Музеите во некои германски држави ќе ги отворат своите врати во наредните недели, бидејќи изолацијата како превентивна мерка за спречување на ширењето на ковид-19 полека се ублажува. Но ова подразбира потреба од нови строги мерки за безбедност и хигиена, што може да резултира со побавен процес на повторно отворање за некои помали музеи. Со оглед на тоа што голем дел од светот сè уште е во изолација, уметничката заедница внимателно ја набљудува ефикасноста на овие нови мерки за подобро разбирање на иднината на уметничкиот свет.

Минатата недела Бранденбург отвори неколку мали музеи со зголемени заштитни мерки и ограничен број на посетители, што ја прави првата од 16-те држави на Германија што ги отвори музеите пред јавноста. Музејот на Бранденбург сподели упатства за повторно отворање, кои вклучуваат носење плексигласни штитови за вработените на билетарниците, прифаќање кредитни картички наместо плаќања во готовина, снабдување на целиот персонал со средства за дезинфекција, често чистење на просторот и ограничување на еден посетител на површина од 15 квадратни метри. Музеите не треба да нудат групни тури и треба да обезбедуваат само аудиоводичи, кои мора внимателно да се дезинфицираат по секоја употреба.

Според извештајот во „Арт њуспејпр“, музеите во Берлин и во Саксонија ќе почнат со повторно отворање на 4 мај. Новонајавените мерки за безбедност на Германското здружение за музеи се слични на оние на музејот на Бранденбург. Овие нови упатства може да се покажат како предизвик за поголемите музеи во Берлин. Од 170 приватни и граѓански институции во градот, голем број очекуваат милиони посетители секоја година. Со дополнителни трошоци потребни за да се одговори на упатствата и очекуваниот пад на бројот на посетители, Германското здружение за музеи ги повикува политичарите и спонзорите да ги поддржуваат музеите во ова време.

Некои германски галерии почнаа повторно да се отвораат минатата недела, со свои препораки, вклучувајќи ги и ограничувањето на посетителите и задолжително носење маски. Германските власти остануваат крајно претпазливи, истакнувајќи ја нестабилноста на тековните околности.