Хипхоп-модата, или уште позната и како урбана мода, е карактеристичен стил на облекување на припадниците на хипхоп-културата. Таа се однесува на облеката, очилата, фризурата, обувките и, глобално, ги изразува ставовите на хипхоп-културата. Од почетоците на хипхопот од 1970-тите години до денес, хипхоп-модата има претрпено повеќе промени. Според специјализираните списанија за мода, денес хипхоп-облеката со своите варијации е еден од најпопуларните стилови на облекување кај младите.

На почетокот, модата на оваа култура ја сочинувала спортската облека од познати марки, за кон средината на 1980-тите и 1990-тите години да започнат да се носат широки фармерки со широки јакни, еднобојни дуксери, бели маици или дресови на кошаркарски тимови. Со комерцијализацијата на хипхоп-музиката, новиот милениум донесе драстични промени: облеката започна да се стеснува, започнаа да се ставаат светкави детали на панталоните и маиците, се воведоа спортските палта на кои се забележуваат силни и контрастни бои. Меѓутоа, во основа, стилот на оваа облека остана лежерен.
Меѓу додатоците карактеристични за овој урбан стил ќе ги наведеме: темните очила, спортските капи и марамите, тетоважите, големите златни синџири, големите златни обетки, ремени со нечие име, големи златни прстени, односно сѐ што симболизира статус и богатство. Покажувањето богатство и моќ преку светкав и орнаментиран накит, мобилни телефони или златни заби уште е познато како „блинг-блинг“. Сепак, начинот на облекување претставува индивидуален избор, така што некои одбираат поедноставни комбинации, а некои со мноштво придружни модни додатоци. Посебна приказна се фризурите: тие можат да бидат суканици (групата ДАС ЕФХ), типична афрофризура (Лорин Хил), хај топ фејд (Вил Смит), корнровс (Ален Ајверсон) или целосна нуларица, особено популарна од времето на кошаркарот Мајкл Џордан од 1990-тите години.

Гледајќи ги можностите за заработка, покрај веќе постојните популарни брендови прифатени од хипхоперите, како „Томи Хилфигер“, „Гучи“, „Адидас“, „Најки“ и други, самите рапери создаваат своја облека што ја брендираат: Ву Веар, Фат Фарм, Џи Јунит, Шон Џон итн. На тој начин, хипхоп-модата се комерцијализира и станува урбана мода, прифатена од Њујорк до Париз, Москва, Хонгконг, Рио де Жанеиро и Дакар.
Прифатена од разните хипхопери и аренби-пејачи (Снуоп Дог, Џеј-Зи, Бјонсе, Ријана) и популарни личности, како фамилијата Кардашијан, денес во суштина хипхоп-модата станува универзален начин на облекување. Или, како што забележува еден моден критичар, „рап-музиката и модата – овие денови двете одат рака под рака“.

Славчо Ковилоски