Низа меѓународни награди, блескави критики од престижните „Вашингтон пост“, „Класикал гитар магазин“ од Лос Анџелес, „Дејли њуз“…
Одзивот на публиката и дома (Словенија) и во странство укажува на уметник што успешно балансира меѓу компонирањето и интерпретацијата

Нејц Кухар, словенечки наградуван гитарист

Нејц Кухар завршил магистерски студии по гитара на Виенскиот универзитет за музика и изведувачка уметност кај проф. Алваро Пиери и магистерски студии по композиција кај Рајнер Бишоф и Кристијан Минкович во Конзерваториумот во Виена. Во 2018 година почнува со докторски студии за музичко истражување на универзитетот „Сари“, кај проф. Стив Гос. Како гитарист и композитор, добитник е на голем број награди (први награди во Германија, Кина, Италија, Турција, САД итн.). Бил стипендист на словенечкото министерство за култура и на фондацијата „Галус“. Композициите на Кухар се објавени од реномирани издавачки куќи во Канада, Германија и во Италија, некои од нив се наоѓаат на неговото деби-цеде „Стринг модулации“, во придружба на виртуозот на гитара Мак Гргич.
Нејц редовно изведува солистички концерти, како и со „Еминентно дуо“ со виолинистот Моеко Сугиура, одржува мастеркласови и предавања, а е член и во жиријата на многу меѓународни фестивали за класична гитара (Лихтенштајн, Виена, Тајван, Сараево, Секау…). Во 2019 година е назначен за вонреден професор за гитара и современа музика на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Виена и во 2018 година за професор по гитара на конзерваториумот „Јозеф Хајдн“ во Ајзенштат. Покрај неговите активности како гитарист, композитор и професор, тој исто така е активен предавач, држејќи часови по компонирање за гитара на неколку универзитети во Европа и во САД, како што се престижната школа „Џулијард“ во Њујорк, музичкиот институт „Куртис“, Музичката школа на Менхетн, универзитетите во Виена и во Франкфурт и др.

Скопје и Македонија станаа многу возбудливо место за класичната гитара во регионот на Балканот. Дали сте возбуден што сте дел од годинешното издание на меѓународниот фестивал „Тремоло“ во Скопје?
– Многу возбуден. Веќе сум бил во Скопје, кога работев на проект со млади македонски композитори пред неколку години, и мислам дека градот е многу убав. Исто така, видов колку е жива и развиена гитарската сцена. Импресиониран сум од тоа какви професори по гитара имате.

Кога започнавте да свирите гитара и како таа стана ваша животна определба?
– Почнав да свирам многу доцна, во првите неколку години свирев само акорди и пеев. По периодот како пејач и текстописец, започна мојот период на металот, така што свирев и пишував свои метал-песни (за кои сметам дека се моите почетоци во композицијата). Значи, веќе бев добро завлезен во тинејџерските години кога решив да почнам да свирам класична гитара. Од една страна, тоа се случи многу доцна, а од друга страна, навистина се вљубив во класичната музика и љубовта продолжи да расте. Во текот на средното училиште, мојата амбиција растеше, сè до одлуката да се запишам на студии во Виена, кај Алваро Пиери, а истовремено и да почнам да студирам композиција.

Завршивте магистерски студии за гитара на Универзитетот во Виена, како и магистерски за композиција. Во моментов работите на вашиот докторат. Колку е важно да се има квалитетно образование?
– Пред да одговорам, сакам да кажам дека мора да се направи разлика помеѓу „студирање заради студирање и пролонгирање на студентските години“ и „гледање на вредност во образованието: прво диплома, а потоа магистерски, па докторски“. Јас не сум голем приврзаник на првото, но затоа сум за второто! Мислам дека образованието има екстремна вредност и потоа градењето кариера во образованието. Постојат неколку фактори зошто решив да се запишам на докторски студии. Првата причина е многу субјективна – тоа отсекогаш беше мојот сон. Толку е едноставно, можете да бидете горди на вашиот докторат цел живот. Второ, најдобрата професија што можам да ја замислам е професор на универзитет. И бидејќи сакав да се занимавам со оваа професија, сакав да бидам квалификуван да направам научно истражување на моите теми, а не само да го изнесувам своето мислење. Иронично, добив наставни позиции на два универзитета уште пред да ги завршам докторските студии. И третата причина беше мојата тема „Гитарски концерти и гитарски етиди“. Јас сум навистина страстен за двата жанра и исклучително бев мотивиран да ги напишам композициите „12 концертни етиди“ и „4 концерти за гитара“.

Кажете ни нешто повеќе за вашиот пристап кон инструментот?
– Имав среќа што имав можност да ги комбинирам композицијата и гитарата, па со тоа успеав да стекнам профил на композитор-гитарист. Кога го конципирам репертоарот, секогаш свирам многу свои композиции, но и од други композитори (Џулијани, Торина, Бах). Пристапот кон моите дела секогаш е многу строг, ги вежбам како што би ги вежбал и другите дела од репертоарот. Според мене, тоа е единствениот начин да се постигне квалитет во свирењето. Што се однесува до компонирањето, секогаш ги добивам идеите додека свирам на гитарата, а потоа ги развивам на компјутер.

Можете ли да посочите на некои од вашите најзначајни настапи, бидејќи знаеме дека одржувате концерти од Виена до Вашингтон?
– Секако, еден од најважните настапи, кој за жал се одржа онлајн, беше настапот на „Гитар фаундејшн оф Америка“ (ГФА) оваа година. Навистина тоа беше „остварување на сонот“. Има и некои други концерти што особено ги ценам, од оној во Националната галерија на уметности во Вашингтон, до турнеите низ Јапонија и Кина, свирењето со разни оркестри на свои композиции за гитара и, секако, големиот број фестивали на гитара. Некои искуства што ги имам во разни универзитети, сепак, ќе останат во моето сеќавање засекогаш. Во САД често држам предавање на тема „Како да се компонира за гитара“. Одлично се забавував и на музичката школа „Џулијард“, на институтот за музика „Куртис“, на Музичкото училиште на Менхетн…

Држите мастеркласови, предавања низ целиот свет… Што би сакале да научат студентите од вашето искуство?
– Би сакал да им покажам како да ги користат сите алатки, да ги направам одлични гитаристи. Сакам да им дадам соодветен совет за секој проблем што го имаат, предлози како да се подобрат, храброст да настапуваат пред јавност и самодоверба, за да можат потоа да си ги остварат своите соништа. Мислам дека мојата задача е да ги научам на одлична техника, но истовремено и да го развиваат својот стил и личност.

Дали уживате да предавате?
– Исклучително уживам во тоа. Отсекогаш ми беше сон да подучувам студенти, и иако наставата значи многу работа (ако сакате да се дадете себеси на секој студент), секогаш се враќам дома со толку многу енергија што ми ја пренесуваат моите студенти. Искрено, никогаш не можев ни да замислам како изгледа кога твојата љубов ќе стане твоја професија.

Како член на жиријата на разни меѓународни фестивали на гитара, што е најважно за вас при донесувањето одлука?
– Комбинација на техничка извонредност и музички артизам. Не сакам да лажам, фактот конкурентот да е технички подготвен и на ниво е многу важен. Но понекогаш луѓето погрешно сфаќаат што значи да се биде технички одличен. Не се работи само за тоа да не се прават грешки, се работи за фрази, звучни бои, раскажување приказни, динамика и сл. Потоа, музичкиот артизам лично за мене е клучен квалитет. Ако слушам само одлични ноти и убаво свирење, ми станува здодевно. Сакам да го видам и слушнам уметникот во целост: неговата приказна, интерпретација, авантура, па дури и нешто лудо.