Со учество на единаесет уметници од земјава, на изложбата „Современа скулптура – 2021“, која ја организира Друштвото на ликовни уметници на Македонија, наградата за скулптура „Боро Митриќески“ му припадна на Слободан Милошески за делото „Воздигнување“.
– Моето скулпторско дело насловено „Воздигнување“ е инспирирано од една чиста човечка желба за ослободување на сопствениот дух, што толку ни недостига во последно време. Според нејзината форма, скулптурата е доста едноставна и е вертикално насочена, што во суштина претставува и стремежот за вивнување во височините – вели Милошески.
Наградената скулптура е изработена од железо и на неа се сретнуваат два типа приоди кон третирањето на површината, односно грубо рапава и префинето исполирана текстура. Овие две текстури визуелно и тактилно меѓусебно си конкурираат, но во исто време ѝ даваат смисла на приказната и го поттикнуваат нејзиниот расплет. З.А.