Фото: Игор Бансколиев

Иако биле побарани три милиони денари за конзервација, реставрација и санација на познатата спомен-куќа крај Вардар, која во 2017 година е прогласена за културно наследство од особено значење, со годишната програма на Министерството за култура за годинава се одобрени минимални 800 илјади денари

Сместена во подножјето на тврдината Кале во Скопје, во самиот центар на градот, спомен-куќата на доајенот Лазар Личеноски (1901 – 1964), основоположник на македонската современа ликовна уметност, повеќе од една деценија чека да биде пренаменета во музеј на Лазар Личеноски. Во меѓувреме таа доби нов сосед, белиот маркантен објект на јавното претпријатие „Водовод и канализација“, но сѐ уште не е подготвена да ги пречека новите генерации и туристите за автентично да го доживеат амбиентот во кој живеел и творел уметникот, не е започната ниту реализацијата на основниот проект за конзервација, адаптација и ревитализација.
Многумина сега првпат можеби и ќе ја видат куќата однадвор, одејќи да платат сметки за вода и комуналии, и ќе го забележат ликот на Личеноски на големиот постер на нејзината заклучена влезна врата, но и мозаиците на отворено, кои навестуваат дека во овој дом се одвивал различен живот во однос на поголемиот дел од куќите во градот, животот на еден значаен уметник.

– Има во историјата на големите градови паметници што не се поставуваат според службени декрети, туку се изблик на животот и творештвото на генијот, на голем човек, и тие остануваат гордо во наследство на идните генерации. Таков е случајот со куќата-паметник, куќата-музеј на колосот на македонското сликарство Лазар Личеноски. Куќата на прекрасната Зое Личеноска, голема познавачка на македонската резба и сопруга на сликарот. За оваа куќа, единствена и неповторлива од ваков вид, малку е да се рече дека треба да биде постојана грижа на целиот град, на целата земја – вели Дита Старова Ќерими, директорката на Националната галерија, институцијата што со одлука на Владата од 1 јули 2015 г. е задолжена да управува со оваа спомен-куќа.

Таа е изградена од 1961 до 1963 г., по проект на архитектот Славко Брезовски, а процесот на нејзина валоризација како потенцијално културно добро, потсетува директорката на галеријата, е започнат во 2008 г., по претходно упатеното писмо со намера до канцеларијата на тогашниот премиер Никола Груевски во 2007 г. од Зое Личеноска, која како наследничка ја наведува својата подготвеност куќата да ѝ ја отстапи на државата со услов таму да биде формиран музеј „Лазар Личеноски“, кој треба да функционира како депанданс или организациска единица на Националната галерија на Македонија. Во 2009 г. куќата е прогласена за значајно културно добро, со статус на привремено заштитено добро ex lege, а пак во 2010 г., по барање на Конзерваторскиот центар и со решение на Управата за заштита, доби статус на културно наследство во опасност, кој го задржа до завршување на елаборатот за валоризација, по што во 2017 г. со одлука на Владата е прогласена за културно наследство од особено значење.

И кога ќе се прочитаат овие неоспорни факти за третманот на куќата од страна на државата на хартија, а не се познава состојбата на терен, ќе се добие мислење дека сѐ е во ред, дека предвидениот музеј е во функција, бидејќи поминало многу време, но податоците говорат дека дури од 2010 г. првпат тим од стручни лица на Националната галерија, заедно со тимови и стручни лица од други области, се вклучил во евидентирање на културното добро зачувано во домот каде што сликарот и не живееше долго, до 1964 г., кога и почина.

– Евидентирани се неговите слики, мозаиците, етнолошкиот материјал, документацијата и слично. Во таа пригода, за да се избегне опасност од кражба и уништување, галеријата во своите депоа ги згрижува сликите и движните мозаици од колекцијата на Личеноски и неговите лични предмети и подароци (слики, икони, цртежи и скулптури) од други автори. Но, за жал, спорот меѓу наследниците го забави процесот на преминување на куќата во владение на државата – вели Старова Ќерими.
Спомен-куќата сега е обезбедена со алармен систем, подготвен е споменатиот основен проект за конзервација, реставрација и санација на објектот, како и неговото партерно уредување, но постојат низа проблеми чие решавање, нормално, води до обезбедување финансиски средства од државата и, повторно, како и што се претпоставува, до резултатите и од годишната програма на Министерството за култура. Уште во првата фаза, кога е утврдувана состојбата на куќата, било констатирано дека темелот на едниот од ѕидовите е во лоша состојба и дека постои опасност од попуштање, но со последните градежни активности во изминатите две години во непосредна близина на објектот, ситуацијата се влошила.

– За потребите за изградба на новиот објект на „Водовод и канализација“ беа направени сериозни градежни зафати на кејот на Вардар и во непосредна близина на спомен-куќата, што доведе до нарушување на самиот терен и до видливо пропаѓање на земјиштето. Тоа е евидентно и на самите нејзини ѕидови – предупредува директорката на галеријата.

Таа укажува дека сега, со затворањето на улицата, која водеше до влезот на куќата, е доведен во прашање и самиот пристап до неа.

– Покрај натрапничката архитектура во Вардар и на бреговите, спомен-куќата како вечна билка се исправа да го покаже и одржи својот уметнички цвет. Но со сегашното визуелно изолирање на објектот се оневозможува и слободниот пристап на публиката во овој иден музеј – предупредува Старова Ќерими, напоменувајќи дека иако од Националната галерија досега повеќепати е укажувано на овие проблеми, не постои слух за нивно отворање и решавање.

Внатрешноста на спомен-куќата на Личеноски во 2010 година

Основниот проект за конзервација, реставрација и санација на куќата е завршен од Конзерваторски центар – Скопје и е во фаза на ревизија од Националниот конзерваторски центар, но иако биле побарани три милиони денари, со годишната програма на Министерството за култура за 2019 г., за негова реализација се одобрени минимални 800 илјади денари.

– Овој проект за куќата на Личеноски треба да се реализира по фази, но со оглед на доделените средства, може и да се замисли колку од предвиденото може да се реализира. Ќе се договориме со Национална галерија што е најприоритетно и со тоа да почнеме – изјави директорот на Конзерваторскиот центар, Коле Чапкановски, посочувајќи на веќе завршените проекти од сферата на архитектурата, електриката, термодинамиката и противпожарната заштита на објектот, како и на елаборатот за ателјето на сликарот, подготвен од архитектот Драган Бошњаковски.

Во овој период Националната галерија работи на подготвување проекти за конзервација и реставрација на движниот материјал: слики, мозаици, ситен и крупен етнолошки материјал, на библиотечниот материјал, но и на архивската документација што претходно се наоѓаше во куќата на сликарот.

– И покрај очекувањата дека во 2016 г. ќе бидат завршени сите потребни чекори за реализација на проектите, вклучувајќи и одобрение од Управата за заштита на културното наследство за нивна реализација, се покажа дека пред нас имаме обемен материјал, кој дополнително беше откриен при неговата обработка – вели Старова Ќерими, напоменувајќи дека во втората половина на годинава треба да почне да се конзервираат и реставрираат мозаиците, ликовниот и етнолошкиот материјал.

Библиотечниот материјал од куќата сѐ уште е во фаза на анализа и категоризација на книгите за потребите на проектот за конзервација, што може и да се погледне на фејсбук-страницата на галеријата, која минатата недела на оваа социјална мрежа со избор на дела на Личеноски го одбележи денот на неговото раѓање, 26 март 1901 г. За одобрување средства за споменатите конзерваторски и реставраторски активности Националната галерија поднела три апликации во рамките на годишната програма за 2019 г., но ниту една не е поддржана. Активностите би можело да бидат одложени за 2020 г. (ако и тогаш се добијат средства), а поради неодобрени финансии сега се стопирани и обработката и евиденцијата на архивскиот материјал од личната документација на Личеноски.

– Доколку не се пристапи кон обработка на овој материјал, мора да се напомене дека еден важен дел од животот на Личеноски нема да биде достапен за публиката. Истовремено е невозможно да се комплетира и изложбената поставка, чиј неразделен дел е токму архивската граѓа кај вака конципирани музеи што имаат статус на легати, односно спомен-куќа, токму како сведоштво за секојдневието и животот на авторот – вели Старова Ќерими.

Таа укажа и дека погоре изнесените податоци што алармираат, повеќе се ламент на раководството и вработените на НГМ за една неодржлива состојба на драгоцената паметник-куќа за сите генерации на оваа земја, но и чувство на историска одговорност на сликарите потомци на Личеноски, кои го чувствуваат неговиот траен и неповторлив гениј, раскошно подарен со куќата уметничко дело.

– Навистина, дар од ваква величина мора да се заслужи – вели директорката на галeријата.