Оваа недела во книжарницата „Или-или“ е посветена на романот „Битлси“ на скандинавскиот писател Ларс Соби Кристенсен. Читателите, низ дружба и музика од славниот британски бенд, ќе можат книгата да ја имаат за промотивна цена. Преводот од норвешки на македонски јазик е на Искра Бадева Ивановска. Излегувањето на книгата е дел од проектот „Креативна Европа“ на ЕУ.

– Норвешките автори во последниве години наидуваат на одличен прием кај македонските читатели. Современата норвешка литература е крајно возбудлива, а меѓу имињата што оставија длабок впечаток секако е и Ларс Соби Кристенсен, кој со книгата „Полубратот“ ја воодушеви читателската јавност. Навраќајќи се кон неговата богата библиографија, сметавме дека вредна за превод е наградуваната книга со индикативен наслов „Битлси“, за која сме сигурни дека ќе има уште поголем интерес – вели издавачот.

Се работи за роман од 1984 година, кој се закити со многу книжевни признанија и награди, и кој нѐ навраќа во едно време кога во светот постоеше само еден бог, кој се викаше Битлси. Низ поглавјата насловени според песните на култниот британски бенд, Кристенсен ни раскажува возбудлива приказна за растењето, преиспитувањето и созревањето на четири млади момчиња од Осло, во едно време кога многу работи изгледаа невино и наивно, но сепак, доволно предизвикувачки за да ги сменат настаните од корен.

Ларс Соби Кристенсен (1953) е надарен раскажувач, наратор што е имагинативен, но и еднакво приземјен. Неговиот реализам се наоѓа помеѓу поетската слика и генијалното дејство, спроведен преку богат јазик од престолнината и сленг што никогаш не е вештачки и присилен. Неговите херои поседуваат мошне многу самоиронија. Всушност, критичарите го споредуваат со црниот хумор на Вуди Ален. Но под живоста на неговите описи во книгите секогаш демне меланхолијата. Од неговото деби со колекцијата поеми во 1976 година, Кристенсен има напишано десет збирки поезија, пет збирки кратки раскази и дванаесет романи. Неговиот голем пробив се случи токму со романот „Битлси“ (1984), кој беше прогласен за еден од најголемите комерцијални успеси во Норвешка. Успехот го повтори седумнаесет години подоцна со билдунгс-романот „Полубратот“, кој доживеа и успешна ТВ-екранизација. Живее и твори во Осло.