Подолго време имаме став и перцепција за значењето и потенцијалот на муралите во јавните простори. Она што јас би го издвоила како важно е дека и покрај нивната визуелна „наметливост“, муралите се просторно ненаметливи, а токму таков контрапункт му е потребен на град како Скопје, кој веќе е контаминиран со многу сомнителни и кабасти квазиуметнички решенија, вели Јакимовска

Јана Јакимовска, уметница

Уметницaта Јана Јакимовска и уметникот Ненад Тонкин заедно го насликаа муралот „Хероите на градот“, кој неодамна осамна на познатата пожарна кула во населбата Автокоманда. Тие им го посветија муралот на скопските пожарникари, посакувајќи им кулата да биде целосно санирана и на другиот ѕид да блесне уште еден мурал во нивна чест. Таа и Ненад имаат и претходни искуства со мурално сликарство, и двајцата изработија мурали оваа година во рамките на фестивалот „Акто“ во Кочани и во Кавадарци. Беа дел од екипата што работеше на муралот на Младинскиот културен центар во Скопје насловен „Индоктринација“ (по иницијатива на Иван Ивановски), со група уметници сликаа и на Клиниката за детски болести, а учествуваа и во „Еволуција на еден сон“ – времени мурали во приватна куќа што се уништија со нејзиното рушење.
Јана Јакимовска е вонредна професорка на Ликовната академија на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Досега има реализирано 17 самостојни и над 80 групни изложби во земјата и во странство, а во последно време е активна со муралното сликарство. Деновиве во галеријата на Младинскиот културен центар е отворена и нејзината изложба „Небо“, на која се претставени 20 небесни пејзажи во техниката акрил на платно, работени во последните три години. Изложбата ќе трае до 22 декември.

Дали сликањето на заедничкото дело, впечатливиот мурал „Хероите на градот“, за вас претставуваше посебен уметнички потфат со оглед на тоа што се простира на површина од 180 квадратни метри, а кулата е и висока и маркантна?
– Беше потфат од повеќе аспекти: прво, да се осмисли мурал со конкретна, да речам ангажирана тема, потоа да се изработи скица за таков специфичен вертикален формат, потоа таа скица да се пренесе на толкава огромна површина и, конечно, да се работи на висини на кои не сме навикнати. Му благодарам на командантот на скопската противпожарна бригада, Влатко Симоновски, кој уште за време на скицирањето ми даде многу важни информации, ми даде насока во која ја градев скицата и ни даде пристап до просториите и опремата од кои се црпеше дополнителна инспирација. Никола Наумоски од Град Скопје исто така даде поддршка, тој помогна во финализирањето на визуелното решение, а сево ова конечно се реализира благодарејќи на „КреАрт“, од каде што ја увидоа потребата во рамките на нивниот проект да влезе и ваков монументален омаж на нашите пожарникари. Сепак, овој мурал немаше да се реализира, или барем немаше да се реализира вака, да не беше Ненад Тонкин. Иако скицата ја изработив јас, работата на терен беше апсолутно заедничка. Морам да нагласам дека, на самиот почеток, додека јас долу „тресев клинци“, токму Ненад сам се качуваше да ја ишпарта целата кула за да можеме полесно да ја пренесеме скицата на ѕидот. Неговата храброст, за среќа, е заразна, па набрзо и јас му се придружив во височините и си го победив стравот, се надевам, засекогаш.

Муралот им го посветивте на скопските пожарникари, на хероите на градот на кои им изразивте и благодарност за помошта во работата, која најчесто, велите, сте ја вршеле искачени на фамозниот сноркел. Како изгледаше во живо да се работи таму горе високо?
– Прво, накратко да објаснам што е, всушност, фамозниот сноркел. Тоа е интервентно возило што има кран на кој се наоѓа кошница, која може да се искачи на висина од околу 30 метри. Возилото великодушно ни беше отстапено за изработка на овој мурал. Ништо не е исто таму горе и овде долу, секако, тоа е тешко да се објасни, а уникатно да се искуси. Нашите пожарникари најдобро знаат како е да се освојуваат тие висини со корпи, скали и полна опрема, и тоа ризикувајќи го својот за спас на други животи. Пред сѐ нашата благодарност кон нив е за тоа. Од друга страна, без нивниот удел работата на муралот немаше да ја завршиме ниту ние. Токму пожарникарите беа оние што го командуваа сноркелот со кој се качувавме и, ако ништо друго, барем од тој аспект почувствувавме делче од тоа што значи да се работи нивната работа. Јас како човек можам само да посакам да имаат уште повеќе бенефиции и би апелирала до надлежните уште повеќе да се заземат за достоинството на професијата пожарникар, а како уметница посакувам кулата на која работевме да биде целосно санирана и на другиот ѕид да блесне уште еден мурал во нивна чест.

Што сѐ моравте да земете предвид кога го планиравте овој проект, на какви творечки искуства можевте да се потпрете и што се појави можеби како непредвидлив, специфичен момент во процесот на работа?
– Сѐ што зедовме предвид беше едно зрнце наспроти планината непредвидливи моменти при работење на мурал од ваков формат и на тие висини. Како прво, димензиите и висината го земаат данокот во време, сѐ оди многу побавно отколку што се очекува. Висината влијае на центарот за рамнотежа и на концентрацијата, па телото троши енормно количество енергија за да се стабилизира. Час ефективна работа во кошницата комотно би го споредила со тричасовна работа на земја. Понатаму, нишањето на кошницата беше специфичен момент што, барем кај мене, резултираше со морска болест, па така и на столче и во кревет, јас константно бев на сноркелот, ха-ха. Исто така, наивно мислевме дека во денот ќе имаме многу работни часови, но не се работи кога врне, не се работи кога дува ветер, не се работи кога ќе зајде сонцето. Не се работи повеќе од час, час и половина во континуитет, за да може моторот да се одмори. Во кошницата исто така тешко работат двајца истовремено. На моменти малку „се мечувавме“ со дршките на валјаците и често поради тоа одевме горе по еден. И конечно, почувствувавме што значи „виша сила“ во моментот кога сноркелот претрпе дефект, кој ја стави нашата работа на пауза од речиси цел месец. За среќа, тој е повторно во функција и подготвен е за акција.

По стекнатото искуство со создавањето на „Хероите на градот“, кои се вашите перцепции за значењето на муралите во градските средини?
– И јас и Ненад имаме и претходни искуства со мурално сликарство, и двајцата изработивме мурали оваа година во рамките на фестивалот „Акто“ во Кочани и во Кавадарци. Бевме дел од екипата што работеше на муралот на Младинскиот културен центар во Скопје, „Индоктринација“ (по иницијатива на Иван Ивановски), со група уметници сликавме и на Клиниката за детски болести, а учествувавме и во „Еволуција на еден сон“ – времени мурали во приватна куќа што се уништија со нејзиното рушење. Оттаму, веќе подолго време имаме став и перцепција за значењето и потенцијалот на муралите во јавните простори. Она што јас би го издвоила како важно е дека и покрај нивната визуелна „наметливост“, муралите се просторно ненаметливи, а токму таков контрапункт му е потребен на град како Скопје, кој веќе е контаминиран со многу сомнителни и кабасти квазиуметнички решенија, во кои ми е веќе напорно да навлегувам повторно, се надевам претпоставувате дека алудирам на „Скопје 2014“.

Задоволни ли сте од досегашните реакции за новиот мурал што стигнуваат до вас од пожарникарите, уметниците, граѓаните, од општинската и градската власт во Скопје?
– Засега слушаме само позитивни коментари и нема да излажеме ако кажеме дека тоа нѐ радува. Секако, нормално и очекувано е дека не може на сите да им се допадне, така што подготвени сме и на негативна критика доколку ја има. Од пожарникарите природно имавме сугестии, коментари, прашања, но тие секако се случуваа во процесот на работа што тие будно го следеа. Ги следеа сите наши грешки, корекции и дилеми, и посведочија како едно дело од таков размер може да има и многу „никакви“ фази дури не дојде до финализирањето.