„Денот на жената“ во режија на Гоце Цветановски веќе е снимен и успешно реализиран филм за време на пандемијата. Ова е прв негов долгометражен филм. Според него, ограничувањата и рестрикциите треба да влијаат само како стимулација на уметничката креативност, а не на нејзино попречување или намалување

Гоце Цветановски е еден од ретките режисери што ја активира својата режисерска палка периодов. И покрај сите непријатности што ги носи ова турбулентно време, реши да собере екипа и да се посвети на снимање филм. „Денот на жената“ веќе е снимен и успешно реализиран филм за време на пандемијата.

Како беше да се снима филм за време на пандемија?
– Па, исто е возбудливо како кога се снима во обично време, со тоа што сите носевме маски. Шегата настрана, работата во услови на пандемија си ги носи сите неудобности, кои, за жал, ни станаа секојдневие: носење маска, дистанцирање и постојан стрес дека може некој од екипата да се разболи, а со тоа дека можеби и самото снимање би било забавено или дури и запрено. Но освен ригорозното почитување на мерките, ја имавме таа среќа снимањето да помине мазно и без ниту еден заразен.
Како се одлучивте на ваков чекор, снимање на својот прв долгометражен филм во вакво несигурно време, што ве охрабри?
– Целиот мој живот е посветен на филмската и видеокреацијата. Првиот краток филм го снимив на 16 години, во рамките на филмската работилница „Ед Вуд“ во Скопје, предводена од Ратка Илиева-Лале. Низ оваа работилница, која почна да работи кон крајот на 1990-тите години, поминаа повеќето македонски филмски автори и работници што денес се активни на ова поле. Потоа заминав на студии во Париз каде што живеев 17 години и од мојот прв професионален ангажман досега, најверојатно, сум работел на стотици различни проекти, во речиси сите филмски сектори. Како најголем професионален успех ја сметам работата на првите петнаесетина епизоди од анимираниот серијал „Сказните на Биби“, кој веќе две години раѓа насмевки кај децата во Македонија и пошироко. Имам и десетина кратки авторски филмови со мошне солиден успех на светските филмски фестивали, така што еволуцијата кон долгометражен филм беше одамна посакувана и, еве, конечно е и остварена. Инаку снимањето беше закажано за мај годинава, но во меѓувреме се случи пандемијата, која го запре вртењето на светското тркало. Во конкретниов случај, тоа што се одложи почетокот на снимањето ни даде повеќе време за подготовки и мислам дека позитивно влијаеше на крајниот резултат.
Што опфаќаат рестриктивните мерки кога станува збор за снимање филм?
– Ограничувањата и рестрикциите, според мене, треба да влијаат само како стимулација на уметничката креативност, а не на нејзино попречување или намалување. Актерите ги вадеа маските кога се снимаше, сите други бевме постојано заштитени, а одвреме-навреме се дистанциравме за да можеме накратко да ја извадиме маската и да подишеме. И покрај тоа, морам да се пофалам дека имавме прекрасна енергија на снимањето и насмевките на екипата се гледаа дури и под маските. Кога се работи со љубов, сите пречки се поминуваат со леснотија.
Верувам дека е голем предизвик и одговорност да се реализира филм денес, од аспект на екипа, ограничувања, финансии…
– Најверојатно секој автор се судира со истата најголема пречка, односно со времето. Времето е пари, а филмот е скапа играчка. Понекогаш доаѓавме до ситуации каде што навистина добро ќе ни дојдеше да имаме можност да снимаме уште еден ден на одредени локации, но поради буџетот тоа беше невозможно. Од друга страна, морам да ја пофалам целата екипа за професионалноста и посветеноста, сите работевме со еднаков ентузијазам и бев многу позитивно изненаден од резултатите. Друга пречка беше моето лично неискуство. Пред да почнеме со снимање мислев дека со моите претходни проекти веќе знам што ме чека, но сега откако снимањето е готово и првобитните импресии ми се легнати, сфатив дека работата на долгометражен и краткометражен формат едноставно е неспоредлива. Ова ми беше огнено крштевање и благодарен сум за можноста да соработувам со голем дел креативни, насмеани и топли луѓе. А како човек и уметник, најтешко ми паѓа односот на луѓето, на институциите и на големите бизниси кон уметноста, образованието и културата. Наместо да ги стимулираме локалните уметници да творат, децата да се образоваат, а возрасните интелектуално да се надградуваат, сведоци сме на некое колективно затапување на луѓето во сите области, каде што дневната политика и шунд-културата се постојана тема за разговор, нервоза и омраза. Се осмелувам да сонувам за општество каде што чесноста, добрината, интелектуалната и професионалната способност ќе бидат сметани за доблест, а не како мана и пречка во личниот и колективен напредок.
Акцентот во филмот е ставен на една сурова и брутална тема, трговија со луѓе, присилна проституција, насилство… Што раскажува „Денот на жената“?
– Филмот раскажува повеќеслојна приказна, низ микс од различни емоции и ликови, и се надевам дека ќе допре до пошироката публика. И покрај тешката тема, хуморот е доста присутен, мислам дека така контрастот со сериозноста на темата ќе биде повпечатлив. Приказната се врти околу една новинарка (Слаѓана Вујошевиќ), која опсесивно се обидува да ја раскринка мрежата на трговија со луѓе, затоа што се сомнева дека тие се виновни за исчезнувањето на нејзината најдобра пријателка неколку години претходно. Во истрагата ѝ помагаат таткото на пријателката (Муса Исуфи) и неговиот брат (Исмаил Касуми). Но како што нашите протагонисти се приближуваат кон врвот на мрежата на трговци со луѓе, ситуацијата излегува од контрола и тие се во животна опасност.
Што ве поттикна да се испробате во овој жанр?
– Целото мое творештво се заснова на еден вид експериментирање и потрага по недопирливото. Се обидувам во секое ново дело да се надминам себеси, да излезам од комфорната зона и едноставно да раскажам приказна што истовремено ќе го држи интересот на гледачите, а потоа и ќе ги натера да размислат. Публиката, секако, ќе има можност да даде своја интерпретација на пораката на филмот, но, еве, како евидентна и нескриена порака, би рекол дека доколку сакаме нешто да промениме во општеството, мораме искрено и стопроцентно да се заложиме за тоа, без страв од можните реперкусии.