и осамени сме ние луѓето наспроти вечноста. Ако треба да го кажам во зборови она што сакам да го прикажам преку моите фотографии, тогаш „романтиката на вечноста“ е мојот одговор.

Што е она во овие места што ве привлекува толку многу?
– Тешко е да се одговори на ова прашање. Не можам да ја откријам вистинската причина. Единствено нешто што знам е дека кога сум на овие места, покрај возбуда и љубопитност, ме обзема и чувство на припаѓање. Ги чувствувам мирот и романтиката што ги барам. За сите овие години ги посетувам одново и одново. Тоа не е нешто што инсистирам да го правам, туку нешто што не можам да престанам да го правам. Чиста опсесија.

Како се одлучувате за вашите патувачки дестинации, дали патувате до одредена локација за да направите фотографија, или, пак, тие се случуваат спонтано додека патувате?
– Најчесто станува збор за приватни патувања, неповрзани со мојата работа, но морам да ѝ се заблагодарам на мојата компанија, која секогаш ги поддржува вработените да патуваат. Локациите ги избирам сама, истражувам и подготвувам план на фотографирање пред да стигнам на локацијата. Најчесто фотографирам додека патувам, но речиси секој ден го користам за истражување нови локации. Некогаш е тешко да се лоцираат овие места на мапа, па самата ги барам користејќи го сателитскиот приказ на Гугл мапс.

Се чини дека сте особено фасцинирана од ноќната фотографија и играта со светлина. Зошто е тоа така?
– Пред да научам „сликање со светлина“, веќе бев заинтересирана за ноќна фотографија, од моментот кога го видов целиот Млечен Пат од шпанскиот остров Менорка. Пораснав во Пекинг, каде што поради воздухот и осветлувањето не можев да уживам во чисто ноќно небо. Исто така, Марк О’Нил и фотографи од здружението за сликање со светлина ми помогнаа да научам голем број техники што ги користам во моите фотографии. За разлика од типичната урбекс-фотографија (урбано истражување), сликањето со светлина ми дава можност да креирам различен приказ на фотографираниот објект. Со контролирање на светлината и на бојата, можам да изберам кој аспект од објектот сакам да го презентирам. Ги трансформирам во моите фотографии и генерирам приказни што ми припаѓаат само мене.

Ви кажуваат ли луѓето дека вашите фотографии успеале да ги направат горди на нивната земја?
– Честопати слушам од луѓето дека им се допаѓаат моите фотографии, но ова е првпат да ми кажуваат дека тие ги прават горди на нивната земја. Тоа ми ласка премногу, особено како странски патник. Македонија има прекрасни места и луѓето што ги запознав за време на ова патување беа премногу фини. Чувствувам огромна благодарност што ме примивте во вашиот убав дом, ова е прекрасна земја на која треба да сте горди!

Дали постојат и други видови проекти на кои би сакале да работите?
– Темата на која работам сега, верувам дека е игра што се игра цел живот. Има премногу локации што допрва треба да ги откријам и осветлам ноќе, додека сум сѐ уште способна да фотографирам и истражувам, како физички, така и ментално. Се надевам дека во иднина сѐ уште ќе имам енергија да продолжам, како слоганот на мојата компанија „Патот никогаш не завршува“.