„Тејт Британ“ го откажа доделувањето на годинашната награда „тарнер“ за современа уметност, а фондот од 100.000 фунти ќе биде поделен како помош на десет одбрани уметници. Според организаторот, поради пандемијата на коронавирусот не е можно да се организира доделувањето на наградата, чиј фонд досега изнесуваше 45.000 фунти.
– Затворањето на галериите и мерките за физичко дистанцирање се од витална важност, но исто така предизвикаа и големи промени во животот на уметниците. Организирањето на изложбата по повод наградата „тарнер“ е невозможно во сегашни околности, па поради тоа одлучивме да им помогнеме на поширок избор на уметници во ова исклучително тешко време – соопшти „Тејт“, чиј потег наиде на одобрување на социјалните мрежи, со оцена дека е филантропски и демократски.

Според вообичаениот календар за доделување на „тарнер“, во ова време веќе бил познат потесниот избор на уметници, кои би биле повикани да подготват изложба за наесен, додека самото доделување на наградата вредна 25.000 фунти се одржува во декември. Освен победниците, и уметниците во потесниот избор беа наградени со по 5.000 фунти. Директорот на „Тејт Британ“ и претседател на жирито, Алекс Фаркухарсон, изјави дека и самиот Тарнер (1775-1851), кој своевремено планирал да го остави своето богатство за помош на уметниците, би ја поддржал ваквата одлука.
Годинашното жири ги помина последните 12 месеци во посета на повеќе стотици изложби низ светот заради прогласување на потесниот избор, а до крајот на јуни ќе избере десет уметници што ќе добијат по 10.000 фунти. Во жирито се кустосот на Институтот за современа уметност, Ричард Биркет, директорката на центарот за современа уметност „Балтик“, Сара Манро, директорот на Ливерпулското биенале, Фатос Устек и дизајнерот и кустос, Дуро Олову.

Критериумите остануваат исти како и досега, а тоа значи дека шанса имаат британски уметници или оние што живеат во Велика Британија, чија работа ќе биде проценета врз основа на нивниот придонес на современата уметност во овој момент.
Лани „тарнер“ ја добија четворица уметници од потесниот избор (Лоренс Абу Хамдан, Хелен Камок, Оскар Мурилло и Таи Шани). Жирито инсистираше да ја поделат. Последниве години изложбата се организира надвор од Лондон, во Глазгов, Дери, Гејтшид. Оваа година повторно требаше да биде во Лондон.

Лани, изложбата на кандидатите за најпрестижната награди за современа уметност, „тарнер“, беше отворена во галеријата „Тарнер контемпорари“ во Маргејт, Кент. Сите уметници во трката за наградата беа помлади од 50 години.
Кандидатите за „тарнер“ обично нудат дела што поставуваат предизвикувачки и проблематични прашања, а критиката се надева дека тие ќе ја спасат наградата од „сите оние здодевни уметници што не наложуваат да размислуваме премногу“, како што напиша британски „Гардијан“.