„Пет става во дур“ е насловот на претстојниот концерт на Македонската филхармонија, кој ќе се одржи в четврток, на 28 февруари, во 20 часот. На последниот концерт на Македонската филхармонија овој месец, како солист ќе настапи Андреј Гугнин, еден од најдобрите руски пијанисти од новата генерација музички уметници.

Повеќенаградуваниот Гугнин, кој критиката ќе го нарече пијанист со брилијантна техника, музичка сензитивност и драматична интерпретација, за македонската публика ќе го изведе елегичниот Концерт за пијано и оркестар бр. во 2 A-дур од унгарскиот композитор Франц Лист.

Диригент на концертот е врвниот маестро Даниел Рајскин од Русија, а оваа вечер ќе бидат изведени и, првпат во Македонија, „Марошек танците“ од Золтан Кодај, како и Третата симфонија од Петар Илич Чајковски насловена „Полска“, која е единствената симфонија на Чајковски со пет наместо вообичаените четири става, од каде што доаѓа и насловот на концертот „Пет става во дур“.

Андреј Гугнин се смета за еден од најдобрите руски пијанисти од новата генерација музички уметници, кој студиите ги завршил на Државниот конзерваториум во Москва, а продолжил на Интернационалната пијано-академија на езерото Комо во Италија. Го паметиме неговиот настап во 2012 година на фестивалот „Охридско лето“ заедно со Македонската филхармонија. Следуваат негови настапи во Европа, Азија и во Австралија.

Маестро Даниел Рајскин (1970), син на познат музиколог, пораснал во Санкт Петербург каде што музиката одиграла важна улога во неговиот живот. Неговите ангажмани како гостин-диригент се многубројни, патувајќи низ Европа и Азија.

Рајскин соработува со врвни уметнички имиња какви што се Иво Погорелиќ, Џулијан Рахлин, Миша Мајски, Ланг Ланг, Мидори, Даниел Милер-Шот…