Познатиот италијански писател и физичар Паоло Џордано, автор на популарната книга „Во време на епидемија“, за „Нова Македонија“ ги открива сопствените доживувања на актуелното ширење и борбата со коронавирусот. Преку книгата, тој меѓу другото укажува и дека „сѐ потешко е да се објасни фактот дека луѓето, вирусите, панголините и лилјаците се дел од истиот екосистем“

Паоло Џордано, писател и физичар

Во овој момент многу се плашам за сериозните социјални разлики, кои уште повеќе ќе се влошат, за бранот на сиромаштија што ќе следува по сето ова, вели познатиот италијански писател и физичар Паоло Џордано, автор на популарната книга „Во време на епидемија“, кој за „Нова Македонија“ ги открива сопствените доживувања на актуелното ширење и борбата со коронавирусот. Преку книгата, тој меѓу другото укажува и дека „сѐ потешко е да се објасни фактот дека луѓето, вирусите, панголините и лилјаците се дел од истиот екосистем“. Ова интервју е едно од ретките што Џордано досега ги дал за мала земја како што е Македонија.

Италија постепено излегува од првиот вонреден карантин, а во исто време вашата нова книга „Во време на епидемија“ привлекува внимание меѓу читателите и во Македонија. Во неа, почнувајќи од 29 февруари, пишувате за сопствените доживувања на ширењето на коронавирусот во Италија, во Рим каде што живеете, но и во светот воопшто. Писател сте и физичар, па оттаму и прашањето од каде црпевте енергија за пишување во кризните денови?
– Според мене, можев да реагирам на оваа ситуација на два начина: да останам целосно парализиран или да ѝ се посветам на работата. Инстинктивно ја одбрав втората опција. Тоа не значи дека беше онаа вистинската, најмудрата, но така излезе. Можеби токму поради моето образование на физичар. Во првите недели на епидемијата, моето знаење во толкувањето на броевите и графиконите ми даде можност да претпоставам и да предвидам што можеше да се случи пред другите. И веднаш почувствував потреба да им го објаснам тоа на што поголем број луѓе.

Во книгата меѓу другото ќе забележите дека „заразата е мерка за тоа колку нашиот свет станал глобален, поврзан, заплеткан“. Влеговме во мај, а светот сѐ уште, очекувано, се бори со пандемијата на коронавирусот. Сметате ли дека во доволна мера во книгата ја покажувате човековата замислена „супериорност“ во однос на природата?
– Не знам што мислите со човечката „супериорност“ во однос на природата. Еден од проблемите е токму тоа што забораваме дека човекот не е супериорен во однос на природата, туку е дел од неа. Ние сме дел од екосистемот. И можеби сме најинтрузивните и најагресивните видови од сите. Тоа што постојано се повикуваме на овој вирус како „непријател“ го оддалечува од нас, ни го прави еден вид натприроден противник. И сѐ потешко е да се објасни фактот дека луѓето, вирусите, панголините и лилјаците се дел од истиот екосистем. Ова е несомнено една од идеите што сакав да ги пренесам преку книгата.

Кои беа вашите најголеми стравови од почетокот на заразата, а од што најмногу стравувате денес? Влегуваат ли во тој список и ставовите и одлуките на актуелните политичари?
– Кризата не е завршена. И сè уште знаеме премногу малку за начините на пренесување на овој вирус. Значи сега, како и на почетокот, сè уште сум многу фокусиран на еволуцијата на пандемијата. Но веќе не сум толку опседнат со броевите, исто така затоа што многу од актуелните броеви ја изгубија важноста. Во меѓувреме, вирусот ни покажа многу други работи. Епидемијата ги открива, како да е магнетна резонанца, сите постојни болести на нашата цивилизација. Ни го открива ова со досега невидена прецизност. Дури и ризикува да ги влоши. Во овој момент многу се плашам за сериозните социјални разлики, кои уште повеќе ќе се влошат. За бранот на сиромаштија што ќе следува по сето ова. И за моментот кога епидемијата ќе ги погоди најделикатните и најсензитивните области во светот, како Африка, со максимална сила.

На научниците, писателите, уметниците не им е туѓ карантинот, осамувањето при работа. Но што ве изненади вас за време на вонредниот карантин во релациите со семејството, со колегите, со соседите, со пријателите?
– По неколку години, во кои бевме навикнати да бидеме тројца, се најдовме дома сите четворица, целото семејство. Децата беа пораснати, бевме навикнати на тоа дека сите сè уште си го имавме својот живот „надвор“. Заедно два месеци, дваесет и четири часа на ден беше голема промена за нас. Еден вид тест. Но добро поминавме, подобро отколку што можев да замислам ако некој ми кажеше дека ќе се случи ова. Секој имаше свои моменти на гнев и тага и очај, но другите се покажаа сочувствителни и разбирливи. Но ние сме привилегирани со тоа што живееме во доста голема куќа и секој има свој компјутер, на тој начин секој може да остане во својата соба и да си ги продолжи своите активности. Оние што живеат во помали пренатрупани куќи, со помалку дигитални ресурси, го доживеаја овој карантин на многу поинаков начин.

Во книгата меѓу другото велите дека не сакате да заборавите дека пандемијата нѐ затекна особено технички неподготвени и научно наивни, но и дека таа не е таен воен експеримент, туку наш компромитирачки однос со животната средина и природата. Низ што го согледувате тоа и верувате ли дека работите може да се менуваат во позитивна насока?
– Може да ја сметаме оваа пандемија како генерална проба за уште поголемите предизвици што ќе ни ги донесат климатските промени. Постојат многу слични аспекти меѓу овие две вонредни ситуации: глобалниот карактер, тоа што се „симетрични“ катастрофи за економијата и слично. Но климатските промени се уште покомплексен предизвик, затоа што тој е побавен во неговата еволуција, но поопасен во своите манифестации. Исто така е потенцијално посмртоносен. Треба да видиме дали ќе успееме да соработуваме доволно, дали ќе можеме да ја зајакнеме колективната свест. Не почнавме баш најдобро. Треба да се разговара многу на овие теми, да не се изморуваме, да не оставиме овие аспекти да бидат заборавени со крајот на пандемијата од ковид-19.

Најавено е дека профитот од објавувањето на оваа ваша книга ќе се донира во добротворни цели за научни истражувања и за мерките за управување со епидемијата на ковид-19, која ја нарекувате „кандидат за најважната здравствена итна состојба на нашето време“. Ве изненади ли, сепак, начинот на кој научниците генерално досега се справуваат со неа?
– На крајот науката ќе нè спаси. Со лек или вакцина. Таа веќе нè спасува, всушност, затоа што епидемиологијата ни овозможува да разбереме што треба да правиме, а модерната медицина ни овозможува да ги одржуваме луѓето живи и да спасиме многу од нив. Но науката ни покажува исто така и колку сè уште не знаеме. Научниците на ТВ честопати велат „сè уште не знаеме“, „мора да почекаме“. Ова се фрази на кои не сме навикнати. На ТВ бевме навикнати да слушаме само афирмации, поедноставувања, да слушаме дека имаме целосна контрола над сѐ. Сега некој вели: не знаеме. Ова е многу силна политичка новост, на која не сме навикнати. Би сакал ова да остане и потоа. Науката има здрав однос со незнаењето. Нема сомнеж дека ги гледаме и вистинските слабости на науката, која пред сѐ е составена од луѓе, со нивните мании за протагонизам, нивните грешки, нивните судири на интереси. Ние треба да ги идеализираме научниците, но да не заборавиме дека тие се човечки суштества, како и сите други.

(Превод од италијански јазик: Рената Петрушевска)