Наместо Збогум до Љубиша Георгиевски (1937 – 2018)

Јордан Плевнеш

Истиот ден кога Љубиша Георгиевски
Го напушти овој свет „Долината на солзите“
На 6 декември 2018 година во Големиот аудиториум
Во Paris – Cite – Sorbonne
Се одржуваше симпозиум посветен на моето творештво
И неговиот лик помина низ фотографии од различни меридијани
А неговото име беше изговорено на многу светски јазици
На француски, англиски, полски, руски, кинески, јапонски….
Како надалеку прочуен полиглот што ги зборуваше
И странските јазици како мајчин и често велеше
Го носам цел Вавилон во сопствениот дух како реквизит

Кога вечерта разбравме за тажната вест
Со Лиле во нашиот париски дом
Изразивме длабоко сочувство на неговите најблиски
Ленче, Мери и Александар
Ние всушност сфативме дека споменувањето на неговото име
Било всушност интернационално збогување
Каде што тој брилјираше во отсуство
Како што вели Волтер

Потоа со денови никако не можев да напишам
Ни еден единствен збор
И аристотеловската утеха
Дека сликите се основа на мислата
Ме населуваше со обилни дарови
Во кои заминуваше и неговиот
И нашиот живот.

Истото место на нашето уметничко пријателство
Париските гробишта Пер Лашез
Каде што се погребани поголем број светски духови
Од Молиер до Шопен и од Модилјани и Оскар Валјд до Џим Морисон
Се многу важни за тој период на македонската култура
Токму тука работејќи како метач на овие славни гробишта
Јас ја читав во ракопис неговата книга „Свет Сон“ и за возврат
Му ја испраќав мојата прва драма Еригон
Canis lupus macedonikus

Книгата „Свет Сон“ што ја одбија сите македонски издавачи
Ја објавивме во „Студентски збор“ зимата 1979 година
Благодарение на Насте Стојкоски, детето од Домот за сираци
И неговите зборови власта не сфаќа ама еден ден ќе сфати
И тоа беше вистински духовен пресврт бидејќи во Париз тие години
Како денес со жолтите елеци важеше единствениот принцип
Репрезентативната демократија е право на секојдневен државен удар!

Во „Свет Сон“ капитална мисла на Љубиша за односот на Хамлет
во светската и европската историја беше дека:
„Хамлет не може да го режира човек што не заклал јагне!“
Таа беше во директна врска со олтарот „Поклонение на Таинствениот Агнец“
Ремек-дело на браќата Хуберт и Јан ван Ајк од 1432 година
Во катедралата „Свети Бавон“ во белгискиот град Гент
Во еден од 12 делови на историјата на човештвото насликана е
Пророчката композиција „Праведните судии“
Два века подоцна Хамлет и Агнецот беа изедначени во Европа
Во време кога Достоевски го дефинира Стариот Континент
Како најскапата гробница на светот
По Првата светска војна и почетокот на подготовката на фашизмот
На 10 април 1934 година извршена е спектакуларна кражба
На делото „Праведните судии“ и бидејќи тоа никогаш не беше пронајдено
До ден-денешен белгиската влада изнајми сликар што вметна во олтарот
Копија фалсификат тоа го инспирира Албер Ками да го напише романот Пад
Во кој веднаш по Втората светска војна, вели дека
Ако „Праведните судии“ се украдени и на нивно место има фалсификат
Во Европа никогаш нема да има правда!

„Технологијата на судбината“ сакаше да ги напишам овие редови
По посетата на Спомен-собата на Ацо Шопов,
Великанот на македонската поезија во Штип
Првиот препејувач на Хамлет на македонски јазик
Изведен во Народниот театар во Битола
Во 1966 година со Ацо Стефановски
бардот на македонскиот театар
во режија на 29-годишниот Љубиша Георгиевски
Стихот на Ацо Шопов
Светот во Македонија, Македонија во светот
Е исклучителна парадигма на идејата
За Густината на времето во уметноста
Што Љубиша ја доживуваше како
Архимедова потпорна точка
Ќе раскажам неколку Архимедови потпорни точки
Во кои сум го гледал како Хамлет протагонист и антагонист

Во Бург театарот во Виена кога Словенечкото народно гледалишче
Гостуваше првпат во својата историја
Со неговата режија на „Ослободувањето на Скопје“
Присуствував лично на сцената во која трипати го врати реквизитарот
За оружје со забелешка дека револверот не се слуша доволно гласно
На третиот пат рекивизитарот за да му ја докаже својата совршеност
Стрелаше во него!
Помислив дека ќе се репетира сцената на убиството на Тодор Паница
Во 1925 година кога неговиот мозок од ложата 36 паѓа во партерот
Таа ноќ немаше убиства туку во Бург театарот ечеше Тешкото
Митското македонско оро колку да знае Виена и светските метрополи
Дека Тешкото како нематеријално светско наследство на листата на УНЕСКО
Е естетски феномен наспроти хегемонијата на балканските етнички чистења
Тешкото е естетичка катарза што тој од Бург театарот ја пренесе во претставата Еригон
Во митската екстаза на првиот македонски Еригон – Мето Јовановски

Во Драмскиот театар во Скопје во јануари 1982 година
По тримесечни јавни проби се очекува премиерата на Еригон
И се подготвува пропагандниот материјал
Ристе Стефановски е вознемирен бидејќи
Љубиша сѐ уште го нема дадено својот текст
Програмата треба да оди во печатница
И утрото во скопските снегови и магли
Тој се појавува со капиталната реченица во ракопис:
„Да се биде Македонец е естетски чин!“
Оттогаш започна постмодерната револуција
На македонската национална идеја
Во која балканските хегемонии
Не можеа веќе да ја избришат од историската сцена
Човештвото веќе не може да живее
Со еден народ убиен во неговиот подрум

Во исто време во Нин го објавувам текстот
Научен дијалог над отворен гроб со крлежијанската реторика
Ако двајца водат љубов на Балканот тоа го прават
Преку третиот што е мртов
Во Драмски се слеваат илјадници посетители
А Петар Темелковски како Исидор
Во вертикалниот кревет на Џорџио де Кирико
Ја раскажува кражбата на „Праведните судии“
И исчезнувањето на правдата во Европа
Ја сонував блудницата Вавилонска нацртана на една стомна
И таа се распука по нејзините крвави граници
Се појави еден Човек – Антонен Арто
И во Лечилиштето за бездомници во Париз ми рече
Зошто никој во Европа не знае да крикне.
Во Полска меѓу Вроцлав-Краков и Варшава
Каде што Љубиша беше третиран како славен европски режисер
Заеднички очајуваме со книгата „Разговори со џелатот“
На Кажимјеж Мочарски каде што авторот веќе заминат на небо
Опишува како се наоѓаат во иста ќелија веднаш по Втората светска војна
Еден од главните херои на полскиот отпор и нацистичкиот генерал
Што го претвори во пепел еврејското гето во Варшава
Којшто има дури и привилегирана позиција во затворот
Кога генералот нацист му вели на полскиот антифашист
Вие сте најконспиративниот народ во Европа
Тој одговара: Не, има еден мал народ во Југоисточна Европа-Македонскиот кој води истовремена конспирација кон четири соседи

Грчки, бугарски, српски и албански
Во Европа нема Слободен човек, велеше Мочарски, важи само приспособувањето
Кон новонастанатите историски ситуации и околности
Така заврши Архимедовата точка во Полска

На изведбата на „Мацедонише цуштенде“ во Словенија
Ја објаснува синтагмата Македонски состојби
Да не се знае кој кого убива и во чие име
И го инспирира Тарас Кермаунер да напише
Без малите народи не може да се понира во тајните
На идниот европски лавиринт
Најеманципирани се Еурословенија и Еуромакедонија
Тие одамна се а ние до никаде не сме

Пролетта 1987 на Стериино позорје во Нови Сад
Интернационалната критика
Ја прогласува „Р“ за најдобра претстава
Бидејќи Љубиша има инстинкт дека историската слика
На Стариот Континент ќе биде разорена
Ми пишува во Берлин
Се чувствувам во Нови Сад како Пушкин
Што го очекува својот убиец Дантес
Бидејќи сепак Републиката е само шпекулација
А Револуцијата обрт на капиталот!

По последниот конгрес на југословенските писатели
А пред падот на Берлинскиот ѕид заминувам во Париз
И таму во тематскиот број на ревијата „Арт прес“
По имињата на Љубимов, Гротовски, Брук, Бекет и Стрелер
Го објавувам својот прв текст на француски јазик
Забраните во театарот на дваесеттиот век
Каде што Љубиша ги урива рекордите на Балканот

Изведбата на „Р“ во САД и пророчката мисла
На Роберт Кориган дека таа драма ќе биде
Важна тема на интернационалниот репертоар
Го исполнува неговиот дух со уметнички очај
Дали американската публика ќе може да ја разбере
Европската политичка трагедија
На првиот прогон на Големата сцена на
Театарот во Далас по монологот на Џеми Лоренс како
Прв американски Максим Бродски
Ги слуша како плачат чистачките на театарот
Американските критичари го вреднуваат
Како синтеза меѓу Браќата Маркс и Франц Кафка
Во Софија на првата изведба на драма
Од македонски автор во националниот театар
„Иван Вазов“ се раскажува анегдота дека
Многумина од актерите во претставата
Доаѓале со интимна исповед дека и тие
Се чувствуваат Македонци
Ако сите вие сте Македонци останува само
Јас, Петар Темелковски и Плевнеш да бидеме Бугари
На премиерата стотици луѓе остануваат надвор
Бидејќи салата е премала да ги прими
Сите жедни за театар и историскиот чин се покрива
Со присуството на двата претседатели
Жељу Желев и Киро Глигоров
И прашањето кое сѐ уште нема добиено одговор
Дали Балканот може да се престори во цивилизациско поле

Во Солун 1998 година се одржува меѓународен собир
За воспоставување на културните мостови на Балканскиот Полуостров
По трагедијата на војните во поранешна Југославија
И со една група балкански творци ја покренуваме идејата
За формирање на балкански театар токму во Солун
Каде што според грчкиот поет Стојанидис дури и воздухот е мултиетнички
И каде што ќе се играат претстави на сите балкански јазици
под мотото на Никола Бувие: Балканот е срцето на Европа.
Тоа се разбира никогаш не се случи и ако му го раскажавме
Дури и на Метју Нимиц една полноќ во близината на Беаскуле
Со нас беа и композиторот Христодулос Халарис и
Бесмртниот поет Маркос Мешкос кој деновиве почина
И беше погребан во неговото родно село Граматиково
Со него се спријателивме на „Струшките вечери на поезијата“
И станавме како браќа препејувајќи го венценосецот Ив Бонфуа
Јас на македонски а тој на грчки јазик
И еве сега во овој текст за балканскиот сон ме пронижуваат неговите стихови
„Ќе се сретнеме повторно во пепелта.
Македонските птици пак ќе зборуваат македонски“.

Љубиша Георгиевски одбележа векови со својата ерудиција
Од антиката до денес низ својата творечка сонда
и интимна одисеја која може да биде дефинирана со бравурозната формула на Жак Дерида –
Тој претставува сам за себе цела епоха!
Епохата Георгиевски која го одредува неговото естетичко поле
не е само бројот на неговите есеистички, публицистички, драмски и филмски дела. Тоа е живата енциклопедија која блика од неговата реторика како што ќе напише Данило Киш,
од неговата нарација што мртвите зборови ги претвора во живи слики,
од дискурзивниот ум кој знае да започне со Аристотел да помине преку Хегел
од него да ја прескокне целата европска историска инерција и директно од Бекет и Јонеско да се врати на Балканот во тајните на Проклетата авлија на Иво Андриќ, на дијалектичкиот Антибарбарус на Крлежа и од таму според Митот на вечното враќање на Мирчеа Елијаде да дојде во Македонија

Негов омилен збор на италијански беше Finimondo
Кога тогаш и светот и ние ќе завршиме
Бидејќи Бодлер пишуваше: Сѐ почнува од еден и сѐ завршува во еден!
Во времето кога Вацлав Хавел беше во затвор
Љубиша ја режираше неговата драма Искушение во Dallas Theater Center
Јас бев еден од ретките гости во публиката од Европа
Подоцна кога Вацлав Хавел ја држеше својата пристапна беседа во Европската академија на науките и уметностите Хавел му испрати на Љубиша поздрав преку мене И ми рече да му пренесам дека сега е вистинско време
Да се режира драмата Катастрофа од Бекет што му беше посветена нему
Кога му го пренесов поздравот на Љубиша тој ми рече
Нема што да се режира катастрофата ние сега неа ја живееме.

Се сеќавам на неговата последна Архимедова точка
Кога на Оф Бродвеј го игравме нашиот последен заеднички проект
Ораториумот Куриозум мунди според текстот на Мирослав Крлежа
Митската матрица на нашата поетика е објаснета низ реченицата:
Македонија е единствената земја во која Богородица игра на тапан

Последната книга на Љубиша се вика Deux ludens или Бог што игра
И сигурен сум дека ќе биде примен во свечена аудиенција кај Севишниот
Таму ќе бидат анонимните фрескосликари од македонските манастири
Господ сигурно нема да биде рамнодушен – кој ја украде „Праведните судии“
На браќата Ван Ајк и прашањето на кое Љубиша залудно бараше одговор
Низ Падот на Ками – Демократија ќе биде кога сите ќе бидеме виновни!