Во Кинотеката на Македонија на 26 јануари, во 20 часот, ќе почне „Неделата на австралискиот филм“ со проекција на филмот „Црниот балон“ (2008 г.) од режисерката Елиса Даун.

Филмскиот критичар од Кинотеката, Стојан Синадинов, посочува дека „златната ера на современата холивудска филмска продукција е незамислива без дузина актери, режисери и други професионалци на значајни креативни позиции во чии лични документи како место на раѓање е запишан некој град токму од Австралија“.

– Долга е раката на австралиските филмски режисери во холивудските филмски студија, кои по успехот во кинематографијата на родната земја направија уште поголем светски успех: Питер Вир, Џорџ Милер, Брус Бересфорд и др. Уште подолга е листата на успешни и популарни актери со австралиско потекло. Питер Финч, Рејчел Ворд, Кејт Бланшет, Брајан Браун, Џефри Раш, Хит Леџер, Џуди Дејвис, Пол Хоган, Никол Кидман и др. – вели Синадинов.

По отворањето, во деновите што ќе следуваат, секојдневно ќе бидат прикажувани уште четири филма во истото време: „Џиндабајн“ на Реј Лоренс, „Црвениот пес“ на Крив Стендерс, „Чинијата“ на Роб Сич, а „Неделата на австралискиот филм“ ќе биде затворена со проекција на филмот „Ромул, мојот татко“ (2007г.) во режија на Ричард Роксбург.