Во организација на Академијата на науките и уметностите на Македонија, меѓународниот славјански универзитет „Гаврило Романович Державин“, Филозофскиот факултет при УКИМ и Филозофското друштво на Македонија, традиционално, од денеска до 4 октомври, ќе се одржи 5-от меѓународен филозофски дијалог „Исток – Запад“. Симпозиумот ќе се одржи во Скопје, Битола и во Охрид. Отворањето е во МАНУ, денеска, со почеток во 11 часот.

Тема на годинешниот симпозиум е „Кризата на идејата за Европа“, а гости се истакнати филозофи, научници и истражувачи од Полска, Романија, Грција, Босна и Херцеговина, Србија и од Македонија. Оваа платформа на интензивен филозофски дијалог влече корени од 2015 година, кога по идеја на британскиот филозоф Стивен Прист беше организиран првиот тридневен симпозиум на темата „Наука и религија“.

Во наредните години теми на дијалогот беа: „Правото меѓу политиката и етиката“ (2016), „Филозофија на образованието и филозофија во образованието“ (2017) и „Биоетиката на крстопат“ (2018) со учесници од: Велика Британија, Русија, Канада, Франција, Полска, Хрватска, Србија, Бугарија, Грција, Босна и Херцеговина, Албанија и од Македонија.