Музичко-визуелниот перформанс „Диши љубов“ ќе ја има својата премиера на 15 март во концертната сала на Филхармонија. Станува збор за сосема нов, автентичен и уникатен проект со музика на композиторот и диригентот Џијан Емин и текстови на музикологот Тина Иванова, во кој музиката создадена низ песни се соединува со холограм, со тоа наметнувајќи му го епитетот мултимедијален.

Првпат во Македонија се реализира концерт, кој ќе биде изведен со слика добиена со интерференција на светлосни бранови. За реализација на холограмот и воопшто за целосната визуализација е задолжен Јохан Мелин од Шведска, кој зад себе има завидна биографија како филмски режисер и писател.

Концертот „Диши љубов“ е замислен да се реализира на две нивоа. Првото ниво е сочинето од десетина песни во изведба на Џијан Емин, вокал, гитара, синтисајзер и музички уметници од Филхармонија. Второто ниво е нарација на расказ со љубовна тематика поткрепена со инструментална музика.
Покрај Џијан Емин и музички уметници од Филхармонија, на концертот ќе учествуваат и оперска пејачка, како и актер задолжен за нарацијата.

Автор на текстовите на песните, како и на расказот е музикологот Тина Иванова, чија инспирација за нивно создавање се токму споменатите тематики, кои на целиот проект му даваат една сосема нова и поинаква димензија.