По смртта на тато, меѓу неговите пријатели продолжи да се прераскажува легендарниот натпревар со Војводина, кога, иако за директен чувар го имал големиот Вујадин Бошков, вешто го издриблал и, онака, вит и слаб, успеал да даде два (а можеби) три гола. Иако не се согласуваа во бројот на головите, сите пријатели, без исклучок, се сеќаваа на победничката прослава по натпреварот, кога толпата развиорени навивачи го дигнале голгетерот на рамена, а мајка ми додаваше дека меѓу нив се нашол „другарот“ од СКОЈ, кој го известил Свето дека ќе го вратат во гимназија. Пред бараката, заедничкото живеалиште што Прокопиеви го делеа со уште неколку семејства, имаше бунар со лимена кофа, пред кој наутро се чекаше во редица.

А до бунарот кисело дрво, жилав израснат плевел што веројатно им пречеше на станарите, но тие, колку што внимаваа водата од кофата да не им претече настрана, толку не најдоа волја да го исечат натрапникот. Сѐ до утрото по натпреварот, кога дедо ми, без двоумење, го исекол плевелот, а по неколку часа, веќе не во разнебитената пижамска верзија, туку во костум, избричен, исчешлан (каков што јас го паметам отсекогаш), излегол од бараката и отшетал до градскиот плоштад. Откако го депортираа семејството, татко ми никогаш не се врати во куќата во Кукушка 17. Во годините што следуваа и со промените во однос на поранешните партиски протекции и казни, дел од семејството можеше повторно да се насели во Кукушка 17, но не и тато, кој замина на студии во Загреб, а откако, по неколку години, како дипломиран инженер, се врати во Скопје и се вработи во „Бетон“, ги зеде своите со себе од автокомандската барака во двособен „комфорен“ стан во зграда, продолжувајќи да се искушува во животот.

А таа, куќата, ги преживеа сите земјотреси и урбани мафии и ден-денес, иако со излупена фасада, стои на истото место, гледа на сите четири страни, сѐ уште убава, со фриз од рози. Спаѓа во оние ретки скопски семејни куќи што доживеаја повеќе од човечка старост. Во неа живее Лидија, тетка ми помлада од мене неколку години, што е вообичаена изместена ситуација произлезена од воспоставените навики на предвоените семејства, каде што женските деца ги мажеа млади, а за машките младоста многу подолго потрајуваше за да се „навикнат“ на животот и да си ја „обезбедат“ иднината. Иако во случајот со вујко Славе, татко ѝ на Лидија, причините за задоцнувањето на женидбата беа поинакви. Славомир Сечков, вујкото на татко ми, го запознав во неговите доцни педесетти.

По изгледот, фризурата и мимиката ми личеше многу на Џејмс Кегни, јунакот во гангстерските филмови „Државниот непријател“, „Малиот Цезар“ и „Ангелите со гарави лица“, кои татко ми ги гледал пред војната во кината „Балкан“ и „Култура“, а чии репризи ги дочекав, триесетина години подоцна, во неговата „Култура“ или… тоа можеби беше некаде, во некое друго кино. Кога се сеќавам на летните отворени кина во Охрид, Дубровник, Варна, веднаш на големото платно, заедно со сцените со Клерк Гебл и Ерол Флин, го гледам Кегни како им удира шлаканици на своите филмски партнерки, а тие уште повеќе се вљубуваат во него. И многу ми е лесно да го споредам вујко Славе со Кегни, зашто не само што имаа многу слични физиономии, раст и говор на телото туку, како и во гангстерските филмови, и гордоста на вујко ми мораше во животот да претрпи шок-терапија. Што е тоа што толку го измести згодниот и темпераментен македонски Кегни? Не го застрашија ноќните рации меѓу двете војни, претепувањата од џандарите, по кои крвав ќе го исфрлеа пред портата на Кукушка 17. Не, тој млад адвокат, жилав предвоен комунист, ги издржа сите полициски мачења и потоа партизанските голготи, за победнички да маршира низ плоштадот по ослободувањето на градот. Но на информбировското прашање го даде погрешниот одговор и заврши на Голи Оток.

Цели шест години. Дали таму, во долгите години голооточки ужаси, страдал заедно со човекот поради кој татко ми беше и истеран од гимназијата? Дали дробеле камен еден покрај друг? Дали морале да го поминат ужасниот пречек од другите робијаши наредени во шпалир? Веројатно да. И дали такви обезличени, обесчовечени, имале шанса да разменат некој збор и дали Славе Сечков му кажал на Венко Марковски дека му е вујко на Светислав Прокопиев? Сигурно не. Во еден свој младешки расказ, „Случајот Горчин“, се обидов да го отсликам онаков каков што го запознав, во ликот на Горчин, бивш голооточки маченик: „…Но, кутриот, беше сосема изместен. Почна да ја бои седата коса. Со коса црвеникава како перика и темни очила, постојано купуваше плочи во музичкиот магазин… По Голи Оток, му се смачи и политиката, и сиот јавен живот. Во затемнетата соба, со спуштени ролетни, го пушташе грамофонот. Замислувам, понекогаш потпевнувал со плочата, но најчесто само слушал, давајќи такт со прстите по ноќното масиче. Веќе имаше една од најбогатите скопски дискотеки, главно со класична музика, иако ги купи и сите џезерски и шансониерски плочи кои можеа да се најдат…“. Во такво расположение и атмосфера, вујко Славе доживеа релативно длабока старост. А тато почина релативно млад, во својата 58 година, сѐ уште со младешка острина на мислата и неиздржливи болки во телото. Не беше фер да го напаѓаат тие огромни болки, беше насобрал доволно горчливи искуства и притисоци за да постигне душевна зрелост пред многумина од неговите врсници. А притоа да не ги загуби патем радоста и жедта кон животот, што се читаше од неговите костенливи очи: Сѐ уште сакам да доживувам! Сѐ уште сакам да учам! Неговата учтивост не беше конвенционална, неговото љубопитство не беше учтиво.