Работел и како театарски сценограф и костимограф. Бил ѕвезда на Ворхоловиот филм „Јади“ (1964 г.) на кој 45 минути јаде една печурка, а една година претходно Ворхол го направил четириминутниот нем филм „Боб Индијана Етц.“

ЉУБОВ: Американскиот уметник на поп-артот, Роберт Индијана, најпознат по својата серија скулптури направени од буквите ЛОВЕ (љубов) почина неодамна во својот дом во близината на брегот на Мејн во 90-та година. Неговиот адвокат Џејмс Бранан рече дека Индијана починал од респираторен застој во својот дом во некогашната куќа на еден монашки ред на островот Виналхејвен каде што живееше повлечено од јавноста уште од 1978 г.

ИЗОЛАЦИЈА: Само ден претходно, компанијата што со години работеше со Индијана поднесе тужба против соперничкиот продавач на уметнички дела и негувател на Роберт поради наводното изолирање на уметникот и печатење неавторизирани репродукции на неговото дело. Кетлин Роџерс, пријателка на Роберт и поранешна публицистка, изјави дека била толку загрижена што тој не ѝ се јавува поради што пред шест недели ги алармирала здравствените служби во Мејн. Низ солзи рекла дека не сака уметникот да се памети по тоа што се отуѓил од пријателите и го затворил ателјето.

ИЗЈАВА: Беше подобра личност од она како беше претставен во јавноста. Беше повлечен, зајадлив и тежок, но беше верен, прекрасен човек. Беше архитект на љубовта, изјави Роџерс по неговата смрт.

ЛИЧНА КАРТА: Индијана е роден како Роберт Кларк во 1928 г. во Индијана. Живеел во сиромашно семејство што се селело еднаш годишно. Родителите му се развеле кога бил тинејџер. Студирал уметност во Чикаго, Мејн и во Единбург. По враќањето во САД од Шкотска во 1954 г. почнал да живее во Њујорк.

ДЕЛА: Неговите дела често се состојат од смели, едноставни, впечатливи слики од кратки зборови, како што се EAT (јади), HUG (прегратка), DIE (умри) или веќе споменатиот LOVE (љубов).

ПРЕСВРТНИЦА: Пресвртница во неговата кариера се случила во 1964 г. кога архитектот Филип Џонсон го нарачал знакот EAT за павилјонот на државата Њујорк на Светскиот саем таа година во Њујорк. Меѓу неговите најпознати дела се сликањето на кошаркарскиот терен за Милвоки со буквата М преку половина терен, скулптурата во лобито на зградата „Тајпеј 101“ наречена 1-0 (од 2002 година) со разнобојни бројки, кои ги навестуваат светската трговија и шаблоните на човековиот живот, како и делата создадени по 11 септември 2001 г. кои ги нарече мировни слики. Помеѓу 1989 и 1994 г. Индијана насликал низа од 18 платна инспирирани од облиците и бројките на воените мотиви на сликите на Марсден Хартли настанати во Берлин помеѓу 1913 и 1915 г.

ЅВЕЗДА: Работел и како театарски сценограф и костимограф. Бил ѕвезда на Ворхоловиот филм „Јади“ (1964 г.) на кој 45 минути јаде една печурка, а една година претходно Ворхол го направил четириминутниот нем филм „Боб Индијана Етц.“

ПРИЗНАНИЕ: Признал дека серијалот „LOVE“, работен во црвена, сина и во зелена боја и масовно произведуван како постер, маица, дури и како официјална поштенска марка за Денот на вљубените во 1973 година, за што добил илјада долари – му донел лоша репутација меѓу колегите уметници.

– На некој начин Индијана е сметан за чудо за еден ден бидејќи „Љубов“ му беше неизмерно познат во поп-културата и сосема засени некои негови други дела – изјави Ден Милс, директор на Уметничкиот музеј на колеџот „Бејтс“ во Мејн.

ИНТЕРПРЕТАЦИЈА: Максвел Андерсон, поранешен директор на музејот во Индијанаполис и Далас смета дека „Љубов“ би требало да се стави во поширок политички контекст како производ на шеесеттите. За да бидеме доследни во намерите на уметникот, овој серијал треба да се гледа во однос на антивоеното движење, а не како налепница за автомобил.

КАРАКТЕР: Индијана толку копнеел по самотија што не се појавил ни на приемот кај претседателот Барак Обама во Белата куќа, иако по примерот на „Љубов“ направил слична скулптура „Надеж“ во чест на Обама и целиот приход од продажбата на стоката со тој знак ја подари на неговата кампања. Собрани се околу милион долари. Еднаш ја натерал екипата на Ен-би-си да чека со денови пред неговата куќа за да им даде интервју, а во 2014-та разочара неколку обожаватели не појавувајќи се пред својата куќа на настанот наречен Меѓународен ден на надежта, инспириран од неговата креативност.