На списокот на „Архитектура и дизајн“ крушевскиот споменик е рангиран на 4-то место. На првото е зградата позната како „Потеклото на жирафата“ што се наоѓа во Париз, Франција. Тука се и „Дубајската рамка“, „Атомиумот“ во Брисел, индиската „Риба“, кинеската „Ванда“ и др.

Споменикот „Илинден“ или познат како „Македониум“ се најде меѓу десетте најчудни или најуникатни градби во светот на листата што ја состави престижниот австралиски веб-сајт „Архитектура и дизајн“.
– Дизајниран од Јордан и од Искра Грабулоски изграден е во 1974 година, овој споменик е посветен на борците и револуционерите од Илинден и НОБ на Македонија. Во споменикот се наоѓаат гробот на Никола Карев и бистата на најпознатиот македонски пејач Тоше Проески – пишуваат од магазинот.
Споменикот „Македониум“ е комплекс што се наоѓа во Крушево. Бил откриен на 2 август во 1974 година, на денот на триесетгодишнината на заседанието на АСНОМ и 71-годишнина од Илинденското востание. Споменикот е дело на Јордан Грабулоски и на Искра Грабулоска. Симбол е на непокорноста, борбата и вечниот стремеж на македонскиот народ за слобода и самостојна држава. Се протега на 12 хектари и формата почнува со раскинати пранги, продолжува преку криптата и колоритно-мозаичната керамопластична сцена, па завршува со купола извишена 1.320 метри надморска височина, од каде што се протега извонреден поглед кон градот Крушево. Внатрешноста на куполата импресионира со своите релјефи, витражите со вечниот пламен и звуците на ораториумот „Сонце на прастарата земја“ од Тома Прошев. Денес во самата купола се наоѓа гробот на Никола Карев. Споменикот успешно му одолева на забот на времето, а врз него веќе се направени неколку интервенции, меѓу кои и врз керамопластичната декорација, лично од уметникот Петар Мазев.

На списокот на „Архитектура и дизајн“ крушевскиот споменик е рангиран на 4-то место. На првото е зградата позната како „Потеклото на жирафата“ што се наоѓа во Париз, Франција. Објектот е завршен во 2012 година, а служи како центар за грижа на деца. Се состои од повеќе скулптури на животни, меѓу кои е и масивната жирафа што шета пред самата зграда. Според архитектите, идејата што стои зад претставувањето на животинските скулптури е да се поттикне имагинацијата на децата што го посетуваат центарот.
Понатаму е едно од архитектонските обележја на Дубаи, Обединети Арапски Емирати, познато како „Дубајска рамка“, најголемата рамка за слика висока 150 метри и широка 105 метри. Архитектот Фернандо Донис сметал дека наместо да изгради уште една монументална зграда во Дубаи, понеобично би било да создаде рамка што ќе ги опфати постојните објекти и ќе ги поврзе минатото, сегашноста и иднината на градот. За објектот е врзана контроверзијата дека Донис бил избран како победник на конкурсот за дизајн на Владата на Дубаи, но дека не добил никаков договор ни компензација по изградбата на зданието.

Меѓу најчудните градби е и „Атомиумот“ во Брисел, Белгија, првично конструиран за Светскиот саем во Брисел во 1958 година. Зградата има необична структура, се состои од девет челични сфери, од кои шест се достапни за јавноста. Објектот го има најбрзиот лифт на сите времиња. Денес служи како музеј.
Огромната зграда во форма на риба во Хидерабад во Индија го има петтото место на сајтот за архитектура и дизајн. Седиште е на Националниот борд за развој на риболовот, изградена е во 2012 година, а инспирирана е од познатата зграда „Риба“ на славниот Френк Гери во Барселона.
„Ванда“ – културниот изложбен центар за туризам во Вукси, Кина е џиновска зграда со ротациска структура, која служи истовремено како брза железница и воден парк.
„Коцкестата куќа“ во Ротердам, Холандија е дизајнирана од архитектот Пит Блом, а се состои од сет наведнати куќи, а се базира на концептот на „живеење како на урбан покрив“. Коцките на конвенционалните куќи се наведнати за 45 степени и формираат хексагон. Целта на овој дизајн е да се оптимизира просторот.

„Куќата на танцот“ во Прага, Чешка, исто така се најде меѓу најуникатните градби во светот. Дизјанирана од Владо Милуниќ во соработка со Френк Гери во 1992 година и завршена во 1996 година. Служи како зграда на „Национале Нидерланден“, холандската компанија за осигурување. Градена е во стилот на т.н. нов барок, била контроверзна во времето кога е направена затоа што целосно отстапува од зградите во барок, готика и арт нуво по кои Прага е позната.
„Шарп центарот за дизајн“ во Канада е дел од Колеџот за уметност и дизајн во Онтарио. Објектот се состои од правоаголна структура поставена 26 метри над земја и потпрена на 12 челични столба. Зградата ги надлетува најстарите згради на кампусот и е поврзана со постојната зграда со лифт и со скали.
Зградата „Селфриџис“ во Бирмингем, Англија, е обележје на градот. Се состои од челични рамки и бетонска фасада. Завршена е во 2003 година и оттогаш важи за архитектонска икона на Бирмингем.