По смртта на Христо, уметникот што го обвитка светот

Уметникот Христо, познат по уметничките дела што се базираат на обвиткување згради, вклучувајќи го и берлинскиот Рајхстаг, како и покривање делови од цели области и острови во ткаенина, почина на 84-годишна возраст. По што ќе остане запаметен?
Христо Владимир Јавачеф бил роден во Бугарија, студирал во Софија, а потоа се преселил на Запад во 1957 година, патувајќи со воз од Прага до Виена. Две години подоцна, тој се запознал со Французинката Џин-Клод Денат де Гилебон, која станува негова уметничка партнерка и сопруга до нејзината смрт во 2009 година. Двојката ја започна својата кариера со големи јавни уметнички дела во 1961 година, кога покриваа буриња на пристаништето во Келн. Бурињата честопати се појавуваат во нивните уметнички дела, благодарение на ниската цена и скулпторскиот изглед, заедно со имплицираната политичка конотација секогаш омаловажувана од уметниците.

– Јас правам работи што немаат никаква функција, освен можеби да предизвикаат задоволство – рече Христо за „Гардијан“ во 2018 година.
Следната година, тие барикадираа улица во Париз со нафтени буриња. Наречен „Ридо де Фер“ („Железна завеса“), ова дело ги постави на светската уметничка мапа, и тие продолжија да творат претставувани од познатата галерија „Кастели“ во Њујорк. Двојката продолжи да креира дела од големи размери, кои често вклучуваа обвиткување на огромни природни споменици во ткаенина, нешто што ги постави во исти редови со американските уметници од раните 1970-ти, кои создаваа огромни уметнички дела во пустина. Во 1969 година, Христо и Џин-Клод започнаа со работа на „Обвиениот брег“, кој ги вклучувал крајбрежјето и карпите на Литл Беј во Сиднеј, Австралија, обвиени во сива ткаенина, за да создадат најголемо уметничко дело во тоа време.

Во 1972 година тие ја создадоа „Завесата на долината“, подигнувајќи портокалова завеса висока 14.000 метри, низ Рифл Гап, кањон во Колорадо, иако бурата ја уништи само еден ден подоцна. Сите уметнички дела на Христо и на Џин-Клод се дизајнирани да бидат привремени.
– Уметниците, пред сè архитектите, бараат постојаност. Јас не. Ми се допаѓа идејата да не оставам ништо. Потребна е храброст – рече Христо.
Неговата работа беше финансирана од продажбата на подготвителни цртежи – тој секогаш одбивал спонзорство.
– Отсекогаш сме биле добри во преговори. И требаше да бидеме, во спротивно овие проекти никогаш не би се реализирале. Но секогаш сме биле добри во тоа што банките добиваат кредитни линии – додаде Христо.

До 1980-тите, амбициите и угледот на Христо и на Џин-Клод пораснаа до тој степен што беа во можност да изработат неверојатни проекти, покрија околу 11 острови во заливот Бискејн во Мајами со светлорозова лелеава полипропиленска ткаенина и го завиткаа Понт Ноуф, најстариот мост во Париз, откако тогашниот градоначалник Жак Ширак го даде своето одобрение. Сепак, најспектакуларното достигнување на уметниците, веројатно, се случи во 1995 година, кога го обвиткаа Рајхстагот, покривајќи ја зградата на германскиот парламент во Берлин во алуминиумска ткаенина, помалку од шест години по падот на Берлинскиот ѕид.
– Тоа беше една од најубавите нешта што сум ги видел досега. Стоте алпинисти што се качуваа по фасадата на Рајхстагот, полека ја распостилаа оваа огромна сребрена завеса. Немаше кранови или машини, само луѓе што слегуваа во еден вид воздушен балет. Беше 1995 година и голема група луѓе дојдоа да го следат завиткувањето. Потоа, кога беше готово, се доближија за да ја допрат ткаенината – рече Христо за „Гардијан“.

За да не ја намали вредноста на делото, Христо им забрани на тројцата тенори да изведат концерт пред него. Понатамошните проекти ги вклучуваат и „Портите“ – структури од винил-шафран, подигнати во „Централ парк“ во Њујорк и „Пловечките столбови“ во италијанското езеро Исео. Летото 2018 година, Христо пушти 7.506 буриња да пловат во езерото Серпентин во лондонскиот „Хајд парк“. Делото, наречено „Мастаба“, ги воодушеви гледачите.
– Делото ќе им припаѓа на сите додека го снема. Тоа ќе биде обележје неколку месеци – рече уметникот за „Гардијан“.
Планираното дело „Обвиена Триумфална порта“ ќе биде изведено постхумно, во согласност со желбите на двајцата уметници, во Париз во септември следната година.