Марина Вујчиќ, хрватска писателка

Хрватската писателка Марина Вујчиќ (1966 г., Трогир) деновиве е гостинка на фестивалот на европската книжевност „Букстар“, во организација на „Антолог“. Дипломирала хрватски јазик и југословенска книжевност на Филозофскиот факултет во Загреб. Во 2010 година го објавила романот „Туѓ живот“. Романот „Тогаш Божо почна од почеток“ во 2015 година се најде во потесниот избор за Европската награда за книжевност. За драмата „Умри женски“ во 2014 година ја доби националната награда на Министерството за култура на Хрватска, „Марин Држиќ“. Во 2015 година го објави романот „Тоа можев да бидам јас“. Истата година, романот „Сосед“ ја освои наградата за најдобар необјавен роман во 2015 година. Следните години објави уште неколку книги, меѓу кои и „Педесет цигари за Елена“, за која во 2021 година ја доби наградата „буктиг“ за најчитана книга во истарските книжарници и која е преведена на македонски јазик, во издание на „Антолог“
Нејзините дела се поставувани на сцените на театрите во Хрватска и во Албанија. Вујчиќ е двократна добитничка на театарската награда „Марин Држиќ“. Членка е на Хрватското друштво на писатели, а моментално е на позицијата директор на Драмата на Хрватскиот народен театар во Сплит.

Минатата година станавте директорка на Драмата на Хрватскиот народен театар во Сплит. Како ви се допаѓа оваа работа? Како се справувате со функцијата, со оглед на тоа што дојдовте на оваа позиција за време на пандемијата и сите тие ограничувања?
– Го сакам театарот и навистина ми се допаѓа мојата нова работа. Креативна е и вклучува многу комуникација со уметници, како и тимска работа и заедништво во проектите околу кои се собираме. Се гледам себеси како некое тркалце на патот од идејата за претстава до премиерата, а аплаузот по премиера е награда за сите нас. Сѐ уште не можеме да работиме со полн капацитет, бидејќи не се тргнати ограничувања поради ковид, но направивме неколку одлични претстави минатата сезона. Единствено што поради ограничениот број гледачи, премалку луѓе ги видоа. Се надеваме дека епидемиолошките мерки нема да нѐ ограничат толку оваа година, затоа што планираме повеќе нови премиери и се надеваме дека наскоро сите повторно ќе ја доживееме сцената преполна со публика.

Колку на оваа позиција ви помага искуството што го стекнавте по вашиот сестран ангажман во театарот „Улисис“?
– Многу ми помогна. Тешко ќе се снајдев на ова работно место ако го немав тоа долгогодишно искуство и не го запознаев театарот одвнатре. Се разбира, поинаку функционира театарот на островот, кој игра претстави два летни месеци, од една национална театарска куќа, но процесот на настанување на претставите не се разликува премногу. Во текот на една година работа во театарот „Улисис“ запознав многу луѓе што ми беа соработници и ми станаа пријатели, а многу од тие познанства ми се драгоцени и на новото работно место.

Првиот роман „Туѓ живот“ го објавивте во 2010 година. Можете ли да се сетите како започна вашиот книжевен живот?
– Мојата книжевна работа почна уште во детството, само долго ми требаше да стекнам самодоверба и да поверувам дека тоа што го пишувам е вредно за објавување. Пишував срамежливо и потајно, и ништо започнато не завршував, веројатно од страв дека тоа ќе треба да му го покажам некому. Сериозното пишување почна кога и самата на себе почнав да си одам на нерви со тоа дека не можам да се одлучам дали сум писателка или не сум, па во 2008 година одлучив да земам неплатен одмор во школата во која тогаш работев и да си дадам на себе една година за пишување. Ако во таа година не напишам роман – така се договорив со себе, никогаш повеќе нема да го споменам пишувањето. Во таа година напишав роман, драма и сценарио за серија за деца, повеќе немаше враќање.

Оттогаш објавивте повеќе романи, безмалку секоја година по еден. Како ја одржувате таквата пишувачка кондиција?
– Не баш секоја година по еден, но во просек еден на секоја година и пол. Често ме прашуваат ова, па потоа се служам со математика за да појаснам. Ако пишувам секој ден по една единствена страница, на крајот на годината ги имам 365. Ако половина од тоа бришам, останува речиси доволно за роман. Пишувањето во голема мера е работа на дисциплина, а во уште поголема мера работа на потреба за пишување. Кога ќе ја напишам таа една страница дневно, без оглед на тоа каков ми бил денот, тој добива смисла.

Пишувате и драми, какво е чувството кога првпат ќе ја погледнете претставата во театар што е работена по ваш текст?
– Тоа е многу добро чувство. Драмата сепак не се пишува само за читање. Кога вашите ликови ќе оживеат на сцената, кога режисерот и глумците ќе им вдахнат живот, тој свет што сте го измислиле станува жив и стварен. Интересно е да се следи како различни режисери различно ги интерпретираат истите драми, исто како што е интересно да се види сосема поинаква перспектива од онаа што сум ја имала додека сум ја пишувала драмата. Драмата, за разлика од романот, е како жив организам што постојано доживува некој нов живот.

Вашиот роман „Педесет цигари за Елена“ (2020) го имаме и во превод на македонски јазик. Дали очекувавте дека читателите толку ќе се поврзат со ликовите на романот и дека толку добро ќе биде примен и од стручната јавност?
– Навистина не го очекував тоа. Мојот главен јунак, да бидеме реални, е доста иритантен тип. И мене ми одеше на нерви додека го пишував. Но сакав приказна што покажува дека и на изглед најбескорисните луѓе на светот имаат некоја важна улога во севкупната слика, во колективното. Секој од нас е камче во заедничкиот мозаик, па, така, и луѓето што не ни се баш омилено друштво. Благодарна сум на секој читател и на прекрасните реакции на романот и баш бев среќна кога слушнав дека романот ќе биде преведен на македонски.

Како започнува процесот на пишувањето кај вас? И како ви се случува приказната?
– Тоа е потполно ирационално. Почнувам да сум опседната со некоја тема, некој јунак што го препознавам само како силуета, некој детаљ од кој расте приказната. Го слушам тој некој внатрешен поттик, па дури оставам да ме носи. Не сум еден од оние писатели што имаат план и што ја ставаат целата приказна во главата или на хартија пред да почнат да пишуваат. Обично се чувствувам како моите читатели – додека сум на една страница, немам идеја што ме чека на следната. Отпрвин се плашев од таа неизвесност, а сега уживам во тоа, затоа што веќе знам дека порано или подоцна ќе стигнам некаде. Научив да ѝ верувам на таа интуиција.

Се чини дека ги цените личните искуства во процесот на пишување, за една тема во ваш роман дури сте посетиле женски затвор?
– Отидов во затворот неколкупати затоа што сега пишувам роман за жена што издржува затворска казна за убиство на насилен сопруг. Не би можела да пишувам за таа околина ако не ја видам одблизу, и мора да кажам дека искуството беше навистина вредно за мене. Не би зборувала премногу за тоа, бидејќи со жените што ги сретнав таму споделив некои доверливи разговори и емоции што не би било пристојно јавно да ги искажам поради довербата што ми ја укажаа.

Сте работеле и како уредничка во издавачката куќа „Хен“, а некаде прочитав дека сте уредиле над шеесет книги од еминентни домашни автори. Што мислите за современата хрватска литература?
– Хрватска има толку жива книжевна сцена и голема продукција на нови наслови што едвај можам да ги следам сите новини. Имаме навистина одлични писатели што би биле литературни ѕвезди на светската книжевна сцена доколку немале лоша среќа да живеат и да пишуваат на мал јазик, што тешко си го наоѓа својот пат до странските издавачи. Ако почнам да ги набројувам колегите писатели што би им ги препорачала на сите да ги прочитаат, тешко дека ќе можам да составам праведен список што не е премногу долг за едно интервју.

Кон крајот на минатата година, свртевте нова страница во животот и се преселивте од Загреб во Сегет Горњи, село со само шест жители… Како се случи тоа? Како живеете сега, кажете ни повеќе за тоа?
– Можам да ѝ се заблагодарам на пандемијата за тоа. Кога завршивме во карантин, дојдов во мојата куќа во далматинската внатрешност и откако поминав неколку последователни месеци таму, сфатив дека тој начин на живот ми одговара, врската со природата и земјата, мирот, тишината, изолацијата, климата. Помислата за враќање во градскиот живот ми предизвикуваше вознемиреност и незадоволство. Бидејќи бев хонорарец во тоа време, сѐ повеќе избирав да бидам на село наместо во Загреб, а потоа се појави конкурсот за позицијата директор на Драмата во ХНК Сплит, што беше можност конечно и да се преселам. Сега работам во град и живеам на село, што е убава рамнотежа, затоа што по многу динамична работа, секој ден се враќам во мојот селски мир. Садам зеленчук во мојата градина, се грижам за моите шеесет маслинови дрвја и за дворот, читам, пишувам, се дружам со пријателите што навистина го сакаат мојот мал имот. Неколкуте соседи што ги имам во селото ми се голема поддршка, затоа што од нив добивам совети за земјоделство и одгледување маслинки, бидејќи јас сум тотален почетник во тоа. Убаво е да се знае дека дури и во педесеттите години, животот може да се промени на овој начин и да се истражат некои нови можности.