Лукаш

Доста одамна, кога го запознав Лукаш, тој се обидуваше, многу несмасно и многу упорно, да се симне по стрмите скали во зградата на ул. Атинска 12, втори влез. Сакав да му викнам: „Пази кај одиш!“, ама се воздржав за да не го уплашам. Освен тоа, ми беше јасно дека станува збор за дете што тивко и издржливо ќе си ја гради својата индивидуалност. Иако оттогаш до денес разликата меѓу нашите возрасти остана иста, на таа прва средба јас бев многу, многу повозрасен од него – тој имаше две, а јас дваесет и осум години. Имено, во споменатата зграда ние бевме комшии, па така со Лукаш се знаеме од неговата најрана животна фаза. Потоа, го среќавав одвреме-навреме, и секогаш ќе ме зачудеше колку пораснал и колку косата му е бушава. Последниве години, нашите средби станаа малку почести и откривме дека неколку важни работи ни се заеднички – љубовта кон литературата, музиката, уметноста и воопшто некоја човечка смеша на доследност и лабавост со зрнциња хумор и смеа.

Така започна да зачестува и нашата соработка (не ми се допаѓа баш изразот, премногу е официјален за ваков тип дружење), во што важна улога одигра еден наш заеднички соучесник и пријател во креирањето анимирани филмови, режисерот Жарко Иванов. Жарко се дружи со Лукаш многу поинтензивно од мене, како режисер и продуцент тој, и покрај сета своја ведрина, мора да ги држи „конците во рака“, а, како и обајцата се особени карактери, нивниот другарски однос е далеку од опуштен, иако верувам дека често успеваат еден другиот.
Со Жарко открив, и откривам долгогодишна заемна креативна радост – создавањето на чудото наречено анимација. Сценариото, особено она за цртан филм, сака да си игра, да се дополнува, доизмислува, во тоа е и шармот на тимската работа, порано така уживав во рокенролот и алтернативниот театар, па и сега, во раѓањето анимиран филм. А во случајот со „Вида и Добре“, односно со Жарко и Лукаш, цртан што сега е во процес, знам дека резултатот ќе биде разигран. Лично мене, тимскиот процес ми е исто толку возбудлив колку „постигнувањето на целта“, зашто за разлика од пишувањето, што е (неброено пати повторено од различни писателски искуства) осаменички труд, правењето цртан филм може, покрај сиот напор и макотрпност, да заличи на убава журка. Што се однесува до конкретната приказна, се подразбира дека е авторска, но исто така се подразбира, од памтивек до денес, дека авторските приказни се хранети, проникнати со мотиви од други приказни.

Во таа смисла, судбините на сиромашниот Добре и разгалената принцеза Вида можат да се препознаат и од народните бајки, и од животот, но како ќе ја раскажеме, нацртаме, измениме… во тоа ќе биде нашата автентичност. Како што најдобрите детски бајки учат, бајката е ќерка на митот што си игра, за некои стожерни вредности во животот, а тоа сѐ почесто се прави во литературата и на филмот, возрасните од својот лев џеб да извлечат некои подзаборавени детски вистини и доживувања малку да се освестат во својот возрасен живот.
Пред некој ден, навивајќи пред телевизорот погласно отколку да сум на стадион, во рекламите меѓу преносот од Мундијалот што секогаш ми се предолги и ме нервираат, го здогледувам Лукаш. Како го рекламира пивото „златен даб“! Онака лежерно, како што умее, си кажа дека сака да го пие тоа пиво.
Следниот ден Жарко ми вели – се откажал Лукаш од пивото!