Новиот роман на славниот Ханиф Курејши, со наслов „Ништо“, е приказна за тоа како страстите, уметнички и еротски, пропаѓаат многу побавно од нашите органи и дека на чекор од смртната постела може да се почувствува страст, но и потреба да се остави уште некоја трага за сопственото постоење. Курејши од млада ѕвезда на филмската сценаристика, а потоа и проза, сега се појавува со роман во кој се занимава со староста.

Овој британски автор со пакистанско потекло, роден во 1954 г. во Бромли (тогаш гратче во близината на метрополата, а денес едно од лондонските предградија), прво пишувал сценарија за порно-филмови, под псевдонимите Антониа Френч и Карим. Потоа се испроба како драмски автор, а познато име стана на средината на 1980-тите, со фалени сценарија за филмови („Мојата мала пералница“). Човекот со репутација на одличен автор на сценски и филмски либрета, како прозаист дебитира во 1990 година, со денес култниот роман „Буда во предградието“. Книгата ја освои престижната награда „Вајтбред“ во категоријата на романескно деби и адаптирана е во телевизиска серија, чиј саундтрак го потпиша Дејвид Боуви.

Оттогаш Ханиф Курејши објави уште седум романи, неколку збирки кратки раскази и есеи, како и нефикциски книги. Закитен со цела низа угледни награди и признанија, и со француско и британско државно одликување, во меѓувреме успеа темелно да ги залади односите со добар дел од своето семејство, кои му забележуваат дека без скрупули пишува за нивните животи и ги претвора во книжевни ликови.

Романот „Ништо“, осми негов по ред, како да се повикува на неговите писателски почетоци. Се работи за приказна што се одвива во еден стан и во која учествуваат само четири драмски важни лика (и понекој епизодист). Нараторот е Валдо, остарен филмски режисер, кого го сметаат за еден од најголемите автори на своето време. Во најдобрите денови се дружел со Дејвид Боуви и Иман, Денис Хупер, а имал слава, популарност и пријатели. Денес е само сенка на сето тоа…

Накратко, „Ништо“ е приказна натопена со црн хумор, цинизам, безобразно забавна дури и кога се занимава со конечните прашања, книга со остри мисли со длабочина на поговорки, како и хумористични афоризми: „Нарцизмот е нашата религија. Стапот за самослик е наш крст и мораме секаде да го носиме со себе“, или „Ние уметниците сме слични на капиталистите, присвојуваме сѐ и крадеме животи“. Ова е краток роман за долго промислување.

Ханиф Курејши е еден од најинтересните британски автори, син на пакистански иселеник, кој меѓу првите во тамошната литература проговори за прашањата со расата. Неговиот роман „Интимност“ (1998), кај нас издаден од „Или-или“, се најде на филмското платно и освои две „мечки“ на Берлиналето. На одличен прием кај македонската читателска публика наиде и романот „Нешто да ти кажам“ (2008), кој го сметаат за еден вид пандан на „Буда од предградието“ – и двата романа претставуваат коментар на едно време, само што младешкиот занес на Карим од Буда е заменет со помирувањето со средната доба и сиот негов багаж на Џамал. На македонски е објавен и неговиот роман „Последниот збор“ (2014), кој, покрај главното дејство и можните метафикциски елементи, содржи и подлабоки промислувања за пишувањето, читањето и биографијата, како и нивната судбина во една, можеби, посткнижевна култура.