По повод одбележување на јубилеите 100 години од првите археолошки ископувања на Стоби и 10 години од формирањето на националната установа „Стоби“, ќе се одржи меѓународна археолошка конференција насловена „Меѓу Истокот и Западот. Стоби и градовите во римските провинции на Балканот“. Конференцијата ќе се одржи во винарницата „Стоби“, во Градско, од утре до 30-ти месецов.

Покрај домашните истражувачи, на конференцијата ќе учествуваат педесетина реномирани археолози од различни земји како САД, Австрија, Франција, Германија, Грција, Бугарија, Албанија, Србија, Хрватска и во Црна Гора. Настанот ќе биде официјално отворен утре во 17.45 часот, а на отворањето ќе зборуваат Роберт Алаѓозовски, национален координатор за развој на културата, Спасе Перовски, директор на НУ „Стоби“, академик Вера Битракова Грозданова, Џејмс Вајсман, Силвана Блажевска и Каролин Снајвли. На отворањето ќе биде промовирано и четвртото издание на обновениот зборник „Студии за старините во Стоби“ каде што се презентирани резултати од археолошките истражувања на Стоби од 1970 до 2012 година.