Сара Жислер

Промоција на македонскиот превод на романот „Малечка“, во издание на „Или-или“, со што ќе започне одбележувањето на Месецот на франкофонијата низ повеќе македонски градови, во соработка со Амбасадата на Швајцарија, ќе се одржи, вечерва, со почеток во 18 часот, во организација на Францускиот институт во Скопје.

Промоцијата ќе се одржи во присуство на младата швајцарска авторка и авантуристка Сара Жислер и на Жан Фам Тран, претставничка од француската издавачка куќа „Едисион де Икуатор“. Аниматор на вечерта ќе биде Игор Анѓелков од издавачката ќуќа „Или-или“, а за самиот настан е предвиден консекутивен превод.

Романот „Малечка“ постигна голем успех на меѓународно ниво, а станува збор за поучно четиво од млада девојка, која гневот го преобразува во одисеја. Нежно и низ хумор, оваа патничка што го обиколи целиот свет, раскажува за маките од детството, за нејзината одбивност кон униформираноста на општество, како и за жедта за слобода, преку која ги надминува сопствените стравови.

Таа ќе напише: „Родена сум во средината на деведесеттите години во семејство на разведени родители. Бев од оние деца што растеа со клуч околу вратот, ги знаат напамет броевите за итни случаи и знаат како се готват тестенини уште пред да можат да ги досегнат тавите. Кога бев мала, се обидоа да ми објаснат дека сум слична на мајка ми, а татко ми бил презафатен со работни обврски. На училиште морав да ги слушам заморните наставници за тоа како се успева во животот. Подоцна, ми велеа дека работата в канцеларија била најдобрата за мене, дека наскоро ќе имам сопруг, куќа, деца, оти тоа е примарна потреба. На дваесет години престанав да ги слушам луѓето и си заминав. Сама, автостоп и без пари в џеб. Ја пропатував Европа до Нордкап, со единствена цел да не останам каде што бев. Може да се каже и дека избегав. Тоа беше моето прво големо патување. Во оваа книга, сакав да ги раскажам на моите талкања, моите падови, но и тоа дека патувањата ми беа спас“.

Манифестациите во рамките на годинашното одбележување на франкофонијата ќе бидат целосно посветени на ликот и делото на швајцарскиот автор, патописец, фотограф и режисер, Никола Бувие.