Зошто македонската изложба „Црвен петел – црна кокошка“ во Етнолошкиот музеј во Загреб е забранета за малолетници? На самиот влез на поставката може детално да се разгледаат женски фигурички од периодот од 6 до 5 век пред новата ера, од кои во некои ритуали се кршеле за да осигурат успешен пород. Занимливи се и остатоците од модели на куќи на големите мајки, за кои се верува дека биле жртвеници за плодност.Изложбата „Црвен петел – црна кокошка: култови на плодноста, обреди, обичаи и верувања“ кога беше отворена во Скопје, есента 2015 година, привлече големо внимание кај домашната публика и кај пошироката стручна јавност. Ги претставува култовите на плодноста, кои се практикувале на територијата на Македонија, почнувајќи од предисторијата до денес, претставени преку разни предмети, женски предисториски фигурини (антропоморфни и зооморфни жртвеници), преку опрема од обичаите под маски, велигденски јајца и делови од женската народна носија

Во загрепскиот Етнографски музеј, како што веќе е објавено, гостува големата изложба на Музејот на Македонија и Археолошкиот музеј на Македонија, под наслов „Црвен петел – црна кокошка: култови на плодноста, обреди, обичаи и верувања“, чија содржина не е примерна за помлади од 15 години. Хрватски „Т-портал“ пишува зошто е тоа така, со осврт на најзабавните примероци од изложбата.

– Меѓу разголените женски фигури и мермерни фалуси, посетителите на новата изложба во Етнографскиот музеј во Загреб, која стигнува од Македонија и говори за плодноста, веројатно најмногу се врткаа и се смееја на делот посветен на т.н. мрсни песнички, бајки, поговорки и гатанки со доста експлицитна содржина. Една од тие еротски песни всушност е виновна за називот на изложбата „Црвен петел – црна кокошка“, а гласи: „Каде ми бевте мои бели гаќи? Ние си бевме помеѓу двата крака, ние ја чуваме црната кокошка да не ја кловне црвениот петел!“ Таквата мрсна народна поезија е само мал дел од богатиот македонски еротски фолклор – рече етнологот и кустос на Музејот на Македонија, Владимир Боцев, на отворањето на изложбата, една од ретките во Хрватска со ознака 15+.

Како што објаснува Боцев за хрватските медиуми, мрсните песни и денес се пеат за време на божиќните и новогодишните огнови во македонските градови и села и во нив плодноста се споменува на малку поексплицитен начин, но тоа не е воопшто толку безобразно како што се мисли. Тој додава дека во Македонија во таквите обреди учествуваат сите членови на заедницата, па, така, и децата.

– Освен што на сите им се забавни песничките, на тој начин помладите генерации се воведуваат во сексуалноста, па целата работа функционира како некаков вид неформална животна школа за тоа прашање. Она „простото“ и „вулгарно“ во мрсните песни долго беше табу кај македонските фолклористи и етнолози, но тие се и треба да бидат составен дел од проучувањето на животите на нашите предци, како и современиот однос кон сексот и плодноста – вели Боцев, додавајќи дека ваквиот пристап кон овој тип фолклор го разбива стереотипното поимање на еротските песни како исклучиво машко поле на изразување.

Тие, како што појаснува етнологот, се пеат во рамките на обредот во кој учествуваат исклучиво жени. На пример, во струмичкиот крај во Македонија, во домот на тукушто свршените девојки се собираат жени, некогаш и по стотина, и под диригентската палка на свекрвата пеат песни и прават шеги со еротска содржина.

– Сите ги пеат овие песни со задоволство. Лично снимав една жена што ми ги пееше. Вистина, луѓето на почетокот малку се срамат, но кога ќе се опуштат, тогаш тргнуваат. Се разбира, овие обреди редовно се проследени со големи количества алкохол, така што тоа ја олеснува работата – објаснува Боцев.

Покрај него, коавтори на изложбата „Црвен петел – црна кокошка“ се Јован Шурбаноски, Јасемин Назим и Александра Папазовска, а во Македонија е поставена уште во 2015 година. Нуди увид во разните видови на археолошкото и етнолошкото македонско културно наследство, од праисторијата до денес, кои содржат елемент на телесното и сексуалноста, а со тоа и на плодноста.

На самиот влез на поставката може детално да се разгледаат женски фигурички од периодот од 6 до 5 век пред новата ера, од кои во некои ритуали се кршеле за да осигурат успешен пород. Занимливи се и остатоците од модели на куќи на големите мајки, за кои се верува дека биле жртвеници за плодност.

– Тука се и низа садови и скулптури во облик на пенис, бидејќи фалусот во сите познати антички верувања и митологии се сметал за голем симбол на плодноста. Кај Грците се врзувал за Дионис, а за време на фестивалите во чест на овој бог (освен на плодноста, бил и бог на виното) се изработувал фалус од дрво на смоква, подоцна и од црвена кожа. Па се закачувал на некое долго парче дрво. Женските носии и делови од носии заземаат голем дел од изложбата, а повеќето обилно се украсени со волнени, памучни или свилени реси. Се добивале со најсложен технолошки процес, а со бојата, квалитетот и раскошот давале информации за возраста и брачниот статус на жената. Така и украсите биле најбогати на денот на венчавката или во текот на невестинската доба, период што можел да трае и од 40 дена до 6 месеци или година по венчавката или, пак, до раѓањето на првото дете. Во одредени подрачја некои делови од невестинската носија се носеле до крајот на животот, но во текот на годината украсите од реси се менувале, а и боите станувале потемни – пишува хрватски „Т-портал“.

Изложбата, како што нагласува Боцев, донесува фотографии и филмови што покажуваат како обредите и обичаите изгледаат денес во Македонија, особено оние со маски, а тука е и дел што се занимава со култните места, локации што луѓето ги посетуваат заради стимулирање на плодноста. Оваа традиција на посета на манастири, цркви, турбиња и други свети и култни места, како што се води, камења и дрва, не што во Македонија сѐ уште се присутни, туку во последните две децении доживуваат нов залет. Од тие посебни локации за оздравување или зачнување најпознат е Говедарски Камен. На него доаѓаат и христијани и муслимани што веруваат дека ако го обиколат трипати, ќе донесе здравје и пород. Разликата е во тоа што христијаните палат свеќи од восок, а муслиманите од лој, но местото не е за посетители со слаб желудник – имено тука се принесуваат и жртви. Верниците жртвуваат јагниња или петли, при што ги колат на самиот камен, а крвта ја пуштаат слободно да тече.

Изложбата „Црвен петел – црна кокошка: култови на плодноста, обреди, обичаи и верувања“ кога беше отворена во Скопје, есента 2015 година, привлече големо внимание кај домашната публика и кај пошироката стручна јавност. Ги претставува култовите на плодноста, кои се практикувале на територијата на Македонија, почнувајќи од предисторијата до денес, претставени преку разни предмети, женски предисториски фигурини (антропоморфни и зооморфни жртвеници), преку опрема од обичаите под маски, велигденски јајца и делови од женската народна носија.

– Плодноста во најтесна смисла се поврзува со опстанокот на човештвото, но и со внесување елементи на еротика во секојдневниот живот на луѓето (ламби и садови со еротски сцени и претстави во антиката). Таа еротика на некој начин низ вековите се пренесувала и преку усното народно творештво со песни, приказни, поговорки и гатанки, како еден вид вербална магија, за да иницираат плодност и кај човекот и кај природата. Обичаите под маски, кои ги обележуваат крајот на зимата и обновувањето на природата, се полни со симболични ритуални дејства што треба да им обезбедат плодност на луѓето, стоката и посевите.

Посебен белег на изложбата е начинот на кој култот на плодноста бил вткаен во облеката што луѓето ја носеле во 19 и 20 век.

– Македонската женска носија како целина, но и поединечните делови и украси презентирале биолошка подготвеност на жената за репродукција. Таа наедно била и силен симболичен агенс за поттикнување на плодноста, но и магиски заштитник од невидливите зли сили, кои можеле на жената да ѝ ја одземат способноста да раѓа. Ваквиот начин за презентирање разнородни предмети и визуелни материјали, кои се разликуваат како типолошки така и хронолошки, укажува на уникатноста на оваа изложба. Интересни се нивниот спој и начинот на кој тие се дополнуваат и наедно се дообјаснуваат – велат авторите на изложбата.

Изложбата „Црвен петел-црна кокошка: култови на плодноста, обреди, обичаи и верувања“ во загрепскиот Етнографски музеј може да се погледне до 7 април.