Велика Британија се соочува со културна катастрофа и загуба на повеќе од 400.000 работни места како резултат на пандемијата на коронавирусот, предупредуваат лидерите од индустријата. Истражувањата за проекти на „Оксфорд економикс“ предвидуваат дека креативните индустрии годинава би можеле да загубат приход од 74 милијарди фунти.
Во извештајот, кој се осврна на влијанието на пандемијата врз индустриите, вклучувајќи музика, филм, ТВ, театар, архитектура, издаваштво и галерии и музеи, се вели дека креативниот сектор ќе биде погоден двојно посилно од пошироката економија.
Влијанието на карантинот веќе се чувствува низ цела Велика Британија и „Федерацијата за креативни индустрии“ соопшти дека културниот сектор е на „работ на уништување“. Пред пандемијата, индустријата беше многу здрава, вработувајќи повеќе од два милиони луѓе и придонесуваше 117,7 милијарди фунти кон економијата во Велика Британија.

– Овие се индустриите на иднината – високоиновативни, отпорни на автоматизација и интегрални во нашиот културен идентитет. Ќе ни бидат потребни повеќе од кога и да било. Нашите креативни индустрии беа една од најголемите успешни приказни во Велика Британија, но она што го објаснува денешниот извештај е дека без дополнителна поддршка од Владата, ние се движиме кон културна катастрофа. Ако ништо не се стори за ова, илјадници светски креативни бизниси ќе ги затворат своите врати, стотици илјади работни места ќе пропаднат и нашата економија ќе изгуби милијарди. Реперкусиите ќе имаат катастрофален и неповратен ефект врз нашата земја – изјави извршната директорка Каролин Норбери.

Моменталниот извршен директор на „УК мјузик“, Том Кил, вели дека од година на година, музичката индустрија во Велика Британија е докажан победник за економијата, преку создавање нови работни места и експерти.
– Покрај тоа, таа влијае позитивно и на другите сектори, како туризмот. Коронавирусот го преврте нашиот свет наопаку, со катастрофални последици низ целата индустрија и пошироко. Музичката индустрија е еластична, но тоа значи да знаете кога да побарате помош. Потребна ни е помош за да ја рестартираме нашата економија, да помогнеме во зачувување на работните места и да помогнеме во одржување на основната позиција на Велика Британија како нето-извозник на музика низ целиот свет – вели Кил.

На почетокот на овој месец, музичкиот фонд од 2,5 милиони фунти во готовина се испразни во рок од само пет дена, откако 3.500 луѓе аплицираа за помош.
– Станува збор за поголема, подолга криза отколку што можевме да замислиме – вели главниот извршен директор на „Хелп мјузишанс“, Џејмс Аинскоф.
Музичарите што беа на турнеи и оние што заработуваа од „тезги“ се особено погодени од карантинот, бидејќи нивната работа престана уште од средината на март. До 25 отсто од музичарите не се опфатени во владината шема за поддршка на хонорарците и немаат друг извор на приход за време на карантинот.