Модел (3)

– Јованка седнала отспротива со раширени нозе за да може да го опфати штафелајот – продолжува Илчо – можеби поради таа нејзина поза во тесни фармерки, можеби внатре било пријатно топло, па кога се соблекол почувствувал дека телото му е среќно, а не премрзнато како во Академијата, а таа го гледала одоздола, онака намерно го меркала, и тука типот се заборавил, се препуштил. Само знаеме дека тогаш Јованка му рекла, мртва ладна: „Не можам да те цртам ваков со дигнат!“ И му наредила веднаш да си ги собере алиштата и да се губи од ателјето.
– Кутриот тој – не издржав.
Замислив како му било на Моделот додека се враќал, понижен и потиштен, од ателјето на Јованка во своето потстанарско сопче. Можеби меѓу конфузните мисли му се вовлекла песната на Азра „’Лијепе девојке пролазе кроз град, ја на углу стојим сасвим сам‘ – минуваат низ градот, минуваат низ животот, а и тој не стои. А тие си мислат дека се нешто специјално, дека се светилници што вечно ќе стојат и ќе нѐ мамат. Е, ma non funziona in questo modo!“ А можеби, бил толку свиснат и изгубен, што имал само желба да побегне што подалеку од местото на понижувањето.

– Утредента, Моделот не се појави во Академијата, а ни следните денови. Што да ти кажам. Како да се изгуби од нашето друштво. Им рекол на студентите што случајно го здогледале по улиците дека доста му е од позирање на неталентирани, разгалени дилетанти. Јас не го видов со децении – кажува Илчо, инаку денес професор на истата академија каде што како студент го сликаше Моделот – мислев дека се отселил од Скопје, иако кружеа приказни дека сѐ уште е во градот, но дека многу се запуштил, престанал да се бричи и да се шиша. Кога ќе го видеа, луѓето не можеа да го препознаат.
Не можеше ни Илчо, кога, по четириесет години, сред карантинот, го пресретна во пустата уличка „Антонио Грубишиќ“. – Еј другар, амико мио! – одекнуваше гласот низ тивкиот, празен сокак. Не носеше маска, но рацете му мавтаа како краците на страшило на силен ветер. Дури кога му се приближи на два чекора, Илчо сфати дека пред него е некогашниот Модел.

– Па тоа си ти… Како си? Дали е се во ред кај тебе? – го прашал.
– Дај пари. За леб и цигари!
Му дал стотка. – Што е бе ова?! Не ме заебавај! – се развикал Моделот.
Пребарувајќи по паричникот, Илчо извадил уште две стоденарки и една десетденарка.
– Со ова можам газот да си го избришам! – дрекнал Моделот, ја истуткал и ја фрлил десетденарката на улица – Ајде, здраво!
И заминал, вели Илчо, редејќи ги гласно, најгласно, опачините на светот.
– И замисли, додека се оддалечуваше од мене, онака неуреден и размавтан, си реков, овој сѐ уште има добра фигура. Вистински Модел.