Освен фактот дека никогаш нема да ја заборавиме 2020 година како целина, исто така запаметен ќе остане и Велигденскиот концерт што славниот италијански тенор Андреа Бочели го одржа на 12 април во целосно празната катедрала во Милано. Емоциите во тоа време беа исклучително силни, особено во тешко погодената Италија. Следно што можеби ќе ја разнежни публиката е најавениот Божиќен концерт што, исто така, ќе се одржи на уште една спектакуларна локација.
„Билив ин крситмас“ или „Верувајте во Божиќ“ е официјалното име на овој божиќен концерт, кој Бочели ќе го одржи на 12 декември во вистинскиот скапоцен камен на италијанската архитектура и историја – „Театро Реџо ди Парма“. Познатиот театар, исто како и миланскиот „Дуомо“, ќе биде целосно празен, но милиони луѓе низ светот ќе можат да се приклучат на преносот во живо и ќе доживеат допир со оваа магија.
Иницијатор и режисер зад овој музичко-сценски спектакл е Франко Драгоне, кој ќе го искористи просторот на овој импресивен театар за да создаде уште еден незаборавен концерт на Андреа Бочели.
Славниот тенор на концертот ќе изведе голем број песни од неговиот албум „Believe“, но и некои од најпознатите божиќни песни.
Бидејќи физичките концерти интензивно се селат во онлајн арената во последните неколку недели, ниту овој нема да биде бесплатен. Билетите за ова виртуелно искуство може да се купат по цена од 22 до 40 евра.