Изложени се носии, женски кошули, везови од кошули, сокаи, свилени марами со златовез, кои се собирани во 1920-тите години од Јелка Миш на пропатување низ Македонија, како и накит, делови од градската облека ала турка, кои се дел од подзбирка, која е подарена од Комисијата за култура на поранешна Федеративна Народна Република Југославија

Наде Геневска Брачиќ, етнолог

Наде Геневска Брачиќ, етнолог и стручна соработничка на изложбата „Скриеното богатство на Македонија – убавина што не познава граници“, отворена во етнографскиот музеј „Рупа“ во Дубровник, укажува дека презентираните примероци на народни носии и везови се од периодот кога македонската носија го достигнала најголемиот развој. Со отворањето на оваа изложба, материјалот што се наоѓа во музејот е веќе обработен и, како што вели Брачиќ, ние знаеме каде се наоѓа нашето културно наследство, што им овозможува на идните генерации истражувачи да ги проследат развојните фази на носијата и наедно везбената традиција, како и да се добие претстава за процесите што се одвивале во одредени временски периоди.

Изложбата привлече внимание кај хрватските и кај македонските медиуми, но и на социјалните мрежи. Ве изненадија ли позитивните реакции на изложените македонски народни носии и везови, што сѐ е презентирано таму, каква е нивната вредност и значење?
– Да, позитивно сум изненадена од реакциите на социјалните мрежи и во медиумите за изложбата на нашата, извонредно значајна култура на облекување во минатото. Секако е значајно што и голем број музеи, колеги во различни делови низ светот реагираа со воодушевување. Изложени се носии, женски кошули, везови од кошули, сокаи, свилени марами со златовез, кои се собирани во 1920-тите години од Јелка Миш на пропатување низ Македонија, како и накит, делови од градската облека ала турка, кои се дел од подзбирка, која е подарена од Комисијата за култура на поранешна Федеративна Народна Република Југославија. Комисијата ја организирала изложбата „Народна уметност на Југославија“, која била претставена во значајни европски музеи: Единбург, Лондон, Париз, Копенхаген и во други европски центри. Изложбата „Скриеното богатство на Македонија – убавина што не познава граници“ содржи и комплетни носии од фолклорното друштво „Линџо“, како презентери на фолклорната традиција. Значењето на тамошната музејска збирка на народни носии и везови на соседните држави е во тоа што се зачувани примероци од 19 век и почетокот на 20 век кога македонската носија го достигнала најголемиот развој, примероци што претставуваат раритет и со самото тоа во мал број и се наоѓаат во нашите музеи. Со отворањето на оваа изложба, материјалот што се наоѓа во музејот е веќе обработен и ние знаеме каде се наоѓа нашето културно наследство, што им овозможува на идните генерации истражувачи да ги проследат развојните фази на носијата и наедно везбената традиција, како и да се добие претстава за процесите што се одвивале во одредени временски периоди.

Од кога датира вашиот интерес за истражување на македонските носии и везови во Етнографскиот музеј при Дубровничкиот музеј, со кој соработува Заводот и музеј во Битола од 2016 година, каде што работите како етнолог, кустос-советничка?
– Мојот интерес за споменатата збирка е започнат од 2012 година. Во 2014 година добив позитивен одговор од Дубровничкиот музеј дека можам да направам увид во збирката, а увидот и истражувањата ги започнав во 2016 година кога е одобрен проектот од македонското министерство за култура. При тоа истражување препознав дека во збирката се наоѓаат голем број примероци што се од големо значење, што и претставуваше почеток на меѓународната соработка, а основната цел беше да се реализира заедничка изложба со нашиот музеј во Етнографскиот музеј во Дубровник. При нашата повеќегодишна соработка се направени повеќе активности: гостувања на колегите од Етнографскиот музеј во Дубровник во Битола со предавања, размени на изложби во 2018 година и со изложбата „Лојдови сликописи“. Реализирано е и мое гостување кај нив со изложбата „Манаки – етнологија и визуелна антропологија“, проследена со предавање и избор на предмети за изложбата во етнографската збирка во Дубровник, како и истражување и издвојување предмети во збирката во музејот во Битола со колешката Бранка Хајдиќ.

Колку ви беа претходно познати експонатите од изложбата „Скриеното богатство на Македонија – убавина што не познава граници“ кога првпат ги видовте во збирката на народни носии и везови на соседните држави во Етнографскиот музеј во Дубровник?
– За самата збирка наидов на некои показатели истражувајќи во нашите институции, како и во рамките на изложбата „Јелка Миш – живот и дело“ отворена во Етнографскиот музеј во Дубровник во 2010 година, каде што меѓу избраните материјали од тамошната збирка на соседни држави беа презентирани кошули, свилени марами и некои поединечни делови од носии од Македонија. Но по направениот увид во 2016 година, добив комплетна слика за целокупниот материјал во збирката, за кој дотогаш недостигаа податоци и некои материјали не беа идентификувани, што секако беше предизвик да се посвети поголемо внимание и да се работи повеќе години на обработка на материјалот.

Од кои македонски региони има примероци на народни носии и везови на изложбата и дали доколку со свој материјал во неа се вклучеше и Заводот и музеј од Битола, бидејќи претходно и беше најавено дека таа ќе биде заедничка, сликата за ова исклучително културно богатство ќе беше поцелосна?
– На изложбата се презентирани народни носии од етнографските пределски целини: Скопска Блатија, Скопска Црна Гора, Полог, Кичевија, Битолско Поле, Горни Битолски Села, Прилепско Поле, Демирхисарско, Преспа, Долна Преспа. За жал, во оваа фаза на реализацијата на проектот, Министерството за култура одлучи да не го одобри и да не го поддржи за планираната заедничка изложба, со образложение дека не е во согласност со неговите приоритети и не може да се утврди национален интерес. Сметам дека со дадена поддршка изложбата ќе добиеше поширока димензија и ќе можеше да се проследат и трансформациите на везбената традиција. Ќе ги проследевме и културно-историскиот контекст и хронолошкиот континуитет во развојот на македонската народна носија.

Вие и етнологот Владимир Јаневски сте стручните соработници на изложбата од Македонија, кустоска е Бранка Хајдиќ од музејот во Дубровник, но колкава е улогата во оформувањето на споменатата збирка на учителката Јелка Миш (1875 – 1956), родена дубровчанка?
– Улогата на учителката Јелка Миш е од големо значење за градот Дубровник бидејќи таа уште во 1929 година имала оформено свое ателје во градот каде што се изработувале цртежи и се везеле мотиви според собираните примероци, првенствено од дубровничкиот крај, како и од соседните држави и од Македонија. Значењето е уште поголемо што таа имала и една благородна цел, целиот собран материјал: 1.000 предмети, 1.800 скици и извезени примероци за кои издвојувала средства од својата плата, во 1932 година му го донирала на Град Дубровник за да се оформи етнографскиот оддел во неговиот Државен музеј.

Сметате ли дека изложбата „Скриеното богатство на Македонија – убавина што не познава граници“ ќе може да се реализира и во Битола ако дозволат условите со корона-кризата?
– Ние веќе сме во контакт да ја оствариме и оваа цел, да реализираме заедничка изложба со селектирани експонати од изложбата во Дубровник, дополнета со наши материјали. Се надеваме дека за неа ќе добиеме финансиска поддршка од Министерството за култура, но и дека условите со корона-кризата ќе бидат надминати.