Фото: Игор Бансколиев

Филмскиот режисер Милчо Манчевски завчера, попладнето и вечерта, во центарот на Скопје, снимаше сцена од својот последен филм „Врба“, на улица зад трговскиот центар „Буњаковец“, за која беше употребен и вештачки дожд.

На филмскиот сет беа присутни актерите Петар Мирчевски, Никола Ристески и Наталија Теодосиева.

Младата Теодосиева во овој филм ја толкува улогата на Родна, лик од современиот дел на приказната, која се случува во Скопје, во ова време.

– Родна потекнува од типично македонско семејство, се заљубува во еден многу искрен и срамежлив, голем човек и со него планира семејство, но, сепак, потоа се појавуваат проблемите, од типот што не можат да имаат деца, и натаму се развива приказната – изјави за медиумите Теодосиева.

Ова не е прв нејзин филм, но рече дека возбуда и позитивна трема, сепак, постојат. Петар Мирчевски, пак, откри дека ја толкува улогата на Ставре Дувниветровски-Глаучот. Тој исто така истакна дека ова е петти пат како глуми во филм на Манчевски, онолку колку што тој има и снимено филмови во Македонија.

Никола Ристески игра во делот од приказната, која се одвива во 17 век. Тој и неговата партнерка Сара Климоска, која вечерта не беше присутна на сетот, изминативе неколку недели снимаа во прилепскиот и мариовскиот регион.

– Ова е мој прв проект воопшто, прв филм. Чест е да се работи со ваква екипа, со толку голем режисер, и тука навистина запознав премногу прекрасни луѓе со кои би сакал да продолжам да работам – рече Ристески.

Манчевски порача овој филм да се гледа во кино, а не дома, на телевизиски или компјутерски екран. Ова е првпат по девет години тој повторно да снима македонски филм.

– Секогаш е добар момент за снимање ако е созреана приказната, ако се склопат коцките и ако се склопат и другите креативци, како и финансиите потребни за да се направи филм. Претходниот филм го работев во Њујорк, затоа што таа приказна таму требаше да се случи, а и затоа што тука не бев во ситуација да работам филм, бев на црна листа. Од друга страна, пак, убаво е кога се работи – рече тој.

Режисерот напомена дека „Врба“ го чинат две фиктивни приказни што се пресликуваат, се дополнуваат и се во контраст една со друга. Приказна „што тлеела како идеја веќе подолго време, но почнала да се дефинира дури пред четири години“. Милчо Манчевски изјави дека кон средината на 2019 година публиката конечно ќе има можност да го погледне филмот, кој е во продукција на „Банана филм“. И.Б.Р.