Дело на Илија Спасовски Чендо

На 24 октомври, во славниот париски „Лувр“, беше отворена изложбата по повод 500-годишнината од смртта на италијанскиот ренесансен сликар Леонардо да Винчи (1452-1519). По еднодецениски преговори и подготовки, на најсеопфатната изложба досега се претставени околу 160 дела на славниот уметник и, освен оние што веќе се во каталогот на „Лувр“, вклучувајќи ја и „Мона Лиза“, може да се видат и дела позајмени од колекциите на други институции од целиот свет. Деновиве и Музејот на градот Скопје, во соработка со асоцијацијата за култура ИКОН, се приклучи кон иницијативата за славење на ликот и делото на Да Винчи, со изложбата насловена „Во слава на Леонардо“, на која се претставени дела од 12 македонски уметници инспирирани токму од сликарското творештво на италијанскиот ренесансен гениј.

– Во ликовната уметност Леонардо е средишна фигура во епохата на ренесансата, нејзин царски печат. Да Винчи е раскошен дух и архетип за ренесансна личност во која се остварува големата синтеза на уметноста и науката. Сликар, вајар, архитект, биолог, воен технолог, антиципатор на хеликоптерот и авионот, падобранот и уште редица други нешта што ќе бидат остварени подоцна и ќе го потврдат неговиот поливалентен гениј. Генијален цртач и сликар, пронаоѓач на техниката на сфуматото, која ќе му даде нов тон на сликарството и ќе го помести него во просторот на безвременото, метафизичкото – велат од ИКОН.На изложбата, која деновиве може да се посети во првиот галериски дел на Музејот на градот Скопје, се претставени делата на Владимир Георгиевски, Павле Кузмановски, Доне Милјановски, Атанас Ботев, Росица Лазеска, Костадин Качев, Дијана Томиќ-Радевска, Александар Ацо Станковски, Илија Спасовски Чендо, Денис Тенев, Новица Трајковски и Бернхард Холеман.