Кон збирката „Стојач на работ“ од Филип Клетников („Авант прес“, Скопје, 2018)

Ферид Мухиќ

Новата поетска збирка на Филип Клетников е насловена „Стојач на работ“. И ете ја веднаш драмата! Стојачот е поетот, а работ? За каков раб станува збор: работ на бездната? Работ на врвот од небодер? Оти, сосема различно изгледа светот виден од длабочина и виден од височина! Во антологискиот текст на епистоларната книжевност, писмото на Оскар Вајлд до неговиот пријател лордот Алфред Даглас, насловено „De Profundis“ (Од длабочините), авторот пишува од работ на длабочините на сопствената интима, од каде што, логично, не може да се согледа ни делче од надворешниот свет! Книгата „Стојач на работ“ е испеана од максимална височина, од позицијата на апогеја – точката на најголемата оддалеченост од Земјата (во збирката, од ефемериите на приватноста) – точката од која човекот се соочува со бескрајот и вечноста! Работ на кој стои и од кој пее Филип Клетников е работ на немерливото, работ достапен само на најодбраните малкумина меѓу поетите!

Замислете стрела исфрлена од оптегнатата тетива високо во небото; во еден миг таа престанува да лета пругоре, но сѐ уште не почнува ни да паѓа. Силата на лакот и тетивата веќе не дејствува на стрелата, силата на гравитацијата сѐ уште не ја зграпчила! Во тој бескрајно краток но и бесконечно долг миг – во таа мигновена вечност! – стрелата е целосно и неповторливо слободна! Слободна и од своето минато и од својата иднина, таа е на работ од светот на инерцијата и светот на гравитацијата, на работ од минатото и иднината, на работ од постоењето и непостоењето, на работ од сè што било и од сè што ќе биде!

Секоја песна од оваа поетска книга е една таква стрела! Песната-стрела на работ меѓу небото и земјата, вечноста и мигот, ефемерното и светото, отаде животот и смртта; секоја од овие песни е сведоштво на Стојачот застанат на работ од астралното и карналното, метафизичкото и физичкото, емпириското и трансцендентното.
Во поетската леарница на Филип Клетников, вжештената лава на неговата еруптивна инспирација се претопува во легура составена од вдахновени емотивни, префинети стилски и врвни интелектуални елементи! Збирката ја отвора циклусот Creatio ex nihilo – првата визура од која Стојачот ја согледува клучната апорија на овој свет создаден од ништо, адресирана преку енигмата на можноста од сопственото постоење во антологиската песна со ист наслов. Колосалноста на тематската магнитуда присутна во секоја песна, бравурозноста на поетскиот израз демонстрирана во секој стих и автентичноста на личниот исказ ја промовираат целата збирка во единствена антологиска поетска книга. Естетските дострели и експресивната сила со која се сублимирани универзалните јанѕи и перенијалните дилеми на човекот како суштество застанато на работ од светот и соочено со ништото, суверено потврдуваат дека збирката „Стојачот на работ“ може да се смета за најзрелото и најсилно остварување на македонската поезија во поново време и дека, благодарение на овие квалитети, претставува еден од синорите на современата македонска поезија во целина.

Иновативното, интелигентно, длабоко поетско соочување со трагичноста и величественоста на човекот како суштество свесно за својата позиција на работ од вселената и ништото, на работ од стремежот кон вечноста и свеста за смртта, со еден збор, на работ на немерливото (Incommensurabilis), ја препорачува збирката „Стојач на работ“ од Филип Клетников како дело што со своите вредности претставува значаен настан и на европската и на светската книжевна сцена.