Фото: Маја Јаневска-Илиева

Емилија Божиновска, ликовна уметница

Ликовната уметница Емилија Божиновска, која на изложбата „Урбани сензации 2“ се претстави со дваесетина нови дела, вели дека урбаниот свет ја привлекува, независно дали станува збор за родното Скопје или која било друга урбана средина што ја познава, ја посетила и запознала

Ликовната уметница Емилија Божиновска во изминатите две децении, освен во Македонија, изложуваше и во Бугарија, Шпанија, Србија, Грција, Франција, Полска, Хрватска, САД и други земји. Во Скопје, каде што повеќепати е наградувана за своето ликовно творештво, меѓу другото и со наградите: „Димитар Пандилов“, „Лазар Личеноски“, „Константин Мазев-Коце“, „Методија Ивановски-Менде“, „Димитар Кондовски“, „Златна четка“, деновиве ја имаше и најновата самостојна изложба на која на посетителите им понуди уште едно впечатливо доживување од својот богат, „урбан свет“

Вашата самостојна изложба „Урбани сензации 2“ во галеријата на НЛБ Тутунска банка понуди голем број погледи на „урбана (не)стварност“, која со нашиов простор може, но и не мора, да ја поврзуваат и користените парчиња хартија со препознатливи букви, текстови, илустрации. Со оглед и на досегашното творештво, се чини дека урбаното ви е бескраен провокативен лавиринт или, можеби, едноставно опсесија?
– Урбаното секако, но не како лавиринт ниту како опсесија. Повеќе е резултат на повеќегодишна работа, истражување на дадената тема, преку која се стремам да оставам свој автентичен запис на модерното живеење врз мојот внатрешен свет. Целта на секој ликовен уметник, како и моја, впрочем е да не ја остави публиката рамнодушна, туку да воспоставам дијалог со неа, со надеж дека тоа ќе резултира со голем број интерпретации на виденото и спознаеното во нив. Во тој контекст, доколку се случи таа интеракција на гледачот со делото, неговата перцепција ќе го одведе во постојано откривање нови слики во слики, неоткриени хоризонти што се појавуваат и исчезнуваат, правејќи го невидливото видливо и обратно. Во суштина, во тоа и се состои концептот на апстрактно-асоцијативна уметност, во која јас најмногу се пронаоѓам.

Ви се менува ли со текот на годините сликарската перцепција на урбаниот простор, што сега на прва ретко забележувате и доживувате, а на што имате потреба да му посветите повеќе време за да ги доловите сопствената мисла и очекуваната атмосфера во делата?
– Да, секако дека се менуваат моите видувања на тоа што го работам и влијаат врз мисловниот процес притоа. Ако во почетоците на моето ликовно творештво основна преокупација наоѓав во предметното, анализирајќи го, имав потреба да ја доловам сликата на скриените пропорции на нештата, откривајќи го карактерот на формите, нивниот сооднос кон и во просторот. Всушност, мојата основна преокупација беше сетилното да го преточам во предметно. Иако соодносот на формите и бојата во просторот и понатаму остануваат примарен интерес, но на еден поинаков начин, тековно, со примена на градација на комплементарна палета на бои ја доловувам тридимензионалноста во просторот и објектите во него. Каде мисловниот процес во иднина ќе ме одведе, од оваа перспектива не можам да предвидам, можеби повеќе ќе се осврнам на анализа на органското. Како и да е, само континуираната работа и истражувањето можат да го дадат одговорот. Во мојот случај сега, како и претходно, тоа се случуваше во текот на творечката активност.

Што од брзото живеење во Скопје најмногу ве вознемирува, а што најмногу ве привлекува како автор?
– Урбаната средина за луѓето како мене и многумина други што живеат во неа е наша реалност и, да, во некоја мера оптоварува и вознемирува. Но сите ние стануваме имуни и учиме да живееме со неа. Сепак, Скопје е мојот роден град, моја средина, каде што го живеам својот живот со семејството и пријателите, каде што работам и создавам, а темпото едноставно е такво какво што е. Сепак, урбаното во моите дела не секогаш е врзано исклучиво за Скопје. Како човек што се родил во урбаниот свет, некако повеќе припаѓам таму и ме привлекува, независно дали е Скопје или која било друга урбана средина што ја познавам, сум ја посетила и запознала. Едноставно, јас во секоја урбана средина наоѓам многу допирни точки со мојот личен свет и сензибилитет, така испреплетени ги носам со себе и тие стануваат моја инспирација додека создавам урбани приказни.

Од што тргнувавте овој пат во составувањето на колажните приказни, за да не ги изгубите патем многуте парчиња и тие да останат видливи на платната, меѓу боите, кои и во делата од изложбата „Урбани сензации 2“ ги користите на карактеристичен начин?
– Да, имате право кога велите колажни приказни, бидејќи тоа и се, раскажани преку колажот, кој како техника, изразно средство, најдобро ги поврзува во една динамична и хармонична композиција моите, како што кажав, лични доживувања и видувања на средината што ме инспирирала. Во процесот на создавање на моите дела има многу парчиња што ги сочинуваат сликарските композиции и нема ништо случајно, сите се грижливо зачувани. Исечоците претходно биле селектирани по интензитетот на бојата, формата и големината. Така одбрани, како актери што според претходно подготвената режија ја знаат својата улога, подготвено стапуваат на сликарската сцена, трансформирајќи се некогаш во видливи, некогаш скриени со боите или, поточно речено, претопени во имагинативни симболи што ги помнат и отсликуваат моите емоции.

Во Скопје работите и како професорка по ликовна уметност, во градот во кој и во оваа област се гледаат промените од транзицијата. Ја сакаат ли денешните ваши ученици уметноста, имаат ли можност на часовите да добијат доволно знаење, но да се видат и себеси како идни уметници?
– Да, покрај сликарството, работам и како ликовен педагог. Во наставниот процес, за жал, предвидените наставни содржини по ликовна култура во основното и средното образование се сведени на еден час неделно и реално се поставува прашањето колку на педагогот навистина му останува време за квалитетно пренесување на наставната содржина и работа со децата во практичниот дел, кој всушност би требало да биде примарен. Тоа е само еден сегмент од предизвикот. Ликовниот педагог има исклучително важна мисија да им помогне на младите уште од најрана возраст да започнат да го градат сопствениот културен и етнички идентитет преку запознавањето, негувањето и оддавањето должна почит кон богатото сопствено културно наследство.

Треба ли многубројните странски туристи што ја посетуваат нашата земја, дури од Далечниот Исток, да нѐ потсетат дека имаме сопствена култура и дека и ние треба да ја почитуваме?
Вистинскиот предизвик како педагог, но и како уметник-сликар, покрај наведеното, е всушност како на младата генерација урбани граѓани да им пренесам дека културата и уметноста се уникатен вид на комуникации меѓу луѓето од различни култури и етникуми што не познаваат бариери. Сакам да им предочам дека комуникацијата не мора исклучиво да се одвива преку сеприсутните социјални медиуми. Уметноста, како еден поинаков поглед на реалноста, освен онаа прикажана низ дигиталните содржини, често приспособени, направени за директна и некритична консумација. На младите луѓе, не на сите, им е ускратена можноста да ја гледаат и доживуваат реалноста во која учествуваат со свои очи, низ призмата на своите морални, естетски или други семејни или општествени кодекси. Немаат ниту време ниту, пак, опција да градат свој однос кон тоа што го гледаат и прифаќаат како естетско, инспиративно, мотивирачко итн. При сето тоа не останувам ниту пасивен опсерватор. На часовите по ликовно образование ги поттикнувам учениците да ги користат сопствените сетила за свесно да ја доживеат сопствена сензација на тоа што ги опкружува. Да знаат дека имаат избор и дека личното доживување е уникатно, кое не може да го надомести виртуелниот свет што им се сервира крајно наметливо. Моите ученици, се разбира не сите, но еден задоволителен број од нив, се чини дека ја разбираат пораката што сакам да им ја пренесам и храбро се одлучуваат да направат сопствен избор. Тоа дополнително ме прави горда и честопати ме восхитува, до која мера младешката креативност може да биде изворна и бесконечна.

Во изминатите две децении, освен во Македонија, изложувавте и во Бугарија, Шпанија, Србија, Грција, Франција, Полска, Хрватска, САД и други земји. Колку тоа искуство ви користи денес при презентирањето на делата?
– Секогаш кога имам можност да учествувам на некоја меѓународна манифестација или за самостојно претставување, не гледам на тоа само како на простор за лична и професионална афирмација, туку и како на можност за споредба и запознавање со други културни начела и вредности. Ме интригира, меѓу другото, и односот на другите општества кон културата, уметноста и оние што ја создаваат на едно многу поинакво професионално ниво од нашето. Многу често токму тој инпут е клучен и ме инспирира при творештво за идните средби со публиката.

Фото: Маја Јаневска-Илиева