Кон моноперформансот „Петтото годишно време“

На големата сцена во Народниот театар „Јордан Х.К. Џинот“ во Велес, на 12 јуни се случи еден чудесен настан. Претставата „Петтото годишно време“ за вечната потрага на животот како сон, како љубов и како крајна причина и смисла, премиерно беше одиграна, во режија на нашиот вонвременски и маестрален уметник Васил Зафирчев, а во изведба на балерината Олга Панго. Премиерата беше проследена со овации и долги воодушевувачки аплаузи.

Она што интензивно го чувствуваме за време на претставата е сликата за човекот што е направен од материјалот на соништата, човекот чиј живот е и сон во сонот. Но што знаеме ние за сонот, како постојано да нѐ прашува Зафирчев, дали тој е онаа илузија што ја гледаме во игрите на светлината, во воздухот проѕирен, во убавината на последната паѓачка ѕвезда? Го знаеме ли ние сонот на оној што љуби, оној што е не помалку сјаен од ѕвездите? Знаеме ли ние каков сон е смртта, го знаеме ли сонот помеѓу двете темнини од кои несфатливо како, но дојдовме, и дали во темнината без сон ќе завршиме ако љубовта не ја сретневме. Има ли право Шекспир кога вели „да се сонува да се спие, да се спие, но, дал со смртта може нешто да се реши или со неа човекот повторно ќе згреши“? Тогаш кога ја слушаме музиката на нашето највнатрешно ѕвезденo небо, знаеме ли дека животот наш е визијата на ноќта и денот, затоа што сѐ што постои е сон во сонот и знаеме ли ние луѓето кога и во каков сон повторно ќе се разбудиме? Затоа треба да се изгубиме во тишината, во љубовта, во петтото годишно време, да се изгубиме без страв, да се воздигнеме од земјата и да го собереме небесниот свод во нашата душа и да ја зачуваме онаа древна, исконска сила заради која дојдовме на земјата – да љубиме. Дали тоа светлечко небо е убавината за која вреди да се живее и да се умре? Сонот во тишината, сонот што го носиме во срцето како љубовна дамнешна трага е нашето прибежиште на убавината, нашето катче на светлината, нашата осаменост и нашата инспирација и вреди ли, о, да, вреди за тој сон, сѐ друго да заборавиме.

Мрачни мисли татнат во нашата душа во претставата, а тоа е стравот од заборавот кога велиме – и сѐ нека заборавам, нека тишината вечно ме покрие, но само да не го заборавам сонот на љубениот низ вечните ходници на времето. Но сега ја носиме оваа неподнослива тежина како кошмарен сон, сон за изгубениот рај што никогаш нема да се врати во овој живот. Во тие мигови на страв, трепет и јанѕи, за време на претставата, месечинската светлина беше покриена со густиот облак, кога се наоѓаме среде темнината на безѕвездената ноќ, тогаш кога демонот од нас го пиеше врелиот копнеж по љубениот сок – стравот од заборавот. Но сонот за сеќавањата таму го задржувавме како преграб вечен, сон без кој нема да го најдеме патот млечен. И како понатаму од амбисот на љубовта и стравот од заборавот? Дали некогаш се одвоивме од ковчегот на спомените, во кој еден ден темниот ангел ќе нѐ покани да влеземе, оставајќи нѐ да се надеваме во божјата милост за повторната средба со љубените, во некое друго време небесно? Каде понатаму од гробот, како постојано да нѐ прашува Зафирчев? Зарем овој живот е само краткиот сон на убавината на едно дамнешно љубовно сеќавање? Не, ние немаме неспокој во душата заради оној ковчег што со себе го носиме, туку јанѕите нѐ тиштат поради заборавот на последната љубов.

Дали повторно ќе го видиме љубовниот сон, како ѕвезда како цвет е дали повторно ќе се допреме во љубовната вечна прегратка на соништата. Тогаш како силно да извикуваме – ах, две души живеат во мене, две души за спас на моето тело, едната од мене да се оддели сака, другата тежнее да продолжи вака. И ќе дојде денот кога ќе летне светлиот ангел во далечината, а црниот ќе остане во длабочината, до некој нов сон, до некоја нова надеж до некој нов копнеж. Тогаш без страв ќе се издигнеме во височините оддалечувајќи се со радост од земјата, грлејќи го азурното светло небо, за една повторна средба помеѓу ѕвездите и тогаш ќе се прашаме, вредеше ли, вредеше ли тишината на петтото годишно време, тишината на убавината и на суштината?
Естетички маестрално изведено ова дело е совршена игра на бои, светлосни ефекти и симболи што раскошно паѓаат пред богатството на духот сѐ до последниот здив, прегрнувајќи се со совршенството на вонвременската режија и беспрекорната балетската игра. Сите овие духовни превирања внатре во нас не ќе можеа да се случат и без текстот на Сашо Димовски, сценографијата на Филип Коруновски, костимите на Раде Василев и музиката на Сашко Костов.
Мимоза Рајл