Лукреција Борџија, ренесансната италијанска убавица и незаконска ќерка на злогласниот папа Александар Шести, со текот на времето си наоѓа многу „адвокати“ што сакаат да ја тргнат дамката од нејзиното име. Оваа жена, родена кон крајот на 15 век, не доживеала ни 40 години. Со нејзиното име се поврзуваат оргии, колежи и отрови, инцест и бракови склопени од политички причини. Таа одамна им е инспирација на писателите, режисерите, драматурзите и на оперските композитори, со неа се занимавале и Дима, и Виктор Иго, и Доницети, а нејзиниот лик се најде и во многу филмови и серии.

Сликата за неа полека се менува. А за тоа е заслужен и покојниот нобеловец Дарио Фо во својот роман „Папската ќерка“. Овој драмски писател, сценограф, режисер и глумец напишал само два романа, и тоа кон крајот на животот, пред неколку години. Едниот е посветен на кралицата Кристина Шведска, а вториот на Лукреција Борџија, кој не е класична романсирана биографија на познатата историска личност, какви што ги има многу на пазарот. Делото на Фо е чуден спој на фикција, коментари и на цитати од историски документи. Текстот личи на драмски дидаскалии, опишува сцени, како кога во театар завесата се крева и спушта. Книгата е опремена и со цртежи настанати според познати ренесансни портрети.

Лукреција се мажела трипати, доживеала најмалку една вонбрачна епизода, стекнала солидно образование, била мецена на сликарите и книжевниците, а била способна и за државнички работи. Дали некого отрула – не се знае. Родила многу деца, последното породување било фатално по нејзиниот живот. Еден од сопрузите, по разводот, пуштил приказна дека Лукреција одржува односи со братот и таткото и дека ги трујат сите што ќе има се најдат на патот. Тие гласини биде поткрепени од фактот дека таа често била присутна на забавите во палатата на татко ѝ каде што гостувале скапи римски проститутки и режирале вистински порнографски претстави.

Сепак, се покажало дека на папската ќерка ѝ била потребна добра шанса да ги покаже добрината и достоинството. И Дарио Фо поради тоа им се придружил на оние што настојуваат по толку векови да ја рехабилитираат и внимателно од нејзината рака да ја тргнат чашата со отровно вино.