Третонаграден расказ на конкурсот на Фондот на холокаустот на Евреите на Македонија

Третонаграден расказ на конкурсот на Фондот на холокаустот на Евреите на Македонија

– Сите луѓе се родени за да бидат чисти, педантни, да имаат чисти чевли, чисти домови, чисти трпези, чисти песни, чисти образи, чисти занаети, чисти сметки и чисти севди – се расприкажувал прадедо ми додека ја развртувал, затресувал и проверувал уште еднаш, за последен пат, новата метла пред да му ја подаде на муштеријата.
– Е вака, ко дрвцава, ги гледаш? Ко овие тенки стебленца врзани со конец паран од срце, треба да бидат сплотени, стегнати еден до друг. Само така светот ќе светне. Растури ги, секое башка, тешко дека ќе може некоја работа да збрка, јали тага, јали несреќа да смете… тогај не помага ни од волшебно семе да се, побратиме – сипел насмевка в брада и кога облакот бил налактен на отворениот пенџер на неговата дуќан-работилница.
Прадедо ми бил ценет колку најугледните адвокати, банкари, трговци, уметници во градот, околијата, ако не и пошироко, ако не и повеќе од нив, иако, како што може да се види од фотографијата, не бил најдостоинствено дотеран во темен костум, бела кошула и срмен елек, туку во аливца што му давале леснина, завет и полет во работата. Сепак, имал нешто што го немале другите од еснафот, и постари поискусни, и помлади попргави. Патеките на домаќинките и домаќините ја лижеле калдрмата од врвчење кон и од неговиот дуќан, и покрај тоа што имало и други во маалото и градот испечени во занаетот. Во секоја куќа, покрај неколкуте активни метли, за сокачето, за дворот, за зад куќи, за в куќи, изабени и понови, можеле да се сретнат барем две-три неупотребени, купени баш од кај него, демек да се најдат.

Ако на метлата местото ѝ е зад врата, таа пак е буден чувар на редот во домот. Едни се деновите кога се сметени, други кога домаќинките се болни, па подот е полн боцки. Подовите се лицата на семејната среќа, верувал прадедо ми и жалел што не може да сплете уште повеќе метли и за луѓето подалеку. Ако градиш, рушиш или ти се збере многу смет в куќи, почни на едно место ред да клаваш. Тогај, ко за беља, ќе ти излезе сето ѓубре пред очи, сѐ што си пикал под чергиче не знам кога… Ама не бој се, не бегај – замавни! Почни од негде и, малу по малу, ќе ти се расчисти патот. Оти кој нема чистина околу себе, нема ни во себе, внатрето и надворот се поврзани, едното го чисти другото, другото едното. Важно е да е чист приодот кон едното, а преминот меѓу нив сами ќе го најдат.
Освен голем филозоф без тапија, прадедо ми бил и голем љубовџија, ама не љубовџија со многу љубовници, туку со лаф и муабет, и со мерак за севда голема. Кој мете – зло не мисли оти се пее кога се мете – знаел да се мајтапи. Кога ги продавал метлите, подарувал и едно пусулче со сефардска мудра мисла и со име на песна што одат со таа метла и тоа ги веселело агилните сопственички. А земеле да метат, пулсот над дланката во која ја стегале дршката почнувал да игра во ритамот на песната. Песната прострујувала што низ грло, што по става, па ја пофаќал опулот на домаќинот залепен за наведнатото тело и метлата честопати завршувала покрај широката постела. „Ајде“, без збор, велела брадата поткрената кон вратата од спалната, а далеку, во чаршијата, прадедо ми задоволно ја галел плетката на афродизијакот што чуда прави: фрли го во огин – гори, а ете, и огин создава и го чува жарот в куќи.
Пет за еден час! Тоа е насмевката од фотографијата на која ги гушка пресно сплетените метли со долги дршки со истата нежна цврстина и бескрајна милост со која ги поземал брливите раце, нозе и главчиња на своите пет деца, стрчани кај него в преграб, кое право, кое со стој на раце и главата ничкум, квечерум кога се делел од плетената сандалија в работилница и итал да почине на широката софа в дневна. Во година, над десет илјади! Се ококорувале очите на гостинот намерник или ненамерник во градот со златен восхит во прав не поради метлите, колку поради десетте илјади различни пусулчиња сплетени во нив и поклонети на купците. Оти метла се продава, а срце се подарува.

Мојот прадедо метлар произвел толку многу метли, толку многу куќи светнале од неговата насмевка сплетена во нив, толку многу сонца испилиле и в зиме на чардаците, собрал сѐ од ука за нив, но не успеал да ја предвиди операцијата: метла. Никако не му влегувало в глава како може некој од мајка роден да посака да ги смете луѓето од Земјата. Ја биле Евреи, ја биле Роми… не се трошки, та да ги собереш в ѓубралник и да ги истуриш понастрана… Ни раска, ни трн во око не смеат да си бидат – плетел думи дури погледот низ решетките на вагонот за добиток преполн луѓе му запинал на трњето во природата.
Кога го собрале за во воз, дланките му биле полни метлини стебленца, па само ги стуткал в џеб. Едно, цела ноќ шмукал и од вкусот ја цедел желбата за каков-таков живот. Долгоочекуваното утро не го намалило плачењето на едно момченце, па итрецот се сетил како да го смири. Немало место да се стои и да се дише, но тој со вешто и забавено движење на јазлестите прсти му покажал како се плете метла. Потоа му ја подарил метлата од Палче, најминијатурното метличе сплетено и во нивниот свет и во светот на бајките. Кога детето го подало рачето, прадедо ми се насмевнал за последен пат. Земи го и фаќај метла одовде! Не си ни вештер, ни вештерка, нека ти биде оваа и волшебна метла и волшебна флејта, нека те одведе што подалеку, на безбедно!
На крајот прадедо ми го сместиле на буниште, го запалиле ко валкан отровен отпад, го претвориле во црни прашинки, дел одвеани од ветрот, дел однесени од водата. А малата метла работела тајно, успеала да го смете погледот на стражарот, да се провне под дупката на оградата и да ја брка метлината работа кај новиот газда, на чие лице, години подоцна некои ја препознале најубавата насмевка на метларот, насмевката на слободата.

Мојот прадедо метлар не ми ја оставил во наследство неговата крв, туку пораката што ја запишал тоа утро за момчето: Кој не оди по својот пат, нема да доживее добри денови.
– А која песна оди со оваа метла? – го прашував јас, како мал, мојот дедо.
– Песната на животот, дедино. И уште нешто ми срочи метларот: Ако сакаш да ги светнеш сите одаи, и левата и десната преткасела и касела, и влезот, претсобјето, прозорците, скалите, визбите, таванот и оџакот на срцето – верувај, нема подобра метла од прошката!

Габриела Стојаноска-Станоеска