Во амфитеатарот на „Иналко“ на Сорбона во Париз се одржа церемонијата на доделувањето на наградите со што се заокружи осмото издание на Фестивалот на кинематографиите на Југоисточна Европа „Сее а Париз“. Од оваа година фестивалот е под покровителството на Министерството за култура на Франција.
За време на фестивалските денови пред париската публика се презентираа играни, кратки, документарни и анимирани филмови од 15 земји од регионот, кои предизвика голем интерес. Жирито во состав: Макс Азуле, претседател, Фредрик Фапани, Емануел Галабрије, Хазис Вардар и Патрисија Корбет, одлучи наградата за најдобар филм да му се додели „Устав на Република Хрватска“ во режија на Рајко Грлиќ. Наградите најдобар актер и најдобра актерка им се доделија на познатиот американски актер Гери Дурден, за улогата во филмот „Сѐ што таа напиша“ од Бугарија и на Адријана Матоши за улогата во косовскиот филм „Несакано“, додека за најдобра режија на грчкиот режисер Василис Мазоменос за филмот „Линии“. За најдобар документарен филм беше прогласен црногорскиот „Мирсада“ на Данило Марунивиќ, за најдобар краток филм унгарскиот „Отповик“ на Даниел Рајх, додека младото жири за најдобар филм го прогласи „Со љубов“ на македонскиот режисер Илија Цветковски.
На затворањето се додели наградата „Фредерик Росиф“ за особени остварувања во филмската документаристика на македонскиот уметник Киро Урдин, „Европа прима“ му се додели на Харалд Зиблер од Германија, додека наградата за исклучителен придонес во европеизацијата на регионот на Југоисточна Европа му се додели на македонскиот бизнисмен Светозар Јаневски.