(Митко Маџунков, „Правта на библиотеките“, „Три“, Скопје, 2019)

Во големите книги на Митко Маџунков, меѓутоа, нема наивни стихови, нема едноставни, лесни реченици, туку, (ако ја парафразирам неговата визија за високата уметност на прозата), има изобилство имагинација, иновации, добри приказни, уверливи ликови, живи дијалози, цврста композиција, чист стил, хумор… Со сето тоа се полни неговите реченици, пасуси, поглавја, книги раскази, драми и романи, врзани во тешки циклуси. Намерен да каже што и да е уверливо за тие такви дела, толкувачот е внимателен, крајно претпазлив пред да изнесе претпоставка, мислење, став, особено оцена. Ништо во книгите на Маџунков не се одвива праволиниски, од точката А до точката Б. Растојанието на таа релација е заситено со крстосници, меандри, навеви од најразлични страни по кои се развива приказната. Секоја реченица е плетеница од намисли, навеви на идеи, претпоставени семантички влезови. А значењата уште повеќе се умножуваат кога читателот во својот впечаток ќе ги доближи повеќето прочитани дела од најразлични жанрови на овој наш автор и ќе се соочи со непрекината и плодоносна циркулација, со една незапирна селидба на ликовите од едно во друго дело.

Сите овие својства се врзуваат и за најновиот роман „Правта на библиотеките“. Се работи за книга, која и во сегменти и во целост е проткаена со цврста естетска мрежа, со голем број линии што тргнуваат од извесен фрагмент и втонуваат во длабината на дејството, избивајќи неочекувано во нов вид, со загадочни наслојки од размислувањата, постапките, колебањата и судбините на ликовите. Она што несомнено тука може да се согледа се погорните слоеви на приказната, суптилните коментари на големите теми и искушенија пред кои е исправено човештвото, заталкано во конфликти и војни, во самоуништувачки постапки, во целосна оплитнетост, во закана на духовните вертикали и цености, овде симболизирани преку книгата и нејзините храмови, библиотеките. Доволно се видливи и тематските појаси поблиски до нашата национална историска и современа ситуација, препознаена како испакнат дел во глобалните состојби што се предизвикани од Великата мистрија на Силите намерни со свирепи замавнувања да го израмнат возбудливиот пејзаж преполн со разноликости. Нивната „основна цел“ е „да се создаде една нова тревопасна Аркадија и еден нов Вавилон, во кој луѓето нема да останат неразбрани со нивните неразбирливи јазици, туку ќе се зафати оној јазик на човештвото што веќе е усвоен од мнозинството“. Во тој свет отпор на таа налудничава намисла се препознава и едно специфично виделце, едно пламенче на свеќа што одолева на провевите од сите страни, особено на провевот што бие од командниот мост. Како и Птоломеј во книгата на Маџунков, така и читателот на ова длабоко, будително четиво, нека „се претвори во уво“, нека се сети „на бабата Македонка и на свеќата што не догорува“, сеедно дали е провевно во горниот свет, во Собата, или во подземјето, на бреговите на Лета. Свештена е таа свеќа македонска, за неа и друга претпазителна Македонка загрижено, но високо лирски ни порача преку стаменити стихови:

Сакам свештата пак да се запалит, свештата што еднашка угасната сакам да светит и да не догорвит дури на загорено не замирисат и на вешчи домашни не намнисат…

Пред повеќе децении, силно „фатен“ од оваа песна на Лилјана Чаловска, како сега од овој моќен роман на Маџунков, му се обратив на читателот: „Првиот стих не изразува желба, туку инсистира на беспоговорно исполнување на условот, зашто станува збор за колективен копнеж, за просветлувачки миг на спознание за проклетството на самопоткопувањето.“ Да го заштитиме тоа свето пламенче, неотстапно, будителски се инсистира во најновиот роман на Маџунков.

Бидејќи дејството се одвива во библиотека, од атмосферата еманира духот на лектирата, па сосема природно се ројат алузии на великите книжевни дела од сите епохи и меридијани, како и потсетувања на книжевни автори од балканските литератури: Библијата (Јов), Сервантес, славниот Дон Кихот, неговите толкувачи (Џералд Бренан), Калдерон де ла Барка, Пруст, Едгар Алан По, Крсте Петков Мисирков… Потоа моќни, впечатливи слики, речиси фрески: „Залепена за румената трепка на хоризонтот, реката народни бегалци нечујно гестикулираше…“ Ретки споредби: „Се насмеа Јово со широкото лице како тапанар кој чукнал во тапанот, па сега му се восхитува на звукот.“ Максимално извлекување на сите творбени карактеристики и резерви во лексичките единици: Ништото: нигдина од никогашнината; станала цу-на-ми-цу-ва-ми и го потопила светот; Бликнале волшебни чернобилчиња и по пустините се расцветале черни Билчиња. Лични имиња што никогаш целосно не се стабилизираат, туку се постојано отворени за нови доградувања со својства што се црпат од новата ситуација (Драга Кротка Драгослава; Драга Мила Драгослава; Драга Тажна Драгослава; Драга Разумна Драгослава; Драга Побожна Драгослава). Потоа нагло искревање лексичка и синтаксичка пирамида што се извишува со забрзано темпо и со крупни заграби материјал: „Под окото на Рамадан што беше под копитото на Радаманта Маска, која беше под опашот на Зо од Лајпциг, кој беше под брунката на Злоба Народот Страшен, кој беше под веѓата на Суљо од Суљандрас, кој беше под чинијата на Лампионот…“ Ете, истовремено, игралито, маѓосно, бајковидно, подбивно, хуморно, со тескобен социјален, политички, идеолошки поттекст откршено парче од виртуозна проза.

Критичарот е задоволен што барем вака, телеграфски, може да реферира пред читателот за најновото, раскошно дело на Митко Маџунков, што е дел од неговото импресивно Дело. Започнуваме ли да го препознаваме!?

Санде Стојчевски