Мојата длабока почит, учителу

Со право го нарекуваат татко на мангата. Стариот мајстор Осаму Тезука (починат во 1989 г.), кој го создаваше својот имагинативен манга-свет, внесувајќи ликови со карактеристичните „големи очи“ препознатливи за јапонската анимација. Неговиот „Кимба, белиот лав“ го инспирирал Дизниевиот „Кралот лав“. Најпопуларниот цртан лик на Тезука е Астробој, детето-андроид, омилен не само меѓу јапонските, туку и децата ширум светот.
Триесетина години помлад од Тезука, Наоки Урасава почнал да црта манги како дете, а првите му се поврзани со спорт, теми џудо, тенис… Гради реалистичен стил на којшто најмногу му одговара жанрот на психолошкиот трилер. Неговиот опера прима, „Монструм“ е токму од таков карактер.

Од 2003-та до 2009-та работи на мангата „Плуто“, каде што еден од главните карактери е токму Астробој на Тезука, кој заедно со својата суперсестричка Уран е префрлен на „друг терен“, во трилер во кој дејствуваат заедно со роботот-детектив Гешист. Еден од ликовите во „Плуто“ е докторот Тенма, кој инаку ги конструирал Астробој и Уран. И главниот осомничен, Плуто (робот со рогови), е исто така преземен од Тезука, но кај Урасава, тој е невидлив до самиот крај и никој не знае кој е тој. Овој трибут кон Тезука е уште поимпресивен, зашто стилот на Урасава во многу нешта се разликува од оној на стариот мајстор. Додека цртежот на Тезука е магичен, оној на Урасава е прецизно реалистичен.

Оваа препознатливата јапонска почит кон претходникот (постариот, поискусниот) ме потсети на една случка од октомври 2003-та, во универзитетското гратче Тенри (Јапонија), за време на втората конференција на Светската хаику-асоцијација. Целиот настан, иако функционираше како под конец, за мене, дојденец „од друга планета“, нудеше најневообичаени и незаборавни доживувања. Едно од тие што ми остана во трајно сеќавање се случуваше во големата, преполнета со учесници, сала на универзитетот, за време на дискусијата за влијанието на современото европско поетско искуство врз јапонското хаику. Дискутанти беа двајца професори, едниот постар, традиционалист, и вториот помлад, со авангардни сфаќања. Дијалогот, со „тешки“ аргументи од обете страни, постепено се разгоруваше, па иако јапонскиот и онака за странските слушатели звучи отсечно и гласно, ми стана јасно дека нивниот судир станува сѐ пожесток.
И тогаш, помладиот стана и се упати кон крајот на салата.
Инаку, дел од зданието на универзитетот, каде што беше и салата, беше вдлабено во висока ридска карпа, а ѕидот кон којшто се упати помладиот професор всушност претставуваше огромен прозорец на излезот на таа карпа, од кој се ширеше поглед на густ шумски предел.

– Каде оди? Што ќе прави сега? – му шепнав на соседот, германскиот хаику-поет Бремер. Ги подигна рамениците.
Помладиот отиде до прозорецот, ги потпре раширените дланки врз стаклото, се загледа во шумата. Стоеше така неподвижно, ми се чинеше повеќе од минута.
Се врати и смирено, со насмевка, се поклони пред стариот професор и седна на своето место.
„Watashi no fukai keii, sensei“ („Мојата длабока почит, учителу“).