Во малиот салон на галеријата „Ко-ра“ во Скопје, во тек е заедничка изложба на Марија Светиева, на која се изложени графики, и на нејзиниот син Виктор Бранѓолица, кој се претставува со фотографии и плакати.
Двојната изложба е насловена „Крик на природата“, а на отворањето, Виолета Калиќ, историчарка на уметноста, посочи дека „искусната уметница Марија Светиева и младиот графички дизајнер и фотограф Виктор Бранѓолица творат една хармонизирана целина што се дополнува со евидентно артикулиран ангажман, со ликовно изградена естетика“.
Светиева работи како самостојна уметница и досега реализира 49 самостојни изложби во земјата и надвор, а учествувала и на над 290 групни изложби. Добитничка е на 17 награди од национален и интернационален карактер дома и во Франција, Италија, Шведска и во Јапонија. Виктор Бранѓолица од најрана возраст ја развива својата дарба и љубов кон уметноста, а образованието го дополнува и на Европскиот универзитет за уметност и дизајн како графички дизајнер. Учествувал на повеќе групни изложби.