Уметниците на Националната опера и балет на Македонија гостуваа во Босна и Херцеговина, каде што во салата „Мирза Делибашиќ“ на Скендерија, во Сараево, ја изведоа сценската кантата „Кармина Бурана“ од Карл Орф. Историскиот рекорд во поглед на фасцинантната посетеност на театарски настан од музичко-сценски карактер досега му припаѓал на Кинескиот државен балет, со претставата „Црвениот женски одред“, која била изведена трипати во 1971 година. Тој рекорд го презеде настапот на Националната опера и балет.

– Со повеќе од 200 уметници на сцената, пред полната „Скендерија“ и воодушевените 6.000 посетители, меѓу кои и целиот дипломатски кор акредитиран во Сараево, најавуваниот наш настап од страна на домаќините како мегаспектакл навистина се случи. Настапот започна со увертира од операта „Кармен“, во изведба на нашиот оркестар, и таа енергична музика на Жорж Бизе им даде невиден импулс на сите други уметници. Следуваше „Кармина Бурана“, во која учествува огромен број изведувачки ансамбл: оперски солисти, балетски солисти, оркестар, хор и балетски ансамбл. Под диригентската палка на домашниот диригент Емир Нухановиќ, кој таа вечер прославуваше 35 години уметничка работа, нашите уметници се надминаа себеси.

Публиката не знаеше кого попрво да награди со громогласниот аплауз – велат од НОБ.
На крајот, во протоколарен дел, маестро Нухановиќ им доделил благодарници на своите професори и соработници, меѓу кои го спомнал и нашиот диригент Фимчо Муратовски.