Од проекцијата во Ташмаруништа

Фестивалот „ДримОН“ е последната станица на деветтото патувачко кино по прикажувањето документарци во Ташмаруништа, Радожда, Мали Влај

Вечерва во Струга, во 22 часот, во рамките на фестивалот „ДримОН“, во домот на културата „Браќа Миладиновци“, ќе започне „Македокс“ – еко-доку филмски маратон. Тоа е воедно и последната станица од годинешното издание на патувачкото кино на фестивалот „Македокс“ од деветтото негово патешествие со прикажување документарни филмови во струшкиот регион, по проекциите во селата Ташмаруништа, Радожда, Мали Влај и одржаната еко-акција на „Докуникулци“, идните млади документаристи.

За втората генерација „Докуникулци“ е одржана и работилница за креативен документарен филм, тие и присуствувале на проекцијата во Радожда, а само за еден ден исчистиле голем дел од крајбрежјето на Охридско Езеро во некогашниот камп „Треска“. Еко-акцијата за чистење на плажите ќе продолжи и следните денови, паралелно со сесиите на филмската работилница, кои ги предводи Петра Селишкар, селекторката на програмата на фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“.

Проекциите на патувачкото кино главно содржат три сегменти: кратка програма со анимирани филмови за деца, репортажа на „Македокс“ за претходни патувачки кина во други региони низ државата и прикажување долгометражен документарен филм. Во селото Ташмаруништа е прикажан „Плати и жени“ на Атанас Георгиев, а проекцијата во селото Радожда била фокусирана на еколошките тематики. Пред почетокот на филмот „Депонија“ на Луси Вокер, во кој се следи процесот на познатиот фотограф Вик Муниз за создавање уметност од отпад, Андријана Папиќ Манчева говорела на тема „Дом со нула отпад“.

– Екипата на патувачкото кино во селото Мали Влај се чувствуваше како во мал рај и навистина е штета што селото е речиси напуштено – информираат од „Македокс“, укажувајќи дека поради тоа во ова село на 22 јули и го прикажале филмот „Со љубов“ на режисерот Илија Цветковски, во присуство на сите негови жители.
Патувачкото кино е неделив дел од „Македокс“ и е поддржано од Агенцијата за филм на РМ, како и работилницата за креативен документарен филм „Докуникулци 2018“, кој се реализира од 21 до 28 јули во партнерство со „ДримОН фестивал“ и со поддршка од НЕД.