Современите интелектуалци од Источна Европа денес бараат одговори за некои црни дупки во поблиската историја на нивните општества. Романскиот режисер Жуде го прави тоа со своите последни документарни и играни филмови

Раду Жуде, романски филмски режисер

Стојан Синадинов

Најновото остварување на Раду Жуде, „Не се грижам ако во историјата влеземе како варвари“, говори за малку осветлената тема за нацистичкиот карактер на романските власти за време на Втората светска војна, кога убиле или испратиле во концентрациони логори околу 400.000 Евреи. Насловот на филмот е цитат изречен на Советот на министрите на Романија во летото 1941 година, по што романската армија, како дел од нацистичката војска, учествувала во масакрите на Источниот фронт.

Жуде во „Не се грижам ако во историјата влеземе како варвари“ (продуцентка на филмот е неговата постојана соработничка, енергичната Ада Соломон), прави своевиден „филм во филм“, коментирајќи ја од денешен аспект таа иницијална каписла на романскиот фашизам. „Не се грижам ако во историјата влеземе како варвари“ е и своевидна мала посвета на „Човек од мермер“ (1977 г.) на Анджеј Вајда. Главната протагонистка кај Жуде, Јоана Јакоб, е енергична режисерка, слично како и Кристина Јанда кај Вајда, која е постојано на работ на хистерија само да ја истера вистината на виделина – вината на дел од романското општество, кое и ден-денес не наоѓа ништо лошо во тој настан, малку експлоатиран во историјата на Романија.

Раду Жуде (41 година) неколкупати се обидувал да се запише на националната филмска школа во Букурешт, по што дипломирал режија на приватен факултет. Желбата да се докаже го носела од ангажманите како асистент на славниот Коста Гаврас во „Амен“ (снимен во Романија во 2002 г.), на Кристи Пују („Смртта на господин Лазареску“, 2005 г.) и режисер на телевизиски сапуници и реклами. Но откако го снимил играниот првенец „Најсреќната девојка на светот“, а потоа и „Сите во нашето семејство“ (2012 г.), романскиот нов бран добива нов херој. Во 2015 година за одличниот историски стилизиран „Аферим!“ ја доби наградата „сребрена мечка“ на „Берлинале“ за најдобар режисер. Следуваше „Срца со лузни“ (2016 г.), во сличен визуелен клуч како и „Аферим!“, по што го сними документарецот „Мртва нација“ (2017 г.).

Токму овој документарец, реализиран како микс од фотографиите – дел од богатата архива на едно фотографско студио во провинциско гратче во Романија – и сведоштвата за страдањата на Евреите запишани во дневникот на лекарот Емил Дориан, е филм-есеј, кој послужил како сценаристичка подлога за „Не се грижам ако во историјата влеземе како варвари“.

Жуде минатата недела беше дел од жирито што одлучуваше за најдобрите во натпреварувачката конкуренција на 59. Интернационален филмски фестивал во Солун, каде што и го водевме овој разговор. Можеби изгледа небитно, но и Ада Соломон беше дел од жирито на Агора на „Солунскиот фестивал“, кое на Вардан Тозија му додели награда – грант за постпродукција на неговиот нов филмски проект „М“.

Зошто вашиот нов филм „Не се грижам ако во историјата влеземе како варвари“ има толку долг наслов, по малку на шега го прашувам Жуде на почетокот на разговорот.

– Насловот е реченицата што е изречена на состанокот на романската влада во 1941 година, под водство на диктаторот, генералот Јон Антонеску, со која започнало истребувањето на Евреите, а подоцна и на Ромите, во Романија и на Источниот фронт. Ми беше потребна таа долга реченица бидејќи го покажува сето зло околу истребувањето на Евреите и Ромите и колку не им било битно како ќе останат запаметени во историјата, а истовремено говори и за иднината. Денес сме во таа иднина, а филмот е дијалог за тој историски факт – посочува Жуде.

Тој вели дека документарниот филм „Мртва нација“ и играниот „Не се грижам ако во историјата влеземе како варвари“ настанале паралелно, како продукт на неговите истражувања за судбината на Евреите во Романија за време на Втората светска војна.
– Следните два мои филма, игран и документарен, повторно ќе бидат на таа тема, бидејќи има толку многу материјал, кој не може да го обработите само во еден филм – наведува Жуде.

Мала дигресија. Студентскиот бунт во 1968 година не бил со исти барања во различни европски земји. Париските и белградските студенти и интелектуалци барале повеќе комунизам, и тоа од „кинески тип“; германските студенти првпат имале можност да ги прашаат родителите што правеле во Втората светска војна, бидејќи таа тема дотогаш била табу.

– Да, тоа е добра забелешка! – вели Жуде, за тоа дали современите интелектуалци од Источна Европа сега бараат одговори за некои црни дупки во поблиската историја на нивните општества, согласувајќи се и со забелешката дека иако неговиот филм „Аферим!“ е сместен во 19 век и говори за ропството на Ромите во феудална Романија, можат да се повлечат и некои споредби со актуелната доба.

Иако со првите два играни наслови беше „правоверен член“ на романскиот нов бран – минималистички изразни средства во описот на сивата актуелност – со „Аферим!“ и „Срца со лузна“ повеќе се занимава со темите во историски контекст. Ако „Аферим“ може да се нарече романски вестерн на пример, „Срца со лузни“ може да се оквалификува и како негов личен „чеховски“ пристап.

– Реализмот во првите филмови беше производ на фактот што реализацијата на такви теми беше поевтина. Да ги предложев „Аферим!“ и „Срца со лузна“ пред десет години, никој немаше да ми даде пари! И, да, на некој начин сте во право во врска со атмосферата а ла Чехов во „Срца со лузни“. Можеби тоа е атмосферата од неговите подоцнежни дела што содржат повеќе очај – смета Жуде.

Иако Жуде најчесто соработува со кинематограферот Мариуш Пандуру, речиси секој негов филм е различен според форматот и стилот.
– Сакам да истражувам, да најдам поинакви пристапи, во зависност од темата на филмот – се согласува Жуде.

Сепак, тоа што живее главно од снимање реклами кога не работи на филм, не влијае на неговата естетика. Со продуцентката Соломон се тандем како стари познаници и соработници.

– Секако дека е подобро да имаш постојана соработка со еден продуцент, многу е порелаксирано, бидејќи одлично се познаваме и знаеме како размислува другиот – вели Жуде за крај на разговорот.