Фестивалот за современа музика „Модоарс“ утревечер, во 20 часот, во „Даутпашин амам“ организира концерт со реномираната оперска пејачка Розалба Колозимо, сопран од Италија, и во придружба на пијанистката Ема Попивода. Тие ќе настапат со оперски арии од Пучини, Белини, Тости, Пулен и од Бернштајн, а предвидена е и изведба на наполитанска традиционална музика. На концертот свој поетски слем-рецитал ќе има и поетесата Наташа Сарџоска придружена со пијано.
Сопранот Колозимо учела оперско пеење со врвни имиња како Еторе Кампољани, Лејла Генсера, Рената Скот, Алфредо Скот и со Монсерат Кабаје, чиј асистент станува во Мадрид во 1988 година. Настапувала во познатите театри: „Скала“ во Милано, „Шатле“ во Париз, „Сан Карло“ во Наполи, „Арена“ во Верона, „Фениче“ во Венеција, Операта во Рим, Операта во Хамбург, „Комунале“ во Фиренца, заедно со врвни оперски уметници како Пласидо Доминго, Мирела Френи и Лео Нучи, а под диригентската палка на Мути, Орен, Куртис и Манино. Во 1991 година во театарот „Фениче“ ја добива престижната награда Калас.
Ема Попивода е пијанистка со богата интернационална кариера и вистинска амбасадорка на македонската култура во светот. Ги завршува докторските студии по пијано со највисок успех и активно концертира на светските музички сцени. Од нејзините настапи се издвојуваат солистичките концерти во Токио, Њујорк, Лондон, Рим, Брисел, Гдањск, Будимпешта, Белград, Софија, Скопје. Попивода работи како професорка по пијано на универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и повеќе години успешно раководи со фестивалот „Модоарс“.
Наташа Сарџоска е писателка и поетеса со богата меѓународна кариера. Своите поетски настапи го соединува со музика, џез-импровизација, акапела-пеење, но и со цртање по тело и интерактивни перформанси со публиката. Преведена е на повеќе јазици, а настапувала на книжевните фестивали во Берлин, Џенова, Братислава, Риека и во Струга, како и во Македонскиот културен центар во Софија во мај 2018 година.
Фестивалот за современа музика „Модоарс“ се одржува 11-ти пат, а покрај концертот на сопранот Розалба Колозимо од Италија, концерт ќе одржи наскоро и Фринфрид Хакл – флејта (Австрија).