Единаесеттото издание на фестивалот „Македокс“ продолжува онлајн под мотото „Македокс насекаде“. Хибридното издание на фестивалот отвора можност филмовите да се гледаат не само за време на физичкиот фестивал (19-26 август) со проекции под отворено небо туку и по доделувањето на наградите, преку онлајн изданието на фестивалот, кое трае до 20 септември.
Во програмата се сместени 60 долгометражни, кратки и студентски документарни филмови, како и програмата за деца. Онлајн може да се гледаат и филмовите што ги добија наградите на годинашното издание на „Македокс“: „Епицентро“ на Хуберт Саупер, добитник на наградата „кромид“ за филмови од главната програма, „Тунел“ на Нино Орјокиниџе и Вано Арсенишвили, добитник на наградата „млад кромид“, документарниот филм „Зборувај за да те видам“ на Марија Стојниќ, која доби специјално признание за своето „храбро, сонично и експериментално патување на еден медиум што полека изумира во светот“, краткиот „Фантастичните“ на Маија Блефилд од Финска, кој ја освои наградата „сечкан кромид“, студентскиот филм „Ќе доплови Рекс“ на Јосип Лукиќ, кој ја освои наградата „кокарче“, како и филмот што ја освои наградата за најдобри етички идеи „Акаша, мојот дом“ на Раду Чорнициу.